Најдиректно ги демантирам лагите на ВМРО ДПМНЕ. Лага е дека било кој, а особено јас во изминатава недела замислете сум била на службени патувања и сум ги трошела државните пари на патувања и репрезентација. Замислете тоа е истата оваа недела кога скопскиот аеродром воглавно беше затворен, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Таа се осврна и на кризата со коронавирусот како и на ратификацијата на протоколот за членство во НАТО и одлуката за почеток на преговори со ЕУ
– Ова е недела на два големи успеси, но за жал ова е и недела на голема криза во државата и во целиот свет. Криза со која се соочува целото човештво , но и криза со која се соочуваат и сите наши граѓани. Сè се менува со светлосна брзина – се менуваат проблемите, се менуваат предизвиците, еве сега и фала богу и успесите, меѓутоа и во успех и во криза една работа останува иста – а, тоа е дека ВМРО ДПМНЕ продолжува наместо со помош, наместо со пофалба да работи само со лаги. Ниту помагаат со кризата, ниту честитаат или да се порадуваат на успехот. Во вакви моменти кога водиме лавовска, ама буквално лавовска битка со корона вирусот, во исто време кога ги бележиме најголемите успеси по стратешките прашања на нашата држава, опозицијата се труди да го губи нашето време со лаги. И, затоа се надевам за последен пат одвојувам неколку минути за оваа изјава, бидејќи навистина е доста – рече Шекеринска.
Таа ја повика ВМРО-ДПМНЕ да престане со лаги заради тоа што, како што кажа, лагите нема ниту да го скријат нивниот срам за нечесниот однос кон кризата, ниту ќе го скријат нивниот срам дека 11 години ја држеа државата замрзната во место.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја повика Шекеринска јавно да ги објави исплатите од државниот трезор што се на име на министерство за одбрана и таму, според партијата, ќе се видат податоци за потрошени 1.4 милиони денари за патувања и ручеци за само четири дена.
– Шекеринска освен тоа што во криза троши преку министерство за одбрана пари за репрезентација и патувања позната е по тоа што шири лажни вести. Додека докторите немаат маски, од министерството за одбрана се плаќаат пари за ресторани и репрезентација како и пари за патувања – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму тврдат дека Министерството за одбрана потрошило еден милион и речиси 43 илјади денари за за патувања.