Фото: Маја Јаневска-Илиева

Германија шеснаесет години е прв и најголем економски партнер на Македонија. Во сферата на политиката, влијанието и зборот на Германија секогаш имале посебна специфична тежина, па очекувањата на Македонија и во таа насока се големи, за одблокирање на патот за нашата евроинтеграција. Што може да очекува Македонија по изборите во Германија, пред сѐ на планот на економијата и политиката?

Германските избори и рефлексиите врз нашата земја

Политичката битка за преземање на управувачката палка во Германија, но индиректно и во ЕУ, е во полн ек, а од политичката сцена заминува една од веројатно највлијателните светски политичарки Ангела Меркел. Во текот на нејзината долга кариера, канцеларката Меркел стана една од најискусните и највлијателни европски лидери, која беше вклучена и во редица актуелни прашања и случувања поврзани и со нашата земја на полето на меѓународната политика и нашите евроинтеграции.
Сега, по изборите, нејзиниот наследник ќе ги гради релациите со целиот свет, во кој се вбројува и нашата држава. Што може да очекува Македонија во периодот по Меркел на полето на политиката, евроинтеграциите, но и економијата, со оглед на фактот што Германија е меѓу нашите најголеми трговски партнери, со која имаме голема економска размена? Но и во сферата на политиката, влијанието и зборот на Германија секогаш имале посебна специфична тежина, па очекувањата на Македонија се исто така и во таа насока, за одблокирање на патот за нашата евроинтеграција.
„Нова Македонија“ се обиде да даде одговор на сите овие прашања, кои добиваат на актуелност во домашната јавност.
Имено, Сојузна Република Германија шеснаесет години е прв и најголем економски партнер на Македонија. Во првите седум месеци од 2021 година, трговската рамена меѓу двете земји изнесува 3,01 милијарди американски долари и се бележи раст од 55,7, односно споредено со истиот период во 2020 година, кога размената изнесувала 1,93 милијарда долари.

Натаму, македонскиот извоз во првите седум месеци од годинава, според статистичките податоци, изнесува 2,3 милијарди долари, а овој процес бележи зголемување од 59,2 проценти во однос на истиот период лани. Увозот на германски производи на домашниот пазар во истиот период изнесува 682,3 милиони американски долари и тој исто така бележи зголемување од 44,8 проценти споредбено со истиот период од 2020 година. Според расположливите статистички податоци, во трговската размена меѓу двете земји е остварен суфицит од 1,6 милијарда долари, кој во однос на минатата година е намален за 66,07 проценти.
Од друга страна, дипломатско-политичките релации меѓу двете земји бележат позитивен тренд. Германија е еден од најсилните поддржувачи на земјата за наше членство во ЕУ, а официјален Берлин е и најсилен критичар на Софија во спорот што нашата земја ја држи надвор од членството во Унијата. Голем дел од политиката на Ангела Меркел се базираа на поддршка на системот на владеење познат како стабилократија кон Балканот. Прагматичните политики нудеа решение на билатерални и регионални спорови и го одржуваа во живот проевропскиот реформски процес во целиот регион и во нашата земја. Каков курс ќе заземе Германија сега, по заминувањето на Меркел, и кои би можеле да бидат рефлексиите врз Македонија?


Економското и трговско динамо нема да стивне

Професорот и член на МАНУ Абдулменаф Беџети во изјава за „Нова Македонија“ подвлекува дека економските врски помеѓу Македонија и Германија, по ерата на Ангела Меркел, е можно дури и да напредуваат и да прогресираат и повеќе отколку што беше случај досега.
Според академикот Беџети, германското стопанство регистрира импресивен раст на трговијата со земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои се вбројува и нашата држава. Тој додава дека по кризната 2020 година, кога имаше пад по сите основи, закрепнувањето годинава се одвива со забрзано темпо, а со тоа е и стабилна вкупната трговска размена со Македонија.
– Според процените, во зависност кој ќе го преземе кормилото во Германија, би можело да се очекува економските врски, кои се градат повеќе од 20 години, да пораснат, особено ако наследникот на Меркел дојде од редовите на нејзината партија. Лице што би можело да ја превземе управувачката палка е Олаф Шоулц, кој досега беше и министер за финансии и вицеканцелар – вели Беџети.

Академикот забележува дека трговската размена со Германија прогресира, а нашиот извоз е структурален и приспособен кон растечките потреби на германскиот пазар.
Беџети додава дека е можно, но и нормално, да се очекуваат одредени промени на Германија кон Македонија, но пред сѐ на политичко поле.
– Во зависност од тоа кој ќе седне на столот на Меркел, би било логично да се очекува одредена промена во курсот кон Македонија, во делот на поддршката на Берлин кон нашето членство во ЕУ, берлинскиот процес за земјите од Западен Балкан или, пак, одредена поддршка или дистанцирање кон проектот „Отворен Балкан“. Пред сѐ, според мене, најверојатно, по ерата на Меркел, најголемите политички промени Европа би можела да ги очекува најмногу во сферите на дејствување на самата Европска Унија – резимира Беџети.


Берлинска принципиелна политичка традиција

Македонскиот дипломат Драган Јањатов во својот осврт на актуелните случувања констатира дека тој не очекува голема промена на курсот на политичките релации меѓу Македонија и Германија.
– Берлин има своја традиција на практикување на политики што се принципиелни и тие во суштина не се разликуваат многу од лицата што ги прокламираат или, попрецизно кажано, од политичарите што ги практикуваат – вели Јањатов.
Тој подвлекува дека, сепак, може да се очекува разлика само во динамиката по која се спроведуваат политиките кон Македонија, во зависност од тоа кој ќе ја наследи Меркел и кои цели на Германија кога се гледа кон Македонија би имале примат.
Сличен став со Јањатов има и универзитетската професорка Биљана Ванковска, која во своја колумна за „Нова Македонија“ пишува дека духот на Ангела лебдеше и над т.н. Западен Балкан, а ние никогаш нема да ја заборавиме нејзината прва и единствена посета – во пресрет на референдумот за Преспанскиот договор.

– Мнозина мислеа дека е тоа лидерот на ЕУ што доаѓа да ја охрабри земјата и да вети светла европска иднина, заборавајќи дека Меркел отсекогаш била првенствено лидер на германската мека (економска) империја и претставничка на членка на НАТО – оценува професорката.
Според Ванковска, на прашањето што за нас значи смената во Берлин, одговорот е едноставен: Ништо!
– Големите и моќни земји, како САД и Германија, имаат само трајни национални интереси, без оглед дали на нивно чело е налудничав тип како Трамп или сенилен старец како Бајден (со минато на милитантен јастреб), или е тоа разумната и спокојна Меркел или некој нов канцелар чие име допрва ќе треба да го учиме – поентира Ванковска.

[email protected]