Триесет години од стекнувањето независност на Република Македонија е исклучителен повод да се направи компаративна анализа и научна интерпретација на републичката, регионалната и меѓународната положба на Македонија и меѓусебните односи на повеќе фактори, кои се рефлектирале и сѐ уште се рефлектираат врз перспективите на македонската држава. Ваквата анализа е условена и од потребата да се разгледаат политичките, правните, економските и другите предизвици со кои се соочува Македонија, притоа водејќи сметка за моменталната геополитичка карта на светот и имајќи ги предвид идните развојни и стратегиски трендови на Македонија, регионот и светот. Ако патот на Македонија кон ЕУ води преку целосно национално обезличување со бугарска асимилација на македонскиот национален идентитет, зар тоа не преставува неизбежно исчезнување, изумирање на Македонија?
Ова прашање ме потсети на една книга, поточно дневникот на Вернер Херцог, еден од најголемите филмски режисери на денешницата, но и сценарист, автор, актер и оперски режисер. „Реков дека тоа не смее да биде, не во ова време, германската кинематографија не може сега без неа, ние не би ја дозволиле нејзината смрт“, објаснува Херцог во предговорот на дневникот „За одењето по мраз“. Дневникот е пишуван во периодот од 23 ноември до 14 декември 1974 година. По информацијата од Париз дека неговата духовна менторка Лоте Ајснер, тогаш на возраст од 78 години, е тешко болна и хоспитализирана, Херцог, верувајќи дека чинот на одење пеш ќе ја спречи смртта, со јакна, компас, торба со најважните работи и пар нови чизми, тргнува во зима, во период на длабок студ и снежни бури, на тринеделен аџилак од Минхен до Париз. Што мислите, дали аџилакот бил успешен? Одговорот на ова прашање ќе следува на крајот од колумнава, но пред тоа, прво, ќе проговорам за моите согледувања што направивме во периодот од 2006 година до денес, а потоа ќе понудам размисли за како понатаму.
Периодот од 2006 до 2016 година
Периодот на владеење од 2006 до 2016 година најдобро го карактеризираат зборовите „заробена држава“, време кога властодршците ги заробија државните институции, впуштајќи се во општествен инженеринг, што резултира во засилени општествени поделби. Тој период се карактеризира и со обид за градење нарација на етнички континуитет од антиката до денес, при што требаше да се изврши поместување на македонскиот идентитет од јужнословенски кон антички претсловенски корени. Истакнувајќи дека барањето врски меѓу денешните и античките народи е ненаучно и неточно (што важи за сите народи денес, не само за македонскиот народ), тука ги цитирам зборовите на академик Блаже Ристовски: „Веќе нашата маса како да се цепи. Тоа е судбоносна работа, а нема зошто. Ние сме словенска нација, тука не треба да има дилеми. Сите овие други теории што се вадат сега се без научна почва, без резон, но имаат политички профит.“ Сепак, ќе подвлечам дека, според современите сфаќања за нациите и национализмот, „модерните нации не можат да се воспостават без одредено ниво на замислување, митологизирање и симболички ритуали коишто креираат претстави за тоа каде завршува една група, а започнува друга“. Па, затоа, Македонија не треба да се откаже од правото на културноисториското и митското наследство и во таа смисла може да укажува и на одредена традиција на евоцирање и асоцирање на македонскиот народ и со наследената колективна меморија, народно предание, материјално и духовно античко наследство, но на цивилизиран начин и без експлицитни и кич-идентификации.
Периодот од 2017 година до денес
Периодот на владеење од 2017 г. до денес најдобро се карактеризира, по мое мислење, со синтагмата „понижена држава“, време кога властодршците се впуштија во инженеринг, вештачко конструирање на новата северномакедонска нација и постепено згаснување на македонскиот идентитет. Притоа понижувањата се предизвикани и од домашните и од надворешните потреби, но сите имаат заеднички атрибут, владеење. Тридецениската постојана криза во која се наоѓа Македонија и засиленото присуство, во изминатите неколку години, на значително количество бескорисни и/или манипулирани информации, доведоа нејзините граѓани не само да се дезинформирани за политичките одлуки туку и честопати да се апатични, што остава простор властодршците и политичарите да ја користат државата за свои лични цели. Освен тоа, овој период се карактеризира и со сѐ поголемо поткопување на основните демократски процеси. Парадоксално, практикувањето демократија во Македонија од независноста до денес доведе до нејзино намалување. Со други зборови, владеењето, заедно со спецификите на македонското општество и, во голема мера, незнаењето на дел од македонските политичари и нивната безличност и алчност, кулминира во изминатиот период во (1) владеење што, всушност, се реализира преку два паралелни, целосно одвоени, процеси, (2) етнодиференцијација, (3) доминација на малцинството над мнозинството (двете доминации, доминација на малцинството над мнозинството и доминација на мнозинството над малцинството, се негативни и треба да се спречат со различни механизми), (4) фрагментација на општеството и (5) девалвација на системот на вредности.
