Македонија изгуби историска шанса во 2008 и не можеме да си дозволиме таков луксуз да испуштиме уште една шанса. Нѐ чинеше загубена деценија, а го загубивме и чекорот со нашите соседи, вели вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА).
Таа истакнува дека во пресрет на референдумот, фокусот треба да биде на позитивниот аспект, на позитивните резултати од Договорот со Грција, кои не се само НАТО и ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
– Последиците од „не“ (на референдумот) се сериозни. Луѓето немаат потреба од нас, ние да им ја нацртаме оваа мрачна слика, бидејќи ја видоа во нивниот реален живот. Верувам дека треба да направиме кампања којашто ќе се фокусира на позитивните работи. А, не верувам дека единствените позитивни работи се поканата од НАТО или членството во ЕУ. Јас не сум лажна идеалистка кога велам дека ако погледнете и ги видите вашите соседи како ваши сојузници, ќе ви биде многу подобро. Ќе бидете посилни. Ќе бидете постабилни. Затоа, верувам дека можеби основниот аргумент за нашиот договор со Грција не се само ЕУ и НАТО, туку фактот што можеме да кажеме „избравме друг курс- вели Шекеринска.
Потенцира дека Македонија и Грција делат исти проблеми, исти ризици и се соочуваат со истата криза, „а ако не го разбереме нашиот регион и нашата стабилност, некој друг ќе го стори тоа и нема да ни се допадне“.
Во однос на ставот на граѓаните во Македонија вели дека секогаш ќе постојат луѓе што чашата ја гледаат полупразна или полуполна.
– Врз база на бројните разговори и дискусии што ги имав со голем број луѓе во Македонија, тие имаат некои критики во однос на аспектите на договорот, кон целата идеја дека мораше да преговараме за такво нешто за да се придвижиме напред. Но, длабоко, тие ја ценат стабилноста. Длабоко во нив ценат решенија. Длабоко ги ценат лидерите кои им велат „тешко е, но ќе успееме”, наместо оние кои се жалат за другите, за оние кои создаваат непријатели околу нас. Значи, да, ќе постојат гласни критичари на Договорот, но не се сомневам дека мнозинството од граѓаните на нашата земја се чувствуваат подобро и посигурно за да ја видат ова поинаква иднина што се распространува пред нив- нагласува Шекеринска.
За позициите на граѓаните од другата страна на границата, за несогласувањата што постојат во Грција, порачува дека е време за градење сојузништво и пријателство.
– Мислам дека грчките граѓани ќе најдат многу отворена и пријателска држава на север. Споделивме многу работи, а оваа деценија на замрзнати односи, нѐ натера да ги заборавиме овие работи. Грција беше најголем инвеститор во Македонија. Мислам дека тоа беше добро и за грчката економија. Мислам дека тоа беше одлично за грчкиот туризам, за малите бизниси итн. Логично е. Мислам дека постојат доста опасности околу нас, ајде, кога можеме, да создаваме сојузници и пријатели- вели Шекеринска.
Коментирајќи ја поканата за членство во НАТО, министерката за одбрана објаснува дека „земјата помина тешки и критични периоди во изминатите три години“ и се потсетува на моментот кога беше формирана владата како момент на, како што вели, голема радост, но и голема одговорност. Тогаш стремежот бил, следната година Македонија да добие покана од НАТО, но и датум за пристапни преговори со ЕУ.
– Но бевме некако скептични дали работите можат да се движат доволно брзо. Така, кога земјата го склучи договорот со Грција, беше навистина момент на надеж. Денес, оваа надеж станува се пореална. Но, во политиката, особено на Балканот, завршено е само кога целосно ќе се заврши. Затоа треба да останеме фокусирани. Може да имаме ден за славење, но во реалноста најголем дел од мислите и нашите чувства веќе се насочени кон следната цел, а тоа е еден успешен референдум, успешен процес на имплементација и интеграција во НАТО- вели министерката за одбрана во интервјуто за ИБНА, пренесе МИА.