Македонија ја има поддршката од сите 29 земји членки и очекува покана за членство во НАТО на претстојниот самит на Алијансата. Македонија е пред нов почеток. Имаме историска шанса она што го пропуштивме 2008 сега да го реализираме.
Ова го истакнаа на денешната средба со новинарите министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.
– Поканата за членство е првиот чекор, а ратификацијата за членство од страна на сите земји членки е завршниот чекор. Некаде на средина се и нашите одлуки – референдум, уставни измени итн. Но, овој прв чекор ќе ни даде шанса да почувствуваме дека после 10 години успеваме да го решиме проблемот којшто тогаш не спречи. Факт е дека со заклучоците на Самитот и со учеството на премиерот на состанокот посветен на Авганистан ќе покажеме дека Македонија веќе се однесува како членка, ги презема обврските како членка и дека е партнер на којшто Алијансата може да се потпре- рече Шекеринска.
Координаторот Пендаровски истакна дека според последната драфт одлука, Македонија поканата за членство ќе ја добие на 11-ти јули, а процедурата која што и претстои до целосното членство е стандардна како и за другите земји членки кога пристапувале.
Формалната покана за пристапни преговори, додаде, ќе ја упати генералниот секретар на НАТО до МНР или до Владата, на што Владата треба да одговори со писмо на намери дека ги почитува обврските. Ќе следат мини преговори за прашања од правна до воена природа по што ќе следи потпишување на протокол за пристапување кон Вашингтонскиот договор. По ова стартува процедурата на ратификација кај земјите членки каде што секоја од земјите има своја национална процедура за ратификација.
– Откако ќе почнат ратификациите, Македонија може да учествува практично на сите форуми како де факто членка, но без право на глас- рече и додаде откако во Стејт департментот во САД бидат депонирани ратификациите на сите земји членки вклучувајќи ја и од американскиот Сенат може да очекуваме полноправно членство.
На новинарски прашања Шекеринска појасни дека во процедурата за пристапување на Македонија кон НАТО нема ништо различно од стандардната процедура и во однос на оние на Хрватска, Албанија и Црна Гора.
– Ова е стандардна НАТО процедура. За да станеме членка 29 држави членки треба да го ратификуваат договорот. Една од нив е и Грција, а таа јасно ставила во договорот дека ќе го ратификува билатералниот договор тогаш кога ние ќе ја завршиме процедурата. Нема дополнителна политичка порака која ни ја испраќа, рече Шекеринска.
На прашањето што доколку не се случи објавување на Договорот од Преспа во „Службен весник“, односно доколку се пролонгира целиот процес на референдумот, Шекеринска нагласи дека целта е да се добие покана за да станеме членка на Алијансата.
– Јас реков имаме шанса да ја поправиме грешката од 2008, и ќе ја поправиме на 11 и 12 јули. Но, тоа не значи дека не спасува од правење нови грешки кои во друга ситуација и после 12-ти може да ни направат проблем. Нашата цел не е да добиеме покана за НАТО и тука да застанеме, туку да добиеме покана за НАТО и во брз и ефикасен процес да станеме членка на Алијансата. Но, тоа ќе зависи прво од Владата, од опозицијата, а најмногу ќе зависи од граѓаните на оваа држава и тие го имаат завршниот збор. Ние сме свесни дека постојат можности за одложување, меѓутоа сакаме да направиме се да избегнеме какви било шанси овој процес да се одолжи бидејќи е стратешки штетен за Македониј, рече министерката за одбрана.
Според неа, не е прашањето дали Македонија ќе го почне процесот на ратификација во декември, во јануари или во јули месец, дали ќе изгубиме два-три месеца плус.
– Ние сакаме овој процес да биде брз меѓу другото затоа што сега имаме мнозинство во Парламентот во Грција кој го поддржува Договорот и ќе поддржи ратификација на нашето членство во НАТО. Не можеме да знаеме после нивните избори каква ќе биде таму ситуацијата. Затоа повикот наш до сите политички партии и до сите фактори во државата е да не дозволат вторпат да се уништи шансата која државата ја доби- рече Шекеринска.
Според неа, несериозно е овој процес да се блокира со неформирање на ДИК за кое е постигнат меѓупартиски договор и на тој начин, вели, да се бега од референдумот во кој сите се „крстеа“ и го најавуваа.
– Од тој аспект немаме разбирање како е можно едно такво крупно прашање од ситни политички интереси да се доведува во прашање. Се надеваме дека разумот ќе надвладее затоа што историска ќе биде одговорноста ако некој овој процес го блокира- рече Шекеринска.