Фото: Игор Бансколиев

ИЗБОРИ ВО ЕК НА ПАНДЕМИЈА

За време на пандемијата на ковид-19, во светот најмалку 33 држави, региони и области одлучиле да спроведат различни форми на избори, гласања и референдуми. Какви заштитни мерки се презеле таму, а какви во Македонија?

По утврдувањето на датумот за избори на 15 јули интересот на јавноста е насочен кон безбедносните протоколи за заштита од ковид-19. Што предвидуваат тие и како ќе се обезбеди здравствена заштита на гласачите, но и на сите преостанати лица што се вклучени во изборниот процес во ек на пандемија? Здравствениот протокол за безбедно гласање го носи Комисијата за заразни болести.

Според министерот за здравство Венко Филипче, здравствениот протокол ги предвидува неопходните мерки за заштита на здравјето, кои треба да се спроведуваат за време на кампањата, но и за време на гласањето на изборите.
Според стручните препораки на Комисијата за заразни болести, потребни се низа мерки за самиот чин на гласање да не биде и чин за ширење на ковид-19.

Просторијата во која ќе се гласа треба да биде со отворени прозорци или да се проветрува секој час. Во неа треба да има поставено средства за дезинфекција и канта за отпадоци. Членовите на гласачките одбори и набљудувачите за време на гласањето треба да стојат на растојание од 1,5 до 2 метра, со заштитни маски и ракавици. Во просторијата ќе биде дозволено да бидат присутни најмногу онолку гласачи колку што има паравани за гласање. Според препораките, при влегување прво му се дезинфицираат рацете на гласачот. Потоа, при подавање на личната карта, се симнува накратко маската за идентификација и се стои на дистанца од членовите на избирачкиот одбор. По гласањето и по излегувањето повторно се дезинфицираат рацете. Редот за гласање се формира надвор од просторијата за гласање во согласност со безбедносните протоколи, со дистанца од два метра.

Комисијата за заразни болести предложи, а партиите прифатија за оние, пак, што ќе бидат во изолација да се примени моделот за гласање на болните и изнемоштените лица, со посета од избирачките одбори дома и асистенција од медицински тим. Во согласност со стручните препораки, извршната власт веќе даде насоки за сите гласачки места да бидат опремени со средства за заштита.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Филипче напомена дека со протоколот се дозволени митинзи со маски и задолжителна дезинфекција, а партиите ќе можат да собираат членови и поддржувачи и на отворено и на затворено за да ја водат кампањата, но ќе треба да се почитува дистанцата од метар и пол до два, да носат маски, да ги мијат или да ги дезинфицираат рацете.

Правилникот предвидува да има разгласи за озвучување на митинзите и на другите партиски собири за граѓаните да не се концентрираат на помал простор, партиите ќе можат да организираат и превоз на активисти за да ги носат од едно во друго место, но условот е покрај мерките за заштита, организирано да се превезуваат до 50 отсто помалку патници од бројот на столчиња во автобусот. Партиските карвани можат да одат од врата на врата за да ги претставуваат изборните програми, почитувајќи ги мерките за заштита, но нема да смеат да влезат во домовите на кафе или чај туку само пред врата или во двор ќе ги слушнат изборните ветувањата.

– Партиските активности во штабовите и партиските простории секогаш кога е можно да се одржуваат на отворено, а доколку се одржуваат на затворено важат сите горенаведени правила. Задржувањето во партиските простории не треба да биде подолго од два часа, по што истите тие треба да се проветруваат и да се врши секојдневна дезинфекција на просториите – информира министерот Филипче

[email protected]