Проблемите со мнозинството во парламентот се манифестираат на неговото функционирање во текот на целиот последен мандат, но и во неговите претходни состави. Во тој контекст, јавноста со право легитимно го поставува прашањето дали временскиот рок на неманифестирано мнозинство може да биде критериум за нефункционалност на Собранието. Или, пак, можеби се потребни и други, поконкретни критериуми, како на пример ефикасноста за носење клучни закони? Бидејќи ако треба, како услов, и тоа го има во парламентот…
Собранието меѓу „постојано заседавање“ и хронична нефункционалност
Одолжувањето на неизвесноста за состојбата со мнозинството во Собранието, без оглед на причините и околностите, се чини ги прави сѐ полегитимни размислувањата и сугестиите за законско регулирање разумен временски период, по кој работата на парламентот би се сметала за нефункционална. Особено што проблемите со мнозинството во парламентот се манифестираат во неговото функционирање во текот на целиот последен мандат, но и во неговите претходни состави, па се поставува прашањето дали временскиот рок на неманифестирано мнозинство може да биде критериум за нефункционалност на Собранието. Или потребни се и други, поконкретни критериуми, како на пример ефикасноста за носење клучни закони…?
Ваквата нерешена ситуација во нашиот систем не може да се толерира подолго време
Согледувајќи ја моменталната ситуација во Собранието, каде што двете политички групации имаат по 60 пратеници, универзитетскиот професор Владо Поповски, еден од креаторите на Уставот, смета дека парламентот е неквалификуван и неспособен да ги врши своите уставни функции и ваквата состојба мора да се надмине што поскоро.
– Ваквата нерешена ситуација не може да се толерира подолго време. Таа мора да се реши со создавање парламентарно мнозинство, а доколку тоа не е можно, неминовни се предвремени парламентарни избори, за што треба да се самораспушти Собранието – смета Поповски, додавајќи дека обидите за создавање мнозинство не треба да траат предолго, туку, според него, мора да завршат во рок од 10 до 15 дена. Сепак, тој нагласува дека не станува збор за прецизно утврден рок, туку Собранието не може да трпи да биде нефункционално и неефикасно подолго време.
Во конкретната ситуација на партиски преговори за ново мнозинство во Собранието, процената на вицепремиерот Артан Груби е дека за еден месец ќе имаме стабилно парламентарно мнозинство, што изгледа како нов алиби-рок за парламентарна „неквалификуваност“.
Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку мислам дека ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарно мнозинство, за да продолжиме со реформи преку, првично, одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија – одговори на новинарско прашање првиот вицепремиер Артан Груби еден ден пред трагедија на македонските патници од автобусот во Бугарија и прогласувањето тридневна жалост, што ги одложи речиси сите политички процеси во Македонија.
Во неколку вонредни, кризни и трагични ситуации годинава, Собранието беше „надвор од употреба“
Непредвидените и трагичните околности никако не ја суспендираат онаа уставна одредба дека „Собранието е во постојано заседание“. Напротив, дури и ја нагласуваат потребата од функционалност на институциите што треба да управуваат и да носат одлуки во такви ситуации во државата. А македонското собрание токму во неколку такви вонредни, кризни и трагични ситуации годинава беше „надвор од употреба“ од различни причини: во времето на летните пожари по Илинден, за време на трагедијата со 14-те изгорени жртви во пожарот на модуларната болница во Тетово, за 8 Септември, па и сега, за трагедијата на 46-те жртви во сообраќајната несреќа на македонскиот автобус во Бугарија… Но и во „мирното“ меѓувреме, Собранието е повеќе на пауза ( за време на петнеделната изборна кампања пред локалните избори) или блокирано за носење законски решенија.
– Парадоксот е во тоа што Собранието де јуре – никогаш не е нефункционално. Односно, ниту во Деловникот ниту во Законот за пратеници нема одредено некои поконкретни показатели кога може да се смета за нефункционално, освен кога нема кворум од 61 пратеник, каква што е актуелната состојба. Но никаде не е законски покриено колку долго може да трае таквата состојба. Сите ние можеме да имаме мислење дека тоа не може да трае предолго или прекратко, па дури и да лиферуваме со рокови, но законите ни се такви, полни со дупки што дозволуваат политички маневри. И пред оваа ситуација гледавме дека Собранието беше нефункционално, во смисла на немање кворум, проблеми со носење клучни закони, закочени евроинтеграции… Практиката покажува дека функционалноста на Собранието треба правно да се прецизира со измени на собранискиот деловник и на Законот за пратеници – вели универзитетската професорка и поранешна пратеничка Солза Грчева.
И мигрирањето на пратениците од една партија во друга го прави Собранието нефункционално
Како уште една појава што влијае на функционалноста на Собранието и која би требало законски да се (до)регулира е практиката на преминување на пратениците од една во друга политичка опција. Според претседателот Стево Пендаровски, таквата практика на преминување на пратениците од една во друга политичка опција започнало многу порано од сега, а за да се спречи таа практика, треба, исто така, да се направат законски измени.
– Во принцип, пратеник не може да се спречи да ги напушти партијата и пратеничката група на партијата со која влегол во Собранието, ако веќе не се согласува со нејзините политики и постапки и стане независен пратеник. Пред сѐ, тоа се народни пратеници, а не партиски. Проблемот е повеќе во преминувањето на цели пратенички групи од една партија, од една во друга политичка опција. Притоа не станува збор за идеолошки причини за таквиот премин, туку за прагматична политичка трговија. Тука се изневерени гласачите на партијата прелетувач, а проблематично е и тоа кога пратеник изгласан од гласачите на една партија, својот мандат ѝ го дава на друга партија. Практиката и во случајот на пратеници прелетувачи покажува дека е потребна правна дорегулација на Деловникот и Законот за пратеници – вели професорката Солза Грчева.