Вчера, на 19 октомври, се навршија две години од отворањето на собраниската процедура за имплементација на Преспанскиот договор во македонскиот устав. Дваесетина дена претходно се одржа и референдум во врска со уставните измени што подоцна и се случија, за менување на дотогашното државно име Република Македонија, заради влез во ЕУ и во НАТО. Прашањето што вообичаено се поставува на вакви потсетувачки поводи е дали и колку македонските граѓани сега се поблиску до целта кон ЕУ, односно дали се поблиску до придобивките и перспективите на европските граѓани што ни беа понудени за возврат на отстапките што ги направивме
Две години подоцна – дали Македонија
е поевропска земја со Преспанскиот договор
Според научните стандарди, па и оние на политичката прагма, поминати две години од некој настан никако не создаваат легитимен временски аргумент тој да биде прогласен за историски. Од друга страна, последниве три-четири години во Македонија сме сведоци на припишување „историска димензија“ на скорешни настани што сѐ уште предизвикуваат општествени превирања. Иако Преспанскиот договор со Грција од една политичка номенклатура во Македонија постојано се истакнува како историски проект, кој ја придвижи Македонија по тридецениското тапкање во место кон стратегиските цели за ЕУ и НАТО, сѐ уште не може апсолутно да се тврди дека текот на настаните и процесите што тој ги предизвика во македонското општество и држава се завршени и конечни, ниту дека се со очекуваниот исход.
Двегодишнина од Преспанскиот договор
Вчера, на 19 октомври, се навршија две години од отворањето на собраниската процедура за имплементација на Преспанскиот договор во македонскиот устав. Дваесетина дена претходно се одржа и референдум во врска со уставните измени што подоцна и се случија, за менување на дотогашното државно име Република Македонија, заради влез во ЕУ и во НАТО. Ако се зборува за некакво историско паметење, тој 19 октомври 2018 г., останува запаметен и како денот кога во невообичаени правни околности беше обезбедено потребното мнозинство во Собранието за започнување на уставните измени. И денес, општествените, политичките, националните, интелектуалните и други антиподи по ова прашање аргументирано искрат во јавноста, медиумите, социјалните мрежи и, секако, низ пораките и до власта и до опозицијата. Универзитетската професорка Билјана Ванковска на социјалните мрежи објави многу остар, потсетувачки статус.
– Да не се заборави, денес е Денот на националниот срам, денот на кој ги погребаа и Македонија и можноста за демократски поредок! – напиша Ванковска, но и преобјави што напишала истиот ден, во 2018 година, кога се случуваа драматичните пресврти во Собранието.
– Државен удар со „сомотски ракавици“ е во тек. Уривање на уставниот поредок! Кога неправдата станува закон, отпорот е должност – напишала професорката Ванковска во конкретниот ден, пред две години.
Од друга страна, аргументацијата што доминираше во текот на целиот процес на уставно усвојување на Преспанскиот договор, (па и денес), најмногу се заснова(ше) на макијавелистичките принципи дека „целта ги оправдува средствата“. А, имено, целта што требаше да ги оправда сите законски и уставни реструктурирања беше влезот во НАТО (што се исполни) и влезот во ЕУ (што сеуште не е исполнето).
Ние дадовме немерливо повеќе, лакомоста на соседите уште поголема
Две години подоцна, Македонија (со географска одредница во името) е членка на НАТО, иако не веднаш како што беше претставувано на референдумот, но процесот на интеграција во ЕУ и понатаму се соочува со нови (или сепак познати) опструкции. Прашањето што вообичаено се поставува на вакви потсетувачки поводи е дали и колку македонските граѓани сега се поблиску до целта кон ЕУ, односно дали се поблиску до придобивките и перспективите на европските граѓани што ни беа понудени за возврат на отстапките што ги направивме.
– Главната придобивка што требаше да биде инстантно ставена во функција по Преспанскиот договор, беше дека членството во НАТО и во ЕУ ќе донесе радикален економски прогрес, односно ќе ги донесе европските вредности во владеењето на правото, но пред сѐ економскиот прогрес, па дури и пристап до бесплатното здравство во земјите-членки на ЕУ. Дали сме поблиску до таа европска перспектива лесно може да се провери. Политичкиот пејзаж на европерспективата на Преспанскиот договор е дополнително затемнет со актуелните уцени на Бугарија – оценува политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Социологот Илија Ацески се обидува да го процени влијанието на Преспанскиот договор на македонската европерспектива од две гледишта – меѓународно и на внатрешен план. Но и во двете гледишта цени дека сликата се уште е нејасна.
– Ако се гледа Македонија однадвор, во смисла на некаква официјална политика, може да се каже дека има некакви поместувања во перцепцијата на ЕУ, иако сѐ уште не е јасно какви се тие придвижувања. Но на внатрешен план, Преспанскиот договор од социолошки аспект создаде политички простор за бришење на дел од колективната меморија.
Можат ли договорите да ја избришат колективната меморија на македонскиот народ?
Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески смета дека политиката и политичарите со нивната политика не можат да ја избришат колективната меморија на која било нација. Но професорот истакнува дека отстапките што Македонија ги направи за Грција со Преспанскиот договор директно влијаеја на содржината и интензитетот на уцените со кои се соочуваме сега од Бугарија.
– Политиката не може да ја потисне или да избрише колективната меморија, но може да создаде трауми што долгорочно ќе се манифестираат преку поделби во општеството. Отстапките што Македонија ги направи за Грција со Преспанскиот договор, на директен начин влијаеја на уцените со кои се соочуваме сега од Бугарија, а поврзани со Договорот за добрососедство со оваа земја. Клучното прашање што се наметнува за Македонија со овие договори е дека можеби се „испазаривме“ за дел од колективната меморија со Грците, но што ќе ни остане по „пазарот“ со Бугарите? Македонските научни институции не беа подготвени за реакција при потпишувањето на овие политички договори. Од денешна перспектива мора да се признае дека не бевме свесни што се потпишува. Научната фела се држеше настрана, не реагираше, па сѐ беше оставено на „доверба“ на политиката. И денес енергијата за некаква реакција во македонското општество е намалена, па се чини дека перспективата на Македонците е на секои пет до десет години да бидат преиспитувани кои се и што се – вели универзитетскиот професор по социологија, Илија Ацески, по повод двегодишнината од отворањето на собраниската процедура за имплементација на Преспанскиот договор во македонскиот устав.