Според најновиот извештај на швајцарската компанија за управување со ризици „Глобал риск профајл“ (ГРП), Македонија за разлика од лани, кога била на 81-то, сега е на 85-то место во светот според индексот на корупција. Тоа значи дека земјава падна за четири места на ранг-листата за корупција. Кои се причините за ваквиот пад и каде да се бараат решенијата

И ПОКРАЈ МНОГУБРОЈНИТЕ „МЕРКИ“
НА СИТЕ ДОСЕГАШНИ ВЛАДИ

Дека корупцијата во Македонија се продлабочува констатира деновиве швајцарската компанија за управување со ризици „Глобал риск профајл“ (ГРП), според која Македонија, за разлика од лани, кога била на 81-то, сега е на 85-то место во светот, според индексот на корупција. Тоа значи дека земјава падна за четири места на ранг-листата за корупција на ГРП, кој ја истражува корупцијата во 199 земји во светот.
Инаку, најмал индекс на корупција во светот има во Финска, Норвешка и Нов Зеланд, додека во нашиот регион најдобро рангирани се Словенија на 29-то, Грција на 37-то и Хрватска на 47-то место, а пред земјава е рангирана и Бугарија, на 54-то место.
Зад Македонија се Црна Гора, на 89-то место, Србија на 92-то, Косово на 122-то, Албанија на 125-то и Босна и Херцеговина на 131-то место. На дното на листата се Либија, Сирија и Северна Кореја.
А што е тоа што Македонија постојано ја турка надолу кога станува збор за корупцијата и зошто државата никако да воспостави ефикасни механизми за борба против корупцијата, објаснува професорот по кривично право Гордан Калајџиев.
– Сѐ додека политичките партии сметаат дека освојувањето на власта е начин да се доберат до привилегиите, корупцијата во нашето општество ќе биде системска. Освен тоа, во јавноста доминира ставот дека политиката е начин да се дојде со привилегии. За да се надмине таквиот доминантен став, потребен е долгорочен процес во кој, од корен, ќе се смени системот на вредности и ќе се елиминира партизацијата на државниот апарат. Но тоа, за жал, како што реков, е долгорочