Поради тежината на историскиот момент и последиците што би паднале врз македонскиот народ и држава, од евентуална избрзана и недоволно промислена одлука, и водејќи се, пред сѐ, од интересот на јавноста, „Нова Македонија“ одлучи да понуди неколку укажувања до нашиот премиер пред средбата со Ципрас. Тие се сублимирани становишта во форма на научноисториски поткрепени факти и потточки како и правно фундирани аргументи, кои во моментов се најзначајни да се истакнат и, секако, да се земат предвид
Денес во Софија, на мaргините на самитот помеѓу ЕУ и Западен Балкан, треба да се случи и долгонајавуваната средба на премиерите на Македонија и на Грција. Средбата одамна доби префикс на историска поради очекувањата дека токму на неа може да падне и одлука за надминување на долгогодишниот наметнат спор за името од страна на Грција. Неодамна и македонскиот премиер Зоран Заев лично изјави дека штом јавноста ќе слушне дека е договорена средба со Ципрас, тоа значи дека преговорите се при крај и може да се очекува решение. Оптимизам шири и Брисел чии клучни играчи ќе бидат денес во Софија во улога на поттикнувачи на можното решение. Поради тежината на историскиот момент и последиците што би паднале врз македонскиот народ и држава од евентуална избрзана и недоволно промислена одлука и водејќи се, пред сѐ, од интересот на јавноста, „Нова Македонија“ одлучи да понуди неколку суштински укажувања до нашиот македонски премиер пред средбата со Ципрас. Тие ставови се во форма на научноисториски поткрепени факти како и правно фундирани аргументи, кои сметаме дека во моментов се најзначајни да се истакнат.
Бр. 1
Правото да се викаме Република Македонија го објасни како такво уште и Бадентеровата комисија, која од земјите на некогашна СФРЈ единствено за Македонија и за Словенија дава позитивно мислење дека ги исполнуваат условите да формираат своја држава. За оние што не знаат, или подзаборавиле, да напоменеме дека членови на Бадентеровата комисија тогаш беа претседателите на уставните судови на најмоќните и најголеми европски земји. Значи еден еминентен состав на врвни стручњаци од областа на правото и меѓународните односи. Оваа комисија, на чело со Бадентер, уште тогаш заклучи дека Грција нема право да се противи на терминот Македонија и нашата држава може да се именува како Република Македонија. Преку Бадентер и неговата комисија практично уште тогаш Европа нѐ призна под уставното име. Овој историски факт и податок мора да им се нагласи и повторува на Ципрас и на Нимиц.
Бр. 2
Следно нешто што може да го направи нашиот премиер Заев е на собирот во Софија да го прочита членот број 1 од во Конвенцијата за човекови права на ОН. Тој член е многу краток и гласи вака: „Сите народи имаат право на самоопределување“. Да не забораваме дека Конвенцијата за човекови права на ОН е своевиден Устав во светски рамки, кој важи за сите држави и мора сите да ги почитуваат нејзините одредби. Ако ОН така го дефинирале и прифатиле тоа, тогаш веднаш се наметнува прашањето зошто овој член не би важел и за Република Македонија, од која во процесот на разговори и со метод на притисок и уцена се бара да се откаже од своето вековно име и да се преименува. Со други зборови, зошто на македонскиот народ најбрутално му се крши правото на самоопределување и се бара од него да се прекрсти. Комисијата за меѓународно право на ООН запишала дека правото на самоопределување е универзален принцип. Сите нејзини членови изразиле мислење дека начелото на самоопределување е универзално употребливо. Овој член треба особено да му се предочи на Нимиц. Но и да се запраша да одговори дали тој излегува од мандатот и го крши меѓународното право со посредничката улога. Посредникот е само обична политичко-посредничка фигура, која ниту е, ниту пак може да биде над ОН.
Бр. 3
Предлагам на Нимиц да му се предочи и ставот на првиот посредник во спорот, амбасадорот Робин О’Нил. Еве што има кажано овој угледен дипломат. Амбасадорот О’Нил е категоричен дека уште од неговата мисија во 1992 година го имал гледиштето дека името на државата, како Република Македонија, е прашање на самите граѓани и претставува сериозна непристојност од страна на Грција да се обиде да диктира ново име, заклучил британскиот дипломат. Ако уште во 1992 година грчките барања биле оквалификувани како непристојност тогаш какви се сега?! Атина денес ултимативно уценува и со промена на устав, јазик, култура, идентитет, топоними, крштелници, венчаници… со еден збир сѐ што има македонски код и печат. Што е ова ако не целосно безумие, безгранично лудило, невиден апсурд, неправда што, за жал, се толерира. Но тоа мора еднаш да престане и истото тоа да им се каже в лице на Ципрас и на Нимиц. И тоа уште денес во Софија.