Политичките процеси
Во однос на политичките процеси, треба да се потенцира дека уште Платон укажувал на тоа дека во демократските општества, демократскиот процес на одлучување има тенденција да ја истакне важноста на изборната победа и одржувањето на власта за сметка на стручноста и мудроста на носење стратегиски одлуки што се неопходни за правилно управување со општеството. Токму такви се и политичките настани, иницијативи, процеси во Македонија. На пример, Преспанскиот форум за дијалог не понуди критичка анализа на состојбите во општеството, не понуди дијалог, туку монолог, што се претвори во злоупотреба на меѓународните партнери и пријатели на Македонија исклучиво за промовирање на властодршците и одржување на власта. Веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност, неверодостојност и немањето желба за проширување, праќајќи јасни сигнали дека за Македонија (но и за другите балкански држави, коишто не се полноправни членки на ЕУ), полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, засекогаш неостварен сон. Со други зборови, евентуалниот почеток на преговорите нема да значи ништо, а ќе биде искористен и манипулиран од властодршците исклучиво за одржување на власта.
Како понатаму?
Неодамна поднесената „Резолуција за македонските државни и национални позиции“, што е несомнено исклучително важен документ, требаше, од една страна, да биде поднесена и усвоена едногласно, барем од македонските партии, пред повеќе години, можеби во 1991 година, и, од друга страна, дури и ако се усвои во Собранието, тоа ќе преставува само мал исчекор во решавањето на предизвиците на македонското општество. За што станува збор? Краткиот преглед на состојбите во македонското општество недвосмислено укажува на потребата за нивна објективна, конструктивна и критичка анализа, што треба да се реализира во МАНУ во соработка со академската заедница и врвните дејци, мислители и стопанственици. Од анализата треба да произлезат можни стратегии на развој и решенија за нормализација на системските (функционални, конституционални), структурните односи во нашата држава, вклучително и да упатат на некои меѓународни стандарди при решавањето на отворените билатерални прашања со соседните држави. Македонија е дел од Европа и треба да ги следи референтните европски уставотворни модели, со што ќе престане да биде предмет на сомнителни експериментални ревизии. Во таа смисла, треба да се изведат заклучоци за политичкиот, државен (надетнички) консензус за развојните перспективи и позициите на Македонија во регионален и меѓународен контекст, со цел да се поттикне просперитетен економски, научен, образовен и културен развој на нашата држава. Дискусијата треба да се води и околу актуелниот и идниот, пофункционален, поправеден, поефикасен и просперитетен политички систем. Тоа се однесува првенствено на основните аспекти на демократскиот систем: формирање политички партии врз политички и граѓански, а не етнички предзнак, и избор на таков изборен модел што ќе биде проекција на доминантните развојни интереси на државата, а не на партиските структури.
За излез од тридецениската криза, треба отворено да проговориме за сите понижувања, вклучувајќи ги многубројните нелегални документи и неуставни одлуки. Понатаму, потребни се структурни промени, промени што ќе обезбедат, прво, недемократското владеење (поточен назив за ваквиот вид владеење е дивеење) повторно да се трансформира во демократско владеење и, второ, демократското владеење никогаш повеќе да не се трансформира во дивеење. Поконкретно, треба да се дискутираат, на пример, потребните решенија за (1) внатрешнопартиска демократизација, регулирање на организирањето, дејствувањето и финансирањето на партиите, (2) намалување на ингеренциите на извршната власт во подрачја што според Уставот се утврдени за автономни сфери на општеството (образование и наука, култура, здравство итн.) и (3) отстранување на доминацијата на малцинството над мнозинството.
Ќе завршам, како што и почнав, со Вернер Херцог. „Тргнав… верувајќи дека таа ќе остане жива ако појдам пеш“, додава Херцог, потпирајќи се цврсто на ова мистично, инаку, ако е поинаку, апсурдно верување. Треба да веруваме, но нашите убедувања, погледи, принципи, треба да бидат реални, разумни, не апсурдни. Посакувам објективна, конструктивна и критичка анализа на состојбите во државата и смерниците за понатаму, кои, се надевам, наскоро ќе бидат понудени во МАНУ, што ќе претставуваат патоказ за достоинствена и просперитетна иднина на Македонија.
Одговорот на прашањето дали аџилакот бил успешен е да, Ајснер починала дури девет години подоцна, па, така, се чини дека Херцог, можеби, навистина ѝ го спасил животот. Се надевам дека и за Македонија има надеж, а ќе направам сѐ МАНУ да одигра клучна улога во наоѓањето мудри, достоинствени и разумни решенија.