Истражување на „Нова Македонија“ во соработка со еминентни историчари (3)
„Историја и цивилизација за 6. клас“ од авторите Красимира Гагова, Антоан Тонев, Александар Кертин, Јулија Мишкова
Во 2017 година беше објавен учебникот со наслов „Историја и цивилизација за 6. клас“ во издателство на „Рива“. Во споменатиот учебник, изразот Македонија првпат се спомнува во лекцијата „Бугарија во текот првата половина на 9 век“ во контекст дека: „Во време на ханот Пресијан започнало и бугарското настапување во областа Македонија. Кон бугарската држава биле присоединети териториите на запад од реката Струма“. Притоа воопшто не се споменува какво население живеело на оваа територија, односно не се споменуваат словенските племиња што живееле во Македонија.
Речиси идентично е и во лекцијата со наслов „Словените и појавата на нивните држави“ кога не се споменуваат склавиниите во Македонија. Споменатото искажување може да се оправда со насловот на лекцијата, меѓутоа со оглед на историскиот факт дека оваа територија подоцна била завладеана од средновековната бугарска држава, етички и професионално би било спомнувањето на словенското население, кое имало независна организација.
На стр. 40, во поднасловот „Новата азбука“ се наведува дека Кирил и Методиј за „Словените создале специјална азбука“ со нови знаци за означување на посебните гласови на „словенските дијалекти“. Искажувањето е точно, но авторот или авторите, случајно или не, воопшто не спомнуваат дека Кирил и Методиј потекнувале од Македонија, дека дејствувале како византиски мисионери и нивната Брегалничка мисија.
Во лекцијата со наслов „Владеењето на цар Симеон Велики“, словенскиот јазик на Кирил и Методиј е прогласен за „старобугарски“ јазик. Во овој контекст, се вели дека народниот собор во Преслав од 893 година го признал старобугарскиот за официјален јазик во државата и црквата. Ова искажување има понатамошни импликации во смисла дека кирилометодиевскиот словенски јазик е старобугарски, но дидактичкиот материјал го негира ова тврдење.
Лекцијата „Цар Петар и неговите наследници. Војните на Самуил“ се однесува на средновековната држава на Самуил. Во овој дел се искажуваат само бугарските тези за бугарскиот карактер на Самуиловата држава, притоа авторот или авторите забораваат да ги споменат искажувањата на Јохан Густав Дројзен и Георгиј Острогорски.
Во Историскиот атлас на Дројзен, Самуиловата држава е именувана како Македонско Царство на Словените. Во овој правец треба да се спомне и Острогорски, според кого: „Идеолошки, Самуиловото Царство било поврзано за старото Бугарско Царство, затоа и самите негови творци (Самуил и неговите наследници б.н.) и Византија го нарекувале бугарско. Бидејќи традициите за царство и патријаршија, освен во Византија, постоеле уште само во Бугарија (се мисли само за Балканот б.н.). Самуил ги прифатил тие традиции и го презел наследството на Симеоновото и Петровото Царство (Првото Бугарско Царство б.н.), кое паднало под ударите на Византијците. Всушност неговото царство (на Самуил б.н.) значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото Царство. И по составот и по карактерот тоа било ново царство. Неговиот центар се преместил кон југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро. Ако главната цел на Самуил би била воспоставување на стaрото Бугарско Царство, тој секако би се свртел кон бугарските земји и на прво место би се стремел да ги ослободи. Меѓутоа интересот на Самуил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал. Во текот на сите негови борби областите источно од Сердика играле изненадувачки скромна улога, така што изворите речиси и не ги спомнуваат. Експанзијата на Самуиловото Царство била пред сѐ свртена кон југ“.
