Како новите технологии ги претвораат нашите автомобили во врвни „разузнавачи“
Дали најновите автомобили собираат лични податоци од своите возачи? Да, секако! Неодамна ова прашање одекна во јавноста, зголемувајќи ја загриженоста за сознанието дека најновите автомобили собираат лични податоци од своите возачи, а потоа производителите ги споделуваат со „трети лица“.
Влегувате во кола и возите „разузнавачки крт“
Многу од новите модели автомобили имаат способност да снимаат податоци за време на возењето, како што се локацијата на самото возило и маршрутата што возачот вообичаено ја поминува.
Едно истражување на британска компанија („Паркерс“), која се занимава со рецензии за нови и половни автомобили, покажа дека иако возачите се свесни за постоењето на овие уреди, три четвртини од вкупната бројка на возачи во Велика Британија не ги сакаат овие системи во својот автомобил, особено ако наведените информации можат да влијаат на нивните полиси за осигурување.
Истражувањата исто така открија дека автомобилските компании споделуваат анонимни податоци за однесувањето на своите купувачи, како на пример каде патуваат и начинот на кој возат.
Од вкупно 532 анкетирани возачи што тековно се во фаза на купување нов автомобил, само секој десетти е запознаен со фактот дека автомобилот го добиваат со договор за податоци, додека „86 отсто од нив признаваат дека би биле несреќни кога би дознале дека нивниот автомобил ги споделува личните информации за нив со одредени заинтересирани компании“.
Од „Паркерс“ објаснуваат дека, освен што автомобилот може да „надгледува“ каде и како возите, тој може да споделува и лични податоци за својот сопственик, како на пример, од каде го купил возилото и кога треба да заврши неговиот финансиски договор.
Во извештајот се објаснува дека собирањето информации ќе оди во чекор со развојот на технологијата, а сопствениците веќе денес може да купуваат одредени прикази од системот „информација – забава“ (infotainment – кованица од два термина што означува телевизиски или интернет-информации што се презентирани на забавен начин, попознати како „меки вести“). Само како пример, производителот „Шкода“ веќе им овозможува на возачите да нарачуваат надградби како автоматски предни фарови, кои потоа се ажурираат во софтверот на возилото.
Производителите на автомобили не им кажуваат на своите клиенти дека автомобилот „ќе ги шпионира“
Голем проблем, според истражувањето, претставува и откритието дека „производителите на автомобили не им даваат јасно на знаење на своите клиенти дека нивните автомобили собираат голем број информации за нив“, наведуваат од „Паркерс“. Кит Адамс, уредник на веб-страница за автомобилски потрошувачи, вели:
– Вистина е дека несвесно се согласуваме со секакви одредби и услови – се ежам од помислата што сѐ Гугл знае за мене – но сепак ме изненадува кога гледам колку мал број возачи се свесни за тоа колку всушност нивните автомобили знаат за нив. Самото ова сугерира дека автомобилските производители треба да го направат потранспарентно собирањето податоци, додека нивните купопродажни договори би требало да бидат „полесни за читање“.
Ако малку подобро размислиме, ќе дојдеме до заклучок дека сега, кога возачите можат да ги поврзат своите паметни телефони со системите за инфозабава преку блутут, автомобилите навистина би можеле да станат ризница од лични податоци. Иако на овој начин се зголемува практичноста, новиот развој на ситуацијата истовремено прераснува и во сериозна загриженост поради протекувањето на лични податоци.
Една друга анкета, спроведена на репрезентативен примерок од 14.000 возачи од страна на непрофитната британска организација „Вич“, дојде до сознание дека дури четири од пет возачи не ги бришат своите лични податоци од инфозабавниот систем пред да му ги предадат клучевите на новиот сопственик на возилото што го продале.
Производителите на автомобили би требало да направат многу повеќе за заштита на приватноста на своите клиенти, почнувајќи од зголемена транспарентност во самите финансиски договори, со чија помош возачите во целост би разбрале колку податоци може да собере нивниот „миленик“, но би знаеле и на кој начин истите тие да ги избришат, елиминирајќи го така ризикот тие да останат достапни при евентуална продажба на возилото.