Последните изјави на еврокомесарот за проширување воопшто не кореспондираат со ставовите на официјален Брисел, но и на Германија, Холандија и Данска
Голем број недоумици за тоа чии политики застапува еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи предизвика неговата последна изјава дадена за време на балканската турнеја, во која кажа дека ако нема напредок во преговорите меѓу Македонија и Бугарија, Албанија би можела сама да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
При посетата на Заев на Брисел, Вархеи, пак, истакна дека неговата цел, како и целта на Европската комисија, е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Ваквата изјава следува откако претходно австрискиот весник „Стандард“ излезе со критика на изјавите на еврокомесарот за проширување, кои воопшто не кореспондираат со ставовите на официјален Брисел, но и на Германија, Холандија и Данска, кои повторија дека двете земји треба во пакет да го продолжат пристапниот процес.
– Не можеме да сфатиме што му стана, ние отсекогаш сме велеле и понатаму ќе велиме: Северна Македонија ги исполни сите критериуми – вели висок анонимен функционер на ЕК на кој се повикува весникот, притоа додавајќи дека е несфатливо зошто воопшто се шпекулира за одвојување на европскиот пат на двете земји кога одлуката треба да ја донесе Европскиот совет, а таму нема никакви амбиции за раздвојување.
Имајќи ги предвид реакциите од Брисел, се наметнува дилемата дали еврокомесарот за проширување Вархеи спроведува индивидуална политика што не кореспондира со официјалната европска политика, што, од друга страна, внесува дополнителна забуна чиј претставник е Вархеи, на ЕУ или, пак, солист кој „свири“ по нечии други ноти.
Тоа ја наметнува и дилемата дали индивидуалните политички настапи на европските функционери се некаква практика или, пак, станува збор за инцидент несвојствен за дипломатската практика. Не се исклучува и можноста зад ваквите изјави на еврокомесарот за проширување да се крие некаква европска тактика за прикриен притисок врз Македонија за флексибилност во спорот со Бугарија, зад што Брисел би можел да се затскрие со појаснување дека станува збор за индивидуален став на својот еврокомесар.
Весникот „Стандард“ објави дека во дипломатските кругови на ЕУ се сомневаат дека ставовите на Вархеи во врска со Македонија се должат на активностите на унгарскиот премиер Виктор Орбан на македонската политичка сцена, кој, како што наведува австрискиот весник, нема симпатии кон актуелната влада во Скопје.
– Сигурно дека имало случаи на индивидуални настапи на европски функционери низ историјата овие десетина година. Претпоставувам дека ова што го кажа Вархеи за разделувањето на Македонија и Албанија не е само негово лично мислење, а не би ме изненадило и да има меѓу земјите од ЕУ такви поддржувачи на раздвојувањето. Има различни замисли, меѓутоа изјавата на Вархеи дојде во погрешен момент – вели поранешниот дипломат Огнен Малевски.
Според него, еврокомесарот не може да спроведува индивидуални политики, тој сепак мора да дејствува како дел од ЕК.
– ЕК е еден вид влада на ЕУ. И таа си има претседател, одлучува со мнозинство гласови кога заседава за нешто, должна е да почитува заклучоци и еврокомесарот мора да дејствува во согласност со тие заклучоци. Се разбира, има слобода, може да направи гаф, понекоја грешка и слично, но лошото е што тој не се извини, ја даде така изјавата и по малку беше неодговорно од негова страна. Затоа и добар дел од земјите-членки на ЕУ беа изненадени и реагираа на неговиот став, кој очигледно бил некоординиран со другите – нагласува Малевски.