Бр. 4
Уште неколку збора за значењето на правото за самоопределување. Сите земји, целиот свет, и најголемите светски сили како САД и Русија го прифаќаат и признаваат правото на самоопределување. Дури и Грција го прифаќаа правото на самоопределување како норма јус когенс.Тогаш што всушност тие бараат од нас. Ова е прашање директно за премиерот Ципрас.
Бр. 5
Следна важна точка што треба да им се воочи и каже в лице и на Ципрас и на Нимиц е фактот дека сегашните разговори и преговори се беспредметни доколку резултираат со нешто што ќе претставува повреда на правото на самоопределување и нормата јус когенс. Во таа насока и сите досегашни идеи и предлози со разни придавки, додавки што се разликуваат од уставното име на земјата се – кршење на меѓународното право. Оттаму и евентуалниот иден договор за ново име би бил беспредметен и ништовен бидејќи е во спротивност со меѓународното право. Нема компромис за нешто што е спротивно на меѓународното право. Нимиц како искусен правник е свесен за тоа. Токму затоа во последно време тој се дистанцира од спорот и остава преговарачите сами да нудат идеи и сами да го решаваат спорот. Во таа насока беше и документот од Атина на 20 страници што го доби Македонија како и нашиот одговор на таа нивна платформа. На крајот, Нимиц само ќе констатира дека странките сами дошле до решението и тој ќе излезе чист. Како посредник нема да си ги извалка рацете и да си го наруши угледот зашто е свесен дека целиот процес е кршење на меѓународното право. Впрочем, Нимиц и самиот, во наплив на искреност, еднаш има изјавено дека кога тој би бил на наше место никогаш не би го сменил името. И овој податок, заедно со сите претходно споменати мора да им се каже в лице на Ципрас, Туск, Јункер, Хан, Столтенберг…
Бр. 6
Општо познат факт е дека повеќе од 140 држави досега ја имаат признаено Република Македонија под нејзиното уставно име. И тоа не смее да остане премолчено во Софија. Ако треба и поименично да се споменуваат сите овие држави една по една. Списокот е долг, но фактите се тие. Пожелно е во иднина дури и на секоја манифестација, настан, самит, каде што учествува наша делегација под името на земјата да пишува – државата е признаена под уставното име Република Македонија од: и да се наредат сите 140 држави.
Грција нека измислува апсурди, но ние да се држиме до фактите, меѓународното право и вистината.
Бр. 7
Сосема за крај топло му препорачувам на нашиот премиер да ги отфрли тие притисоци, а на Ципрас и на Нимиц, како и на сите „душогрижници“ околу името да им каже и една позната англиска поговорка. Поговорката вели вака: „Дај му на будалата доволно долго јаже и тој самиот ќе се обеси“.
Можеби во нечии туѓи очи и ние изгледаме како во англиската поговорка, за самите себеси да си пресудиме и да си го ставиме јажето? Или нѐ сметаат за глупави и недоветни па се дрзнуваат да ни сервираат секакви будалаштини. Но оваа библиска земја и народ што на Европа ѝ донесоа писменост имаат и ум и знаење да отфрлат секаква јамка и замка. И тоа треба в лице да им се каже.
П.С.
Изминатиот период во јавноста проструи информација дека премиерот имал повеќе од педесетина советници. Сите тие се платени за услугите што ги даваат, иако ефектите од тоа понекогаш се слабо видливи. Искуството и историјата, пак, покажале дека најголем дел од советниците на прва кривина или при каква било опасност без размислување се дистанцираат од премиерот, го остават сам, на цедило, па знаат и да го обвинат за неговите одлуки и постапки. Овој филм сме го гледале и го гледаме и дома и во странство и тоа е факт. Но она што е наша историска должност и мисија кон јавноста и кон граѓаните како „Нова Македонија“ е сепак да укажеме на негативните последици по граѓаните и државата од евентуални лоши одлуки во однос на спорот со Грција. Зашто последиците потоа може да бидат катастрофални, далекосежни и непоправливи. Токму во таа насока се и претходните добронамерни, искрени совети, кои, меѓу другото, се и историски и правно поткрепени и го рефлектираат гласот на разумот. Во овие бурни времиња тоа ни е повеќе од потребно.