Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска истакна дека со враќањето на опозицијата во Парламентот и постигнатиот договор за најголемиот дел реформски закони заедно покажале дека тоа е важен знак за нормализација на состојбите во државата.
Тоа, рече Шекеринска на отворениот брифинг со медиумите, било резултат на разговори и преговори и дискусии меѓу владините партнери и најголемата опозициска партија.
Според неа, еден од поважните реформски закони за кои е постигнат договор се однесува на следењето на електронските комуникации.
Гласањето, истакна, беше лесно, но му претходеа многу сериозни преговори до детали, кои и дадоа шанса на Република Македонија да го реформира системот на следење на комуникациите и да оневозможи негова злоупотреба, заштитувајќи ги притоа граѓаните.
– Власта и опозицијата покажаа дека веруваат дека оваа држава мора да се промени за да стане европска држава – истакна Шекеринска.
Вели дека останува да се доусогласат решенијата за судските реформи. Во голема мерка, рече, се усогласени ставовите, поднесени се дури и заеднички усогласени амандмани помеѓу власта и опозицијата за дисциплинска одговорност на судиите. Но, потенцира, во оваа држава не се само власта и опозицијата и затоа ќе бидат земени предвид и забелешките на судската фела, експертите, Здружението на судии, Советот за реформи.
Во врска со изборното законодавство, Шекеринска информира дека е договорено да одат во две фази. Во првата фаза ќе биде третиран акутниот проблем со ДИК, односно избор на нејзини членови. До септември, ДИК ќе функционира како претходно, со претставници на политичките партии, со претседател од опозицијата, а мнозинство во Комисијата ќе има власта, а потоа ќе се размислува и се разгледуваат опции за професионален состав на ДИК.
– Во меѓувреме ќе се подготват нови измени на Изборниот закон кој ќе ги земе предвид забелешките од ОБСЕ/ОДИХР и граѓанските здруженија кои се однесуваа на изборите и ќе понудат функционирање на ДИК во професионален состав од страна на администрацијата, а партиите ќе номинираат членови на ДИК кои ќе функционираат само шест месеци пред изборите. Сите подготовки на изборите ќе ги си води тој професионален состав, а партиите ќе влезат само тогаш кога државата ќе се подготвува за избори – рече Шекеринска.
Додаде дека во рамките на овие разговори СДСМ ќе понуди и измена на изборниот модел, воведување пропорционален со една изборна единица.
Најголем дел од обврските и на Собранието и на Владата, рече Шекеринска, се завршени. Но, според неа, она што е најважно е дека и Брисел забележува оти работите не се различни само на хартија, туку оти промените се случуваат и во пракса.