Македонија нема да и дозволи на Русија да го опструира Договорот со името со Грција, кој на Скопје му ја отвори вратата за влез во НАТО, порача денеска во Загреб министерката Радмила Шекеринска.
– Отсекогаш говоревме дека сакаме добра соработка со Русија, но одлуките се на нас. Македонија донесе одлука, изјави Шекеринска пред новинарите по состанокот на министрите за одбрана од регионот со американскиот секретар Џејмс Матис, што ја пренесе хрватската агенција ХИНА и српските медиуми.
Шекеринска додаде дека жали поради одлуката за протерување на дипломатите од Грција, како и дека македонската Влада „ќе остане будна и фокусирана“ на примена на договорот со Атина.
– Референдумот и донесените одлуки се во корист на граѓаните и нема да допуштиме ничие мешање на тој пат, потенцира министерката за одбрана Шекеринска.
Спред неа, одлагањето на приемот на Македонија во НАТО од 2008 година, предизвикало тешка политичка, стопанска и финансиска криза во земјата.
– Нема да дозволиме тоа никогаш повеќе да се случи, изјави Шекеринска.
Медиумите од Хрватска и Србија потсетуваат дека Македонија доби покана за членство во НАТО, како и на вчерашната реакција од Москва според која Русија смета дека Македонија со сила е вовлечена во НАТО, потег кој само ги продлабочува поделбите и напнатоста во Европа.