Уставот на Република Македонија предвидува мандат на претседателот на државата да му даваат граѓаните на избори, врз основа на што претседателот ги црпи и својата сила, легалитетот и легитимитетот. Како една од највисоките државни фигури, претседателот на државата има свои силни надлежности во делот на надворешната политика и одбраната на државата. Од друга страна, новоспоменатата категорија консензуален претседател не само што е нова по форма туку е и целосна непознаница и од аспект на нејзината суштина, позициите и интересите што ќе ги застапува
Паралелно со роковите за промена на македонскиот устав и негово усогласување со спогодбата од Мала Преспа, и процедурата во грчкиот парламент, наближува и времето за избор на нов претседател на државата, што би требало да се случи во март или во април, наредната 2019 година.
Во актуелниов политички миг во Македонија, главниот фокус на интересот на јавноста е насочен кон процесот во Собранието за имплементација на спогодбата од Мала Преспа, но зад „отворената сцена“ во политичките партии се разработуваат идеи поврзани и со претседателските избори. Така, деновиве пред јавноста беше пласирана старо-новата идеја за консензуален претседател, а во политичките кругови се актуализираше и можноста претседател на државата да се избира во Собранието. Неодамна лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во телевизиско интервју повторно го пласира барањето на неговата партија од 2014 година за консензуален претседател.
– Секако ова е еден од ставовите што сме ги објавиле и ќе го браниме со фанатизам и ќе го промовираме на сите простори тука во Македонија. Ние сакаме консензуален претседател, да седнеме, да разговараме, да се усогласиме – рече Ахмети.
Во истата емисија Ахмети откри дека веќе има и имиња за консензуален претседател, но сѐ уште е рано да се зборува за тоа. Но што, всушност, мислат и подразбираат политичките партии под поимот консензуален кандидат.
Иако барањата на ДУИ, па и на другите албански партии во Македонија, за консензуален претседател на државата не се нови, во јавноста сепак не постои јасно толкување кои се критериумите што треба да ги задоволи консензуалниот кандидат. Можноста земјата да добие консензуален кандидат за претседател, Ахмети, всушност, првпат ја пласира на последните локални избори. Тогаш лидерот на ДУИ рече дека би било добро таква соработка како за локалните избори да има и за изборите за шеф на државата.
– Сакаме да почнеме да подготвуваме простор за во иднина да имаме и заеднички претседател, консензуален, прифатлив за двете страни, страни што претставуваат и имаат легитимитет, како од албанската заедница, така и од македонската, да се согласат за заеднички претседател на државата – изјави Ахмети минатата година.
Но и покрај начелните најави за коалициски консензус за претседателски кандидат, и во ДУИ сѐ уште немаат утврдено дали тоа би бил генерален принцип за сите наредни претседателски кандидати, или прво треба да се воспостави тој принцип на претстојните претседателски избори. Ако е генерален став за сите понатамошни претседателски избори, со оглед на непостојаноста на коалициите, се наметнува прашањето кои партии би граделе консензус за предлог на консензуален кандидат. Тоа е само едно од прашањата што произлегуваат од идејата за консензуален претседателски кандидат, под услов таа да не е пласирана само за еднократна намена.
– Уште од 2014 година го повторуваме ставот дека за сите највисоки државни функции треба да се применува принципот на консензуална прифатливост на кандидатот. Моменталните коалициски партнери, од македонскиот и од албанскиот политички блок, би требало да се договорат да предложат консензуален претседателски кандидат. Се залагаме тоа да биде генерален принцип за избор на претседател – вели Артан Груби, пратеник на партијата ДУИ.
Од сегашниот коалициски партнер на ДУИ, партијата СДСМ, велат дека во партијата сѐ уште немало разговори во телата за претседателските избори и дека во овој миг се фокусирани на процесот на имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Собранието.
– Забележливо е дека во медиумите има извртено толкување на значењето на консензуален претседателски кандидат. Консензуален кандидат не значи ултимативно дека тој мора да биде Албанец, туку кандидатот да биде прифатлив за партнерите во коалицијата. До овој миг ние во партијата сѐ уште не сме разговарале за настапот на претседателските избори. Од друга страна, очекуваме ДУИ да го официјализира предлогот, а не само да биде изнесен во медиуми, за да заземеме став и да преземеме некои конкретни чекори во реализацијата на идејата. Генерално, во овој период во партијата сме фокусирани на собранискиот процес на уставните измени – вели Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.
Пред една година, висок владин функционер од СДСМ брифираше дека позитивно гледа на идејата за консензуален претседателски кандидат. Тогаш позицијата беше дека името на кандидатот за шеф на државата е битно од аспект на прифатливост од мнозинството граѓани, односно кандидатот да биде прифатлив за повеќе од 50 отсто од граѓаните. Дека кандидатот за кој евентуално би се договориле треба да е победник на изборите, односно нов шеф на државата.
Во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, оваа повторно актуализирана идеја за консензуален претседателски кандидат ја гледаат низ диоптријата на актуелните политички превирања, поврзани со имплементацијата на спогодбата од Мала Преспа.
– Очигледна е коалицијата за криминал, за менување на уставното име, а сега и за претседателски кандидат. Очигледно Заев продолжува да испорачува на ДУИ – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Другите помали политички партии или немаат свој став или сметаат дека сѐ уште е рано да се изјаснат во однос на ова прашање.