Во истата лекција како извор се споменува „Битолскиот натпис“, за кој во науката постојат и поинакви толкувања од некои странски, но и од бугарски историчари дека се работи за натпис од времето на бугарскиот владетел Јован Асен Втори. Во насловот „Особености на раното средновековие“ на стр. 61, меѓу другото можеме да прочитаме дека се зачувани неколку натписи на јазикот на Старите Бугари што користеле грчки букви, а подоцна во официјална употреба се користи старобугарскиот јазик, со користење на глаголицата, а подоцна кирилицата. Со ова искажување учениците се доведуваат во заблуда дали старобугарскиот е словенски, или словенскиот е старобугарски јазик.
Во лекцијата „Делото на Св. Кирил и Методиј“ воопшто не се споменува за кнежеството на Методиј на Брегалница (Македонија), каде што всушност е создадена словенската азбука, иако во учебникот се наведува 855 – годината кога се случило тоа. Иако во лекцијата пишува дека тие создале словенска азбука, тоа на авторите не им пречи да констатираат: „Не случајно и до денес ги нарекуваме апостоли на бугарската книжевност“. Авторите избегнуваат да го користат правилниот израз општословенски апостоли и на овој начин ги присвојуваат, што е далеку од вистината.
Искажувањата за старобугарскиот јазик се во противречност со историските извори, а самите автори на учебникот се побиваат кога ги пренесуваат Пространото житие на Константин-Кирил и од Црноризец Храбар, во кои се зборува за Славјани и славјанска реч. Од друга страна, во нарацијата во лекцијата „Златниот век на бугарската култура“ на стр. 98, буквално стои: „Славјанскиот јазик, решително се наложил…“
Во лекцијата „Последното столетие на средновековната бугарска држава“, на стр. 125 е прилoжена карта „Бугарските земји во средината на XIV век“. Притоа на картата се обележани владенијата на Константин Драгаш, на кралот Волкашин и принцот Марко, на Јован Углеша, на Хрељо, на Богдан на Хлапен и Момчил. Притоа, ништо не се вели за овие владетели, за нивното потекло, како настанале нивните владенија и сл. Авторите како да се водат од логиката дека еднаш освоена Македонија во 9 век, засекогаш е бугарска земја!
Тезата за старобугарскиот јазик повторно самите автори ја побиваат на стр. 127 каде што е даден извадок од Лондонското евангелие на цар Иван Александар, при што за јазикот се вели „… тоа беше преведено од грчки на нашата славјанска реч…“
Очигледно, во учебниците владее една огромна шареноликост во поглед на третирањето на старословенскиот јазик, со тенденција тој да се прогласи за старобугарски.
Во лекцијата „Православната црква обединувач на бугарскиот народ“, кога се зборува за значењето на манастирите, на стр. 175 пишува: „Во западните бугарски реони, Македонија, околу Трново и Света Гора, исто така имало многу манастири“. Според напишаното, во османлискиот период, Македонија е претставена како дел од западните бугарски земји.
Во лекцијата „Отпорот на Бугарите против османската власт“ на стр. 180, по нарацијата за Чипровското востание од 1688 г., пишува: „Потоа се случија последователните бунтови во Ќустендил, Разлог, и во земјите на денешна Македонија“. Според ова искажување, земјите на денешна Македонија, во османлискиот период, кој освен верска, не разликува друга идентификација, населението било бугарско и Бугарите кревале востанија. Текстот се однесува на Карпошовото востание и другите буни во Македонија.
„Историја и цивилизација за 6. клас“ од авторите Георги Н. Николов, Иваила Попова, Веско Обрешков и Красимир С. Крстев
Во 2017 година беше објавен учебникот со наслов „Историја и цивилизација за 6. клас“, а негови автори се Георги Н. Николов, Иваила Попова, Веско Обрешков и Красимир С. Крстев. Во него во лекцијата „Времето и историјата“ на стр. 15, во рубриката „љубопитни факти“, старословенските имиња на месеците се претставени како народни старобугарски имиња, како на пример: септември (руен), октомври (листопад) и други. Повторно ја сретнуваме антиисториската теза дека старословенскиот јазик е старобугарски.
