Што може Македонија да научи или да извлече како поука од швајцарското искуство? Дали за успех во преговорите со ЕУ и во споровите со соседите од клучно значење се токму чувството за своите интереси и високата политичка култура и знаење
Поради тоа што ЕУ не ги зема предвид швајцарските интереси
Може ли Македонија да извлече поука и да изгради цврст став во преговорите за наше членство со Европската Унија преку примерот на Швајцарија?
Имено, по седум години преговори, Швајцарија се повлече од новиот планиран договор за билатерални односи со Европската Унија поради несогласување за клучните точки. Или, со други зборови, Швајцарија „му удри корпа“ на Брисел поради тоа што ЕУ не ги зема предвид швајцарските интереси. Европската комисија неодамна информира дека жали за едностраната одлука на швајцарската влада, „со оглед на напредокот што е направен во текот на последните години за реализација на институционалниот рамковен договор“.
Од друга страна, швајцарскиот претседател Гај Пармелин се повика на несогласувањето за клучни точки во пропаѓањето на договорот со Брисел.
– Националниот совет утврди дека разговорите со ЕУ во три области не доведоа до неопходните решенија. Затоа, Националниот совет донесе одлука за завршување на преговорите – изјави Пармелин.
Инаку, договорот за кој се преговара уште од 2014 година требаше да биде основа за понатамошен развој на односите меѓу ЕУ и Швајцарија. Иако Швајцарија не е членка на ЕУ, таа и натаму е вклучена во многу европски проекти преку билатерални договори. Во тој контекст, надвор од актуелните преговори, оваа европска земја и натаму ќе има пристап до внатрешниот пазар на ЕУ, а за возврат таа ќе овозможува слободно движење на луѓето од земјите-членки низ нејзината територија.
Од друга страна, овие случувања се интересни за анализирање од македонска перспектива на настаните, бидејќи и Македонија има долгогодишна традиција на водење преговори за членство во ЕУ.
Имено, по прогласувањето на независноста во јануари 1991 година, Македонија го истакна членството во Европската Унија како еден од своите стратегиски интереси. Приклучувањето на Македонија кон ЕУ е на агендата за проширувањето на Унијата уште од 22 март 2004 година, кога е поднесена апликацијата за прием во ЕУ. На 9 ноември 2005 година, Европската комисија реши на Македонија да ѝ додели статус на кандидат, а на 17 декември истата година, Претседателството на Европскиот совет во Брисел ни додели статус на кандидат за членство. Следејќи го примерот на сите земји-членки што го поминале процесот на приклучување, бргу по доделувањето на кандидатскиот статус, државите ги започнале преговорите за приклучување. Но не и Македонија. Поради низа наметнати проблеми во надворешната политика, пред сè спорот за името со соседна Грција, а сега и со Бугарија, со наметнатиот спор за идентитетски, јазични и историски прашања, Македонија сè уште ги нема започнато преговорите.
Во меѓувреме, дипломатите со кои се консултиравме велат дека на Македонија, за разлика од Швајцарија на пример, ѝ недостигаат политичка волја на државниот врв и градење цврст став кон начинот на кој ќе се водат преговорите со Европската Унија. Тие истакнуваат дека цврстиот став кон одредени прашања може да ја покаже желбата на македонската држава за да биде дел од европското семејство, а со тоа и дополнително да ни го засили темпото во зачленувањето.
Македонскиот дипломат Драган Јањатов вели дека во македонските преговори за зачленување во ЕУ недостигаат јасна визија и став, бидејќи немаме своја внатрешно усогласена политика кон ова битно државно прашање.
– Процесот за членство во ЕУ е закочен со години, а кај нас не постои ниту визија, а уште помалку јасна државна стратегија како да реагираме на можните пречки на патот на зачленување. Очигледно не можеме да се споредиме со Швајцарија, бидејќи оваа земја точно знае што сака од преговорите, за разлика од Македонија, каде што сѐ е импровизирање во овој процес. Имено, преговорите со ЕУ личат на народната мудрост дека за да не ни студи, ги крпиме старите кошули каде што ќе ги повлечеме – вели Јањатов.
Тој објаснува дека освен овие есенцијални проблеми, во Македонија нема знаење како да ги надминеме овие состојби во вечните преговори со ЕУ.
