Премиерот на Словенија, Марјан Шарец, по билатералната средба со премиерот Заев, на прес конференција изрази силна пријателска и партнерска поддршка за евроатлантските интеграции на нашата држава и верба дека е достижно членството на Македонија во НАТО и ЕУ.
-Верувам дека ќе надвладее мислата дека Македонија е зрела за почеток на преговорите – одговори Шарец на новинарско прашање.
Шарец оцени дека нашата држава заслужува одлука за почеток на преговорите во октомври, притоа посочувајќи ги како важни постигнувања Договорот од Преспа, договорот со Бугарија, системските реформи направени во државава, што за словенечкиот премиер се одраз на желба, храброст, стабилност, безбедност, успех и демократска иднина.
-Сакам да бидам јасен и да кажам дека очекувањата на Македонија се големи и заслужени. Преговорите ќе бидат долги, но треба да започнеме – додаде тој.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев оцени дека Словенија претставува и наш голем економски стратешки партнер. Тој додаде дека пријателството со Словенија е докажано и во потешки времиња, како мигрантската криза во 2015 година, кога „нашите пријатели од Словенија, од Австрија и земјите од Вишеградската група, нѝ пружија драгоцена помош“.
И двајцата премиери оценија дека околу прашањето за мигрантската криза треба да се делува заеднички и низ дијалог и дека очекуваат на тој начин справување и со можните нови предизвици на овој план.
Премиерот Шарец, за пречките низ преговарачкиот процес рече дека ги имала и Словенија, но дека со многу напори, се решаваат.
-Ако некој е способен да постигне договор, тоа е премиерот Заев – оцени премиерот Шарец.
Премиерот Заев го повтори очекувањето дека Бугарија ќе биде меѓу најгласните поддржувачи за позитивна одлука и почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ, како и за решавање на постоечките предизвици, како и досега, низ дијалог и пријателство.