Што ја очекува Македонија по одржувањето на референдумот закажан за крајот на септември, на кој граѓаните треба да се изјаснат за спогодбата со Грција од Нивици. Како ќе реагираат политичките партии доколку на референдумот мнозинството граѓани гласаат „за“, односно „против“ и кои ќе бидат постреферендумските сценарија за иднината на земјава кон ЕУ и НАТО доколку успее или не успее референдумот се дилемите што се актуализираа периодов, само десетина дена до одржувањето на закажаното референдумско изјаснување на граѓаните. Познавачите на состојбите сметаат дека опозицијата нема некаков конкретен план Б и разработено сценарио како ќе продолжи да дејствува политички по конечниот биланс за референдумот, анализирајќи ги притоа изјавите на лидерот на опозицијата дадени за време на кампањата. Во истиот момент тие, пак, сметаат дека релациите власт – опозиција, доколку е успешен референдумот, нема да се заострат до голема мера, бидејќи тоа до некаде ѝ одговора и на опозицијата, зашто товарот и одговорноста за евентуалната промена на Уставот и уставното име ќе ѝ припаднат на власта.
А доколку, пак, не биде успешен, според експертите се можни помасовни антивладини протести, речиси извесно предвремени избори, реторички тензии, како и одолжување на евроатлантските интеграции и нови поделби на општеството. Опцијата нови избори е можна и доколку успее референдумот, што ќе ѝ даде поттик на владината коалиција да ја валоризира таа поддршка и на избори и да го зголеми мнозинството во Собранието.
Вака накратко аналитичарите прогнозираат што би се случувало по 30 септември во двете варијанти: успешен и неуспешен референдум.
За политичкиот експерт и комуниколог Петар Арсовски резултатите од референдумот по 30 септември, без оглед какви и да се, ќе бидат обврзувачки кон политичките партии во смисла на политички притисок наметнат од меѓународниот фактор како да се спроведе докрај спогодбата со Грција.
– Мислам дека една од главните психолошки метаконструкции во овој момент е дали ќе се постигне цензусот на референдумот. Резултатите многу ќе влијаат на политичката атмосфера во земјава по неговото одржување. Поточно, билансот од референдумот, иако лично мислам дека тој ќе успее, судејќи по анкетите, кои го потврдуваат ова мое мислење, ќе се префрли како политички притисок за ратификација на договорот со Грција во Собранието. Тука притисокот ќе се зголемува кај партиите, но не и кај граѓаните, од страна на меѓународниот фактор, со што јасно ќе им биде кажано дека единствено преку ратификација на договорот земјава ќе може да го продолжи својот пат кон ЕУ и НАТО. Во исто време морам да нагласам дека неуспевањето на референдумот може да придонесе и до поголема поделба кај граѓаните, бидејќи јазот од невлегувањето на нашата земја во НАТО и во ЕУ ќе се зголеми, а тоа не е добро за земјава, демократијата и нејзиниот национален интерес – вели Арсовски.
Комуникологот дополнува дека претстојниот референдум дозволува еднаквост помеѓу недостиг од цензус и мнозинство против, ги изедначува, и така оние што се противници на договорот имаат двојно повеќе шанси да успеат на референдумот отколку оние што се поддржувачи на договорот, и покрај тоа што поддржувачите можеби се мнозинство во овој момент.
Најдобро сценарио за намалување на тензиите и меѓу власта и опозицијата и општеството, според политикологот Милан Стефановски, е референдумот да биде успешен, иако тој лично не се согласува во целост со наметнатиот договор со Грција.
– Ваквиот исход е единствен начин и пратениците што досега опонираа на договорот да прифатат гласање на уставните измени, како што и во неколку наврати директно или индиректно беше кажано дека ако волјата на мнозинството е јасно изразена на референдум, би требала да биде преточена во поддршка за уставни промени – објаснува Стефановски.
Според него, и ако е успешен референдумот, може да се очекуваат предвремени избори, оти, како што вели тој, Зоран Заев во тој случај ќе посака да си го зголеми мнозинството. Од друга страна, Стефановски дополнува дека единствено ако на референдумот мнозинството гласаат „против“, тој ќе може да се смета за неуспешен и исто така ќе бидат неопходни предвремените избори. Истовремено, во таков случај во Македонија би следувал турбулентен период на внатрешна политичка сцена, како и на надворешна, но, начелно, ништо битно нема да ѝ се случи на државата во поглед на нејзиното опстојување.
Во меѓувреме, на две недели до референдумот, власта продолжува со кампањата за гласање на референдумот најмногу преку одржување трибини со граѓаните, а засилена кампања има и неформалната група што повикува да се бојкотира изјаснувањето на 30 септември.
Премиерот Зоран Заев, убеден во поддршката на граѓаните, вели дека веднаш по референдумот на 30 септември ќе започне да се работи на уставните измени што произлегуваат од договорот од Преспа. Освен замена на Република Македонија со Република Северна Македонија, ќе има промени и на преамбулата и членовите 3 и 49 како дел од обврските што произлегуваат од договорот со Грција. Од друга страна, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во своите митинзи со граѓаните изјави дека ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна, а ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува тоа и ќе се приклучи за уставните измени што ќе бидат потребни со двотретинско мнозинство во Собранието. Во однос на референдумот, тој го повтори партискиот став дека секој треба самостојно да одлучи, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е за интеграција во ЕУ и во НАТО, но е против договорот за името со Грција.
Последниот потег, сепак, е на Грција
Во контекст на дилемите што се наметнуваат во нашата јавност на само десетина дена од одржувањето на референдумот и подоцна резултатите од него, се наметнува уште едно прашање, а тоа е дали, и покрај нашата завршена задача со промена на Уставот, името и сѐ што произлегува од договорот од Нивици, Грција ќе си ја заврши својата работа. Можно ли е Грција да не го ратификува договорот во тамошниот парламент, со оглед на тоа дека следната година во земјата претстојат избори, а рејтингот на партијата на Ципрас е во опаѓање. Доколку се оствари ваквото сценарио, паѓа во вода целиот наш ангажман, а Грција се става во повторна улога на наш „кадија“, кој ја спроведува народната изрека „кадија те тужи кадија те суди“.