Она што се наметнува како дилема е дали реално може да се променат состојбите дома и на меѓународен план ако уставните судии оценат дека во некој дел е прекршен Уставот или, пак, станува збор за јалова иницијатива?
Уставниот суд ќе ја оценува уставноста на одредницата „Северна“, но и откажувањето од „грижата за Македонците во соседните држави“
Уставниот суд кон крајот на неделата ќе расправа по иницијативите за преиспитување на уставноста на четирите уставни амандмани со кои Република Македонија го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“, се интервенира во преамбулата, се изјасни дека нема територијални претензии кон соседите, но и се откажа од грижата за малцинствата во соседните држави.
Она што се наметнува како дилема е дали реално може да се променат состојбите дома и на меѓународен план ако уставните судии оценат дека во некој дел е прекршен Уставот или, пак, станува збор за јалова иницијатива.
Имено, на 11 јануари 2019 година пратениците во македонското собрание, со 81 глас „за“, ги изгласаа уставните амандмани 33, 34, 35 и 36.
Според изгласаните амандмани, со амандманот 33 во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36. Амандманот 34 се однесува на промените во преамбулата од Уставот, поточно зборовите „кои живеат во нејзините граници“ се заменуваат со „како и граѓаните што живеат во нејзините граници, граѓаните на РМ, македонскиот народ, и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.
Со амандманот 35 се гарантираат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, додека амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.
Изгласувањето на амандманите беше проследено со голем број контроверзии за обезбедувањето двотретинско мнозинство, бидејќи опозицијата ја обвинуваше власта дека гласањето на амандманите го обезбедила со поткупување и уценување нивни пратеници. За амандманите гласаа осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, толку колку што беа потребни да се обезбеди двотретинското мнозинство.
Сега овие амандмани се наоѓаат пред уставните судии, кои треба да оценат дали е прекршен Уставот при нивното изгласување, иако прашање е дали воопшто може нешто да се промени доколку Уставниот суд утврди неуставност во постапката.
Новото име на државата веќе е конвертирано во Обединетите нации, во НАТО, веќе се користи во домашните и меѓународните документи, во комуникацијата со другите држави, а по Нова година треба да стане дел и од новите банкноти, така што прашање е каков правен ефект може да предизвика евентуалната оцена на судиите дека при носењето на амандманите бил прекршен Уставот, односно дали состојбата може да се врати на старо.
– Тоа е многу висока политика во која беа инволвирани многу чинители – вели професорот Борче Давитковски од правниот факултет „Јустинијан Први“.
Според него, Уставниот суд треба да реагира во случаи кога е прекршена процедурата.
– Едноставно се вршеа преговори, се смени Уставот, така што не гледам тука прекршување на процедурата. Уставниот суд би реагирал ако го сменевме името без да го промениме Уставот и без да донесевме амандмани. Сето тоа е сторено со гласање со мнозинството во парламентот, така што ако се гледа за опортунитетот зошто е тоа направено, сметам дека Уставниот суд не треба да расправа по овие иницијативи – категоричен е Давитковски.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека Уставниот суд може да промени сè што е неуставно и незаконско.
– Уставниот суд апсолутно може да промени сè што е незаконско и неуставно, вклучувајќи ги и промените на Уставот и претходно договорите од Преспа и со Бугарија. Да не одиме подалеку, за тоа имаме случај во соседството. Пред неколку години Албанија потпиша договор со Грција за морското разграничување што беше ратификуван во тамошното собрание, но Уставниот суд го поништи и ја врати претходната состојба – вели Никовски. Според него, меѓународните договори не се трајни.
– Де Гол имаше кажано дека меѓународните договори се како младите моми и розите, траат колку што траат. Тоа може да важи и за Македонија. Друго прашање е дали нашиот Уставен суд ќе се издигне над своите политички определби, ќе излезе од заложништвото во кое перманентно работи и ќе донесе одлука во согласност со нашиот Устав, што му е основна задача. Шансите да дојде до тоа, објективно размислувајќи, не се големи – заклучува Никовски.