Ова е историски момент за нас и за Алијансата. Заедно поминавме низ многу предизвици. Заедно остануваме одлучни да ја браниме слободата, заедничкото наследство на нашите народи, базирани на принципите на демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото, им порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.
Шекеринска е прв министер за одбрана кој во Брисел учествуваше на официјалниот состанок на министрите одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО.
Започнувајќи го состанокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и упати добредојде на министерката Шекеринска и изрази задоволство што таа учествува на министерскиот состанок.
Цитирајќи го Винстон Черчил, министерката рече дека сме свесни дека ова е „крај на почетокот“ и дека сме подготвени да се соочиме со новите предизвици, соопшти МО.
Таа рече дека нашата татковина беше партнер на Алијансата долги години и во тие години покажавме дека сме доверливи, посветени и флексибилни.
-Како полноправен член, Алијансата може да смета на нас како способни и подготвени да дадеме придонес кон колективната мисија за заштита и одбрана на нашите заеднички демократски вредности, додаде министерката.
Шекеринска посочи дека одбранбениот буџет е во пораст, согласно насоките од Алијансата за издвојување на два проценти од бруто-домашниот производ, а дека сме и во фаза на имплементација на Стратегискиот одбранбен преглед.
Таа додаде дека Армијата е посветена да биде проактивен дел од структурите и мисиите на Алијансата и дека се во тек реформите за развој на интероперабилни воени сили, како дел од најуспешната одбранбена алијанса во светот.
– Отворените врати за Република Северна Македонија во НАТО се доказ дека Алијансата е динамична институција која гледа кон иднината и може да се носи со предизвиците на одбраната и денеска како и пред 70 години. Република Северна Македонија е со вас. Се радувам на нашата заедничка иднина, истакна Шекеринска.
На маргините на министерскиот состанок во Брисел, министерката Шекеринска досега имаше средби со бугарскиот, со канадскиот и со британскиот министер за одбрана. Посетата продолжува со билатерални состаноци со грчкиот, со турскиот и со белгискиот министер за одбрана.