Поранешниот посредник на ЕУ Питер Ванхауте за одлуката на Зоран Заев
Ги следев со интерес последните случувања поврзани со локалните избори во Северна Македонија. Иако ја разбирам ситуацијата прилично добро, ми звучи чудно што премиер би одлучил да поднесе оставка поради разочарувачкиот исход на локалните избори, истакна вечерва на Фејсбук поранешниот посредник на ЕУ во преговорите за Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, осврнувајќи се на исходот од македонските локални избори и оставката на Зоран Заев. Тој смета дека станува збор за две одделни нивоа на управување, со што исходите од изборите на едно ниво не би требале да влијаат на друго ниво.
– Имам чувство дека одлуката на господинот Заев беше донесена и јавно објавена пред да биде постигнат договор во рамки на коалицијата. Како премиер, вие никогаш не треба да одлучите да поднесете оставка, освен ако вашите коалициски партнери не се согласуваат со тоа, како и со следните чекори, односно за тоа кој би ве заменил како премиер. Секако дека потполно го разбирам разочарувањето на господинот Заев – во функционирањето на неговата партија, од недостигот на напредок во врска со приемот во ЕУ, од функционирањето на дел од коалициските партнери. Па да, ова се валидни причини зошто премиер би одлучил да поднесе оставка. Но ве молам, во тој случај, ако сакате да поднесете оставка, информирајте ја јавноста дека сте одлучиле да поднесете оставка поради лични причини – оценува Ванхауте.
Тој нагласи дека во меѓувреме, нема потреба за предвремени избори, туку за продолжување понатаму, со првично фокусирање на националните приоритети. Ванхауте смета и дека надоаѓачките проблеми не се ексклузивна одговорност на една или на друга партија, туку на системот кој е дисфункционален, бидејќи е базиран на клиентелизам и на патронизација. Тој ги повика сите партии да го прифатат менувањето на системот на клиентелизам како врвен приоритет, апелирајќи во создавање на фер демократија, во која сите граѓани ќе имаат еднакви права и еднаков пристап до услуги, и во која политичарите ќе бидат на услуга на народот.
Белгискиот експерт наведува и оти ја препознава потребата за медијација во спорот со Бугарија, но оти кон ова прашање треба да биде пристапено на креативен начин, а не со следење на класичните начини на медијација бидејќи тие не би донесе резултати.