Оваа држава покажа и претходно дека е подготвена да се справи со предизвикот. Институциите се координираат не само помеѓу себе, туку и со нашиот јужен сосед. Ќе продолжиме многу внимателно да ја следиме состојбата поврзана со мигрантите и да гарантираме безбедност на нашите граници и на нашите граѓани, изјави вчера вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на отворениот ден на армијата за граѓаните во рамките на одбележувањето на Неделата на НАТО.
– Има одредена промена, особено од грчка страна, бидејќи еден дел од мигрантите кога видоа дека се работи за лажни вести, дека балканската маршрута е отворена, почнаа да се повлекуваат надвор од дивиот камп – истакна Шекеринска.
На новинарско прашање дали е можно Турција да го искомпликува текот на членството на земјата во НАТО поврзано со припадниците на ФЕТО, дали може да го блокира, Шекеринска нагласи дека очекуваат поддршка од сите земји-членки на Алијансата.
– Очекуваме сите земји-членки, кои силно нѐ поддржаа на патот на НАТО-членство да го потврдат тоа и во текот на оваа година со ратификациите. Ние, со сите наши пријатели, сојузници, особено со Турција сакаме, градиме и ќе градиме добри односи, посочи таа.
Во однос на тоа дали ќе се екстрадираат припадниците од ФЕТО, Шекеринска рече дека овие случаи сите ги разгледуваат, водат сметки за нашите закони, водат сметка за нашите односи со сојузниците.
– Меѓутоа, она што е важно е сето тоа да биде не само дел од нашите билатерални односи, туку дел и од нашите правни постапки, нашата законска поставеност – нагласи министерката за одбрана.