– Имено, во развиените демократски земји, како на пример Швајцарија, постојат јавни политики и стратегиски документи што се базираат на градење на политики на туѓи искуства. Во Македонија воопшто нема такво нешто. Кај нас работите одвнатре не чинат, а потоа истите тие испливуваат на површина во дипломатските спорови што ги имаме и со соседите и со ЕУ – вели Јањатов.
Дипломатот вели дека ако сакаме да имаме успех во преговорите со ЕУ и во споровите со соседите, треба да имаме чувство на национален интерес и висока политичка култура.
– Во Европа токму овие особини на напредните демократии помогнаа да се надминат голем број меѓудржавни спорови, како оние на Франција и Германија и на Германија и Полска и слично. Тоа никогаш не ги спречи државите да чекорат заедно во ЕУ, ниту, пак, го забави зачленувањето на Полска во заедницата – вели Јањатов.
Дополнително, апсурдот на непостоењето на став по овие битни прашања во Македонија најмногу е видлив во однесувањето на нашите пријатели.
– Имено, соседна Хрватска влезе во конфликт со Бугарија за Македонија, бидејќи оваа држава знае како да постапува во дипломатијата, за разлика од нас, каде што оваа способност очигледно недостига – заклучува тој.
Македонскиот поранешен амбасадор Огнен Малевски вели дека кога би се направила паралела со швајцарскиот пример и Македонија, би можело да се заклучи дека има круцијална разлика во преговарањето со ЕУ.
– Нашите услови, кои траат долги години со ЕУ, во суштина настапуваат во процес во кој не сме ни почнале да преговараме со Унијата, за разлика од Швајцарија. Дополнително, во овој долг и тежок процес, условите што ни се наметнуваат имаат поинаква природа од темата на Швајцарија. Ние имавме блокади на патот кон НАТО, а сега кон ЕУ, поради нашето име, јазик, историја…, а овие прашања сами по себе се многу тешки за решавање, за разлика од економската природа на преговорите што сега е актуелна во ЕУ и Швајцарија – вели Малевски.
Дипломатот вели дека, од друга страна, за секоја држава е исклучително битно да се има став за она што се сака да се направи на меѓународно поле.
– Евидентно е дека Швајцарија има став, а кај нас домашните политички елити треба да постават одредени темели што би се однесувале на нашите црвени линии и потоа по нив да дејствува нашата дипломатија или надворешна политика. Она што треба да се знае во нашите случаи е што преговорите што ги водат дипломатите се само извршување на домашните политики, а чувството за став во домашните политики честопати е во рацете на државниците, кои наедно ако немаат став, преземаат и ризик за своите функции за кои се гласани – вели Малевски.
Дипломатот додава дека оваа проблематика на Македонија не е единствена во нашиот регион, туку сите земји од Западен Балкан се соочуваат горе-долу со слични проблеми.
– Евроскептицизмот, кој сега е сѐ почувствителен во Западен Балкан, се должи на стагнацијата на процесот на проширување, кој некако запре, откога на ура и без многу услови во Унијата влегоа земјите од Централна и Источна Европа, државите од Балтикот и малиот број земји од Балканот – резимира Малевски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, вели дека е многу тешко да се воспостави паралела меѓу македонското сценарио и она во Швајцарија, бидејќи целите што се сака да се постигнат во преговорите со ЕУ не се исти.
– Швајцарија јасно знае за што преговара со ЕУ, кај нас тоа недостига, бидејќи ние ја доживуваме Унијата како можност за комплетна преродба и редефинирање на нашето општество. Бидејќи членството во ЕУ и НАТО се единствените нешта по што сите се согласуваат, во држава што е длабоко поделена на политичка, верска и национална основа, не се избира што ќе се прифати во преговорите, а што ќе се одбие – вели Арсовски.
Тој советува дека, споредбено, преговарачката рамка со ЕУ подобро можеме да ја пресликаме на македонскиот случај со оној од Хрватска и Словенија отколку од швајцарскиот пример. Според Арсовски, тоа е така бидејќи состојбите беа слични со двете балкански држави, кои имаа сличен проблем како Македонија и Бугарија, но тој се надминуваше мирно и без блокади за хрватското членство во Унијата.