Ексклузивно за „Нова Македонија“, градоначалничките на општините Македонска Каменица, Старо Нагоричане, Могила, Битола, Тетово и Арачиново зборуваат за својата работа, желбите и очекувањата во новата година, но и за приватниот живот и поддршката од семејството

ОД 80 ОПШТИНИ ВО ДРЖАВАТА, ШЕСТ ГИ РАКОВОДАТ ЖЕНИ

Жени ги раководaт шест од вкупно 80 општини во земјава. На чело на општините Македонска Каменица, Старо Нагоричане, Могила, Битола, Тетово и Арачиново се наоѓаат шест силни жени, кои сакат да ги направат своите општини подобри места за живеење, вложувајќи се целосно во својата работа, целодневно, со сета сила и енергија, жртвувајќи многу од времето што го поминуваат со своите семејства, со своите блиски. Ексклузивно за „Нова Македонија“ тие зборуваат за својата работа и предизвиците со кои се соочуваат, но и за љубовта со своите сопрузи, подршката што си ја даваат едни на други.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, жена-борец, која не се штеди да направи што повеќе за градот под Пелистер, се избори и со ковид-19, поради кој не можеше да зборува многу за својата приватност. Таа е дипломирана професорка по математика и магистерка по менаџмент на човечки ресурси. Жена е и на чело на Македонска Каменица, малото рударско гратче во Источна Македонија, жена што сака да остави свој белег за подобар живот на над осум илјади жители.
– Да се биде градоначалник значи да си ја сакаш позицијата и да сакаш да направиш нешто за својот град. Ние жените треба да сме поактивни и многу повеќе да се докажуваме од мажите и многу да жртвуваме од својата приватност. Со мојот сопруг имаме европски брак и многу се поддржуваме во работата. Тој е реализиран во својата професија, работи како стоматолог во ординација со шест илјади пациенти. Татко е на мојата 33-годишна ќерка, а во брак сме од пред три години и Македонска Каменица ја знае нашата љубовна историја со него. Тој е горд на мене, бидејќи бев невработен психолог, а 30 години работев како медицинска сестра. Приватно практикував гешталт-психологија, бидејќи бев самохрана мајка. Сега сум во изолација, бидејќи членови од моето семејство имаат симптоми на ковид-19. Пандемијата е зло, поради што не треба да ја заборавиме оваа 2020 година, бидејќи тоа би било како да си ја бришеме историјата. Треба да извлечеме поука дека здравјето е пред сѐ и треба да излеземе посилни и да ја победиме оваа пандемија. Во изолација, за 2021 година најпрвин ќе си посакаме здравје дома, а тоа им го посакувам и на моите сограѓани – вели Соња Стаменковска, градоначалничката на Македонска Каменица.

На чело на малата пелагониска општина Могила цврсто стои млада жена, девојка што прво заплива во политичките, а допрва ќе скокне во брачните води. Но најпрвин посакува да се спасиме од пандемијата на ковид-19.
– Годинава што изминува беше навистина лоша година за здравјето на луѓето, но нѐ научи и на нешто друго, да сфатиме колку е важна блискоста со семејството. Една сум од оние што ги почитуваат семејните вредности. И покрај коронавирусот, горда сум на проектот за изградба на градинка во нашата општина, на која за идната година ѝ посакувам поголем наталитет. Посакувам повеќе здрави луѓе и да сме сите среќни и успешни во тоа што го работиме. Јас сѐ уште не сум во брак, во врска сум со човек што по професија е правник и многу ме поддржува во ова што го работам. Не сакам поделби на жени и мажи, бидејќи така се деградираме самите, но се надевам дека следните локални избори ќе има повеќе жени градоначалници, само треба да им се даде шанса -нагласува Јасмина Гулевска, градоначалничката на Општина Могила, инаку преведувачка по англиски јазик, а поранешна советничка во Општината.
Необично и за многумина чудно е како љубовта натерала една скопјанка најпрвин да замине да живее во Старо Нагоричане, а потоа и да стане градоначалничка на оваа општина со 39 населби.

