НОВИНАРСКИ ОСВРТ НА МОДЕЛИТЕ ЗА ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР (1)
Поради големото значење на реформите од областа на безбедноста и високиот степен на јавен интерес за претстојните системски промени од оваа област, „Нова Македонија“ со свој осврт во неколку продолженија ќе се обиде на читателите што поедноставно и појасно да им го презентира процесот на реформите на разузнавачките и безбедносните служби и ќе се обиде да ги посочи најголемите предизвици пред кои се наоѓа безбедносниот сектор на државата во овој момент. Во својот осврт, весникот користи размислувања на видни безбедносни аналитичари, универзитетски професори, правници и поранешни високи државни функционери од оваа област
Прашањето за реформата на разузнавачките и безбедносните служби сѐ уште е еден од главните приоритети, а реструктурирањето на самиот безбедносен апарат на Македонија доаѓа како резултат на препораките на експертската група на Рајнхард Прибе. Според нив, резултатот на реформите треба да обезбеди минимален ризик или да нема ризик од злоупотреби со висока ефикасност во соодветните истражни постапки. Наедно, системот треба да се реструктурира во насока на децентрализација, деполитизација и деконцентрација на безбедносната моќ и дејствувањето на службите. Во овој контекст, за обележување е фактот дека месецов, со формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), практично беше остварен и иницијалниот исчекор за реформа на разузнавачките и безбедносните служби.
Токму директорот на УБК, Горан Николовски, беше исклучително педантен во својата експликација за процесот на реформи, кои, според него, треба да се спроведат во пет чекори.
Имено, според него, првиот бил веќе завршен со формирањето на ОТА и промените во системот за следење на комуникациите. Тој истакна дека следува вториот чекор, кој предвидува детално да се претресат моделите за статусот и реструктурирањето на УБК, по што ќе следува прифаќање на најдобриот модел, кој ќе отсликува една демократска, професионална и деполитизирана институција во делот на безбедноста. Третиот чекор на реформи, според директорот на УБК, Николовски, се однесува на координацијата, за кој тој посебно подвлече дека, сам по себе, е најсензитивен.
– Најголем проблем во државата е координацијата на разузнавачко-безбедносниот систем. Немаме формална координација. Тоа што го правиме сега е договор меѓу институциите. Треба да формираме формално тело за координација, кое ќе ги координира и раководи службите што се дел од разузнавачко-безбедносната заедница – рече директорот.
Четвртиот чекор, според директорот на УБК, е всушност дефинирањето на улогата на претседателот во целиот безбедносен систем. Крајниот, односно петтиот, пак, е поврзан со носење закон за безбедносната заедница, кој ќе треба конкретно да ги дефинира мандатите и полето на дејствување на секој ентитет поединечно.
Универзитетскиот професор и претседател на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев, кој е дел и од граѓанскиот сектор поврзан со надгледувањето на процесот со реформата на разузнавачко-безбедносниот систем, вели дека актуелните случувања се обемни и комплицирани, а реформата што е замислена да се спроведе, за жал, е далеку од готова и би требало да потрае подолго време, и покрај инсистирањата на државата сето да се заврши во најкраток можен рок.
– Во моментов кога ќе се спомне токму оваа тема, јас добивам впечаток дека во јавноста немаат баш сите јасен концепт за што се дискутира во врска со оваа проблематика и за што практично се работи во реформите. Според мене, во моментов се разговара за спроведување реформи во дејствувањето на разузнавачките и безбедносните служби што не се докрај прецизирани во две посебно различни дејствувања на овие институции. Засега, на една страна се говори за спроведување реформи што се однесуваат на изборот на модел преку кој ќе дејствуваат службите и кој најмногу ќе ѝ одговара на државата. Имајќи на ум дека сме мала земја и финансиите за спроведување на тоа чинат многу, а, од друга страна, истовремено се дискутира и за реформи, кои, пак, целат на ефикасноста на работата на овие институции и кадровските политики – вели Калајџиев.
Преку мислењата на релевантни соговорници, ќе се даде појаснување на моделите на преструктурирањето на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) како еден од сегментите на националниот безбедносен систем
Според него, реформите што се планира да се спроведат од властите сѐ уште се нејасни и недефинирани, а тоа остава простор јавноста да се посомнева дека сето тоа е само едно прикажување на спроведување реформа, а не темелно реструктурирање.
– Од друга страна, она што е очигледно е дека во јавноста се создава перцепција дека некој стар модел на дејствување се заменува со нов, а сето тоа најверојатно ќе биде проследено со носење посебен закон на ова поле – вели професорот.
Слично размислува и безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, кој оценува дека реформите треба систематски да се спроведуваат, за да можат темелно да го опфатат безбедносниот апарат. За да се спроведе сето тоа, потребно е во овој процес да се вклучат размислувањата, но и знаењата, на нашата безбедносна заедница и образовна елита. Аналитичарот го поздравува процесот поврзан со реформите во безбедносниот апарат, но додава дека во овој момент е потребно што потранспарентно продолжување на овие дискусии и дебати, кои истовремено треба да се доближат до јавноста, за да се направи сеопфатна анализа, која ќе даде успешно решение и консолидација на целокупниот безбедносен систем на Република Македонија.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, верува дека во процесот на спроведување на реформите треба големо внимание да им се посвети на кадровските прашања во дејствувањето на службите. Според него, неопходно е да се изврши филтрирање на кадрите и преку тој чин да се зголеми нивото на професионализација и департизација на вработените во разузнавачките и безбедносните служби како Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Агенцијата за разузнавање (АЗ) и Военото разузнавање.
Истражувачката за безбедносни прашања на „Аналитика тинк-тенк“, Магдалена Лембовска, коментирајќи ги овие случувања, вели дека, со оглед на тоа дека во моментов се работи за една од клучните реформи за државата, предност во реформите треба да се даде на наоѓање на најоптималното решение што ќе биде одржливо за Македонија и сето тоа да резултира со ефикасна и професионална служба, која ќе дејствува во согласност со националните интереси.
ПРОДОЛЖУВА
(Плусовите и минусите на трите предлог-модели за реформа на УБК)