Од сите соседи, но и од цела Европа, најрестриктивни мерки кон Македонија има Бугарија, која сосема забрани влез за македонски државјани до 30 ноември.
Шареноликоста, но и некоординираноста и погрешното време на носењето на мерките кај нас и во другите земји ја отвораат и дилемата за кого работат државните власти, дали да ја заштитат државата од пандемијата или во интерес на други центри на влијание

СЕКОЈА ЗЕМЈА СО РАЗЛИЧНА АНТИКОВИД-СТРАТЕГИЈА

Како што се зголемуваат бројките на заразените лица со ковид-19, во очекување на новиот есенски бран на пандемијата, така државите од соседството и во светот ги менуваат правилата за движење и патување, односно за влез и за излез од земјите. Здравствените мерки и протоколи за патување во странство се најразлични и зависат од држава до држава, некаде доволен е документот за примена вакцина, некаде не се признаваат одредени видови вакцини, некаде треба ПЦР-тест итн. Нашиот весник направи пресек на правила и прописи што се во сила во различни држави и кај нас.

Некоординираност или погрешно време

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информира дека државата размислува од октомври при влез во земјата, но и при влез во сите затворени простории, лицата да поседуваат документ за целосна вакцинација, а не како сега каде што се бара и сертификат за една вакцинација.
Инаку, од први септември, доколку сакаат да влезат во нашата земја, за странските и за македонските граѓани, во сила е одлуката тие да поседуваат сертификат за имунизација, негативен ПЦР-тест или доказ дека неодамна прележале ковид-19.
– Домашни и странски државјани, кои при влез на граничниот премин на територијата на Македонија нема да приложат еден од документите, задолжително се упатуваат во домашна изолација или карантин на сопствен трошок во времетраење од седум дена, за што Државниот санитарен и здравствен инспекторат издава решение – информираат од Владата.
Универзитетскиот професор и микробиолог Никола Пановски вели дека кога се говори за воведување мерки за заштита на ширењето на пандемијата на ковид-19 при влез и излез од нашите граници, се подразбираат сет правила што треба да бидат одлично временски усогласени и во согласност со политиките во соседните земји.
– Кај нас овие состојби се со погрешен тајминг и тие во суштина не ја отсликуваат вистинската и навремената потреба на здравствената состојба во одреден момент – вели Пановски.
Тој објаснува кога во соседството на почетокот од летото се носеа строги протоколи за да се заштити или забави влезот на делта-сојот на ковид во земјата, во тој период не беа донесени строгите мерки, под објаснение дека не се потребни. Спротивно од овие тврдења, вирусот со дозволите за одржување свадби и прослави во рестораните, вирусот доживеа експлозија во земјата, особено во северните и во западните делови. Па дури потоа, како на тапани по свадба се донесоа рестриктивни мерки – вели Пановски.

Тој додава дека ако навреме се реагираше, немаше да има потреба да се активира модуларната болница во Тетово и дури ќе можеше и хипотетички да се избегне трагедијата со пожарот бидејќи системот немаше да биде оптоварен.
– Дополнително, има уште една проблематична работа кога говориме за овие мерки, а тоа е нелогичноста во нивната содржина. Имено, на нашите граѓани им се бараат мерки за да се обезбеди излез од земјата на луѓе што не се болни од вирусот, а тоа не го прават одредени земји во опкружувањето. Па оттука логично е прашањето за кого работат државните власти, дали да ја заштитат државата или во интерес на други центри на моќ. Натаму, нелогично е зошто се укина слободниот излез на граѓаните што го прележале вирусот ако се знае дека во светот има земји што дозволуваат, без потреба од вакцинација, нивни граѓани слободно да излезат од земјата во период од шест, па дури и до 12 месеци. Кај нас, без научно објаснување оваа мерка беше спречена, со објаснување дека вакцинацијата е побезбедна од природно стекнатиот имунитет на вирусот, што патем е сосема неточно научно гледано – поентира Пановски.
Од Министерството за здравство, за „Нова Македонија“ велат дека eдинствен начин за спречување на ширењето на пандемијата е вакцинацијата, заедно со почитување на здравствените протоколи.

Бугарија со најрестриктивни мерки

Убедливо најмногу од сите соседи, најрестриктивни мерки кон Македонците има Бугарија. Источниот сосед сосема забрани влез за македонските државјани, иако за граѓаните од државите на ЕУ, при влез во земјата се потребни слични правила, кои подразбираат документ за вакцина, негативен ПЦР или потврда за прележаност.
Властите во Софија оваа нивна одлука ја спроведуваат од почетокот на септември и таа ќе биде во сила до крајот на ноември. Образложението на Бугарија за ваквите рестрикции кон Македонија лежи во фактот дека нашата земја е во црвената зона, односно во групата најпогодени земји од коронавирусот.
За влез во Грција, неопходно е да се има картон дека граѓанинот спровел имунизација, негативен ПЦР или потврда за прележаност, дополнително има и задолжително тестирање при пристигнувањето во земјата, спроведено од страна на властите во Грција. На север, за влез во Србија важат речиси истите правила како и оние во Грција, односно потребно е да се има негативен ПЦР или потврда за вакцинација или тест за антитела, без притоа дополнително да се спроведе тестирање на граница. Во соседно Косово и во Албанија важат слични мерки.

Какви мерки се применуваа во Европа и во светот

Најголемиот дел од земјите-членки на Унијата ги признаваат само вакцините што се одобрени од Европската медицинска агенција (ЕМА) и во нив може да влезат без никакви дополнителни мерки и македонските државјани вакцинирани со „Фајзер“, „Астра Зенека“ и со „Модерна“. На оние наши граѓани што се вакцинирани со „Синофарм“ и со „Синовак“, односно со двете кинески вакцини непризнаени од ЕМА, не им е дозволен влез во најголемиот дел од земјите на ЕУ.
Дополнително, оваа одлука не е обврзувачка за сите држави членки, па секоја од нив си носи свои правила. Има земји како Грција, кои го одобруваат влезот и со „Синофарм“ и со „Спутник“, иако тие не се признаени од ЕМА. Дополнително има и држави во ЕУ што имаат одлука за нашите граѓани, кои иако се целосно вакцинирани, сепак да мора да одат во задолжителен десетдневен карантин во местото каде што престојуваат. Доколку Македонците го прелетуваат Атлантикот и сакаат да влезат во Соединетите Американски Држави, тие треба да поседуваат негативен брз антиген ковид-тест и негативен ПЦР-тест, не постари од три календарски денови пред почетокот на патувањето. Натаму, Македонците треба да бидат целосно вакцинирани и од вакцините запишани во изборот на тамошните федерални власти, а во оваа група вакцини влегуваат вакцините произведени од компаниите „Фајзер“, „Модерна“ и „Џонсонс и Џонсонс“.
Во Австралија, пак, кога ќе пристигнат патниците од некоја земја мораат да бидат во изолација 14 дена, без разлика дали се тие вакцинирани или поседуваат негативни тестови што покажуваат присуство на ковид. Во оваа земја е дозволено македонските гаѓани да транзитираат низ нејзините аеродроми ако поседуваат негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа, по нивниот влез на аеродромите во Австралија.