Денес на средба со граѓаните на Кичево беше министерката во Министерството за одбрана и носител во изборна единица 5, Радмила Шекеринска. Таа најпрво се сретна со членството и раководството на партијата од овој град, а потоа се прошета низ кичевската чаршија каде се поздрави со голем број граѓани, ги слушна нивните проблеми и барања, а на новинарско прашање што ќе им вети на граѓаните на Кичево и општината на претстојните парламентарни избори таа рече:
– Денес зборуваме на темата правичност, на темата правна држава. Покажавме дека успеавме да изградиме поправично општество во кое минималната плата порасна од 9000 на 14500 денари. Во кое просечната плата за првпат порасна за цели 4 000 денари. Успеавме во последниве 3 години три пати да ја зголемиме социјалната помош, а притоа да го решиме проблемот со стечајците и да го зголемиме бројот на работни места во државава – рече Шекеринска и ги најави програмските цели за во наредните 4 години.
– Во наредните 4 години главна цел ќе ни биде да ја вратиме правната држава, затоа што чувме и видовме колку трул е нашиот судски систем. Да покажеме дека никој во земјава нема да биде над законот, како што успеавме да влеземе во НАТО и како што ги започнавме преговорите со Европската Унија, така сега ќе се нафатиме на тврдиот костен и нема да бидеме ниту под уцени ниту под притисоци, за да се справиме со ова зло. Во делот за Кичево главниот фокус ќе ни биде и економијата и инфраструктурата. Следната година целосно ќе го завршиме автопатот Кичево-Охрид. Инвестирани се повеќе милиони евра за збогатување на инфраструктурата во овој регион. Повеќе од 500 фирми само од Кичево искористија финансиска помош за да ги зачуваат работните места и граѓаните потврдуваат колку им била важна оваа помош за да не стават клуч на врата – додаде носителката во изборна единици 5, Радмила Шеќеринска.
Во текот на вечерта со сите протоколи, Шекеринска ќе има обраќање пред граѓаните и членството на градскиот плоштад во Кичево.
З.А.