Во лекцијата „Византија“, меѓу другото, стои: „Во текот на 971 година, императорот Јован Цимискиј ја окупирал источната половина од бугарската држава, а императорот Василиј II, конечно го завладеал Бугарското Царство“. Искажувањата се во правец дека Самуиловата држава е континуитетот на Првото Бугарско Царство, што е во спротивност со ставовите на повеќе светски научници. Исто се повторува и во лекцијата, „Завладувањето на Бугарското Царство од Византија“, каде што се вели дека: „Самуил (997-1014) ја преместил престолнината на Бугарија во Охрид и таму се прогласил за бугарски цар“, стр. 16. Во контекст на тоа е упатната белешка бр. 1 на стр. 43, каде што се дава извадок од Јован Скилица. Сосема логично се поставува прашањето од каде и кога ја преместил Самуил престолнината?
Во лекцијата: „Општеството и секојдневието на средновековните Бугари“ на стр. 48, можеме да прочитаме: „Дворците на бугарските ханови и царови во Плиска, Велики Преслав и Охрид биле величествени…“ Охрид веќе е престолнина на бугарските ханови и цареви, нешто што беше најавено во учебниците за 5. одделение.
Во лекцијата „Славјанската писменост“, кога станува збор за животот на Св. Кирил и Методиј, се вели дека биле од Солун, без да се посочи во која држава е градот.
Понатаму за Методиј се вели дека бил „управител во една област на север од Солун, населена со Славјани…“, без притоа да се посочи дека тој е во византиската администрација и дека се работи за Брегалничката Област, која денес е во Република Македонија. Исто така се вели дека тие ја создале глаголицата во 855 година, но без да се каже каде. Во науката има различни толкувања: но едно од тие е дека тоа е за време на Брегалничката мисија!
Во лекцијата „Златниот век на средновековна Бугарија“, Македонија е југозападна бугарска земја. Таму стои: „Во југозападните бугарски земји (Македонија) со центар во Охрид… настанала друга книжевна школа“. Со оглед на фактот дека Македонија тогаш е во рамките на бугарската држава, оваа констатација е коректна, но од друга страна, таа во наши очи ја губи „релевантноста“ поради континуираното и тенденциозно третирање на Македонија како бугарска земја, притоа премолчувајќи одредени историски периоди и случувања. Во истата лекција на стр. 55, во рубриката историски извори се дава извадок од прогласот кон евангелието на Константин Преславски, каде што се вели: „Слушајте цел славјански народе“. Тоа на своевиден начин ја руши тезата за бугарски народ и бугарски јазик…
Новинарско истражување: Шовинизмот и иредентизмот во бугарските учебници
Кога образованието, особено во делот од историјата, во историските учебници и читанки од основното образование, излегува од рамките на фактите од историографијата, скршнувајќи од љубовта кон нацијата и татковината, и се преобразува во етнонационализам и иредентизам со кои се негираат националните особености на припадниците на другите нации, историјата, идентитетот, културата, и има отворени територијални претензии кон други држави, тогаш образованиот процес можеме да го определиме како негативен, бидејќи создава и всадува чувство на непријателство и одбивност.
Токму такви елементи се пронајдени во дел од бугарските учебници, со констатации што се многу далеку од историските вистини, а многу блиску до пропаганда, хегемонизам и идеологија на екстремен национализам со кои се задојуваат младите генерации во Бугарија.
„Нова Македонија“ во консултација со група историчари ги проучуваше и анализираше историските учебници што се користат во наставниот процес во Бугарија. Во текот на анализата беа констатирани низа недоследности што поттикнуваат бугарски етнонационализам и иредентизам, особено видливи кон Македонија и македонскиот народ. Нашата анализа има цел реално да ја согледа и констатира фактичката состојба во дел од учебниците по историја на младите основци во Бугарија, да поттикне предметна експертска расправа за забележените недоследности и, се разбира, на пошироката јавност да ѝ бидат претставени само вистината и само фактите за историските настани и личности.
(Продолжува)