– По иницијатива на родителите, најпрвин се запишав во медицинско училиште во Скопје, тогаш сите одлични ученици и првенци на генерација требаше да бидат медицинари, а по две години самата се отпишав од медицинското училиште и се запишав во гимназија. Потоа завршив економски менаџмент, а тоа сега многу ми помага во ова што го работам. Пред да станам градоначалничка, работев во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово. Моите родители се од Старо Нагоричане и во 1971 година се иселиле, изградиле куќа во скопско Стајковци, каде што пораснав. Постојано доаѓав кај баба ми и дедо ми во Старо Нагоричане и тука се запознавме со мојот сопруг уште во гимназиските денови. Плод на нашата љубов се двете деца, ќерката, која заврши економски факултет, и синот, кој е информатичар и сега живее во Америка. Нашата љубовна приказна почна во средношколските денови, а во тоа време кога решивме да стапиме во брак беше малку чудно девојка што израснала во Скопје да дојде овде, во едно мало рурално место. Но сето тоа брзо се надмина. Новото возбудување настана во 2005 година, кога на жените им се дозволи влез во локалната самоуправа, се осмелив да станам советничка и поминав два мандати. Малку беше несфатливо, бидејќи жените не се охрабруваат да влезат во вакво нешто. Обврските се навистина големи, трпи семејството, трпи сопственото здравје. Поддршката од блиските секако е потребна, но влогот е оправдан кога на крајот од денот се чувствувате среќно. Сопругот ми е најголемата поддршка, секогаш има разбирање за моите обврски. Токму затоа се радувам што Нова година ја поминав дома со семејството, а во 2021 година очекувам пандемијата да заврши, бидејќи ни нанесе огромни штети на државата, на економски план, на здравјето. Нѐ очекува напорна работа, бидејќи е предизборна година и планирам повторно да се кандидирам за градоначалничка – храбро и одлучно ни соопшти Жаклина Јовановска, градоначалничката на Општина Старо Нагоричане.

Мајка и сопруга е и нејзината колешка Миликије Халими, градоначалничката на Арачиново. Таа е во брак со Агрон Халими, а плод на нивната љубов се нивните две деца, ќерката Диелза и синот Донит.
– За мене семејството е најскапоценото нешто. Го запознав Агрон, мојот сопруг, уште во основно училиште, учевме во истото училиште и речиси сме на иста возраст. Двајцата сме од Арачиново. По долгогодишна заедничка другарска, а потоа и врска на двајца заљубени, решивме да се венчаме и денес имаме многу среќно семејство. Моите родители и семејството живеат многу блиску до мене, а тоа ми создава една сигурност и огромна семејна удобност. Инаку, основно училиште завршив во Арачиново, а во тоа време, 1995-та, тие генерации девојчиња се соочуваа со тешкотии да го продолжат своето образование. Но јас продолжив понатаму, а во одлуката да го продолжам моето образование ме поддржа и моето семејство, бидејќи и тие го сакаа образовањето на своите деца. Со голема посветеност решив да одам во средно училиште, со што ги кршев стереотипите во тоа време во тоа наше опкружување – нагласува Халими.
Таа додава дека завршила средно медицинско училиште во Тетово, а потоа продолжила да се образова на Педагошкиот факултет во Скопје. Покрај формалното образование, се надградувала присуствувајќи на голем број курсеви и обуки од релевантни меѓународни институции од различни области, но со посебен фокус на курсеви каде што доаѓаат во израз улогата и придонесот на жените во развојот на општеството, од кои како пример ги издвојува „Жените во политика“, „Насилство врз жените“, „Школа за активирање на жените“. Токму преку нив вели дека добила јасна слика, одредени знаења што ја натерале да прифати некои предизвици за промена и развој на општеството во кое живее и работи за подобар живот.

На нејзиното осврнување кон жената се надоврзува и нејзината колешка Теута Арифи, градоначалничката на Тетово, која вели дека со векови жените биле ставани на маргините на општеството, што било причина плус тие до својата цел да доаѓаат по потешкиот пат. Сепак денес сме сведоци дека жената за сѐ мора да се избори сама, што можеби изгледа тешко. Таа смета дека зборот посупериорни би бил престрог кон мажите, и покрај тоа што денес жената е мултитаскинг и може да се снајде во секоја ситуација.
– Ако следиме голем број примери во светот, но и студии, ќе заклучиме дека жените се повнимателни во секоја сфера на животот, од водење на домаќинство до водење на држава. Мојот сопруг Шпенд е судија во Врховниот суд и, се разбира, покрај мојата функција и обврските што ги имам, добивам огромна поддршка и респект од негова страна. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме во ова време на пандемија, плановите се базираат на тоа прво да го зачуваме нашето здравје и здравјето на граѓаните, а потоа да ги довршиме сите проекти што се во тек и апсолутно да ги прифатиме новите предизвици што ќе ни ги донесе 2021-та. Еднаквоста на жените тргнува од нас самите и ако ние не се трудиме доволно, тоа не е во ред ниту за нас ниту за општеството.Сведоци сме на многу изменети текови благодарение на жените, но тоа не значи дека нашата работа тука е завршена, има уште многу да работиме за да создадеме еднакво општество, а најголем мотив за тоа се нашите деца и генерациите на жени што доаѓаат по нас – смета градоначалничката Теута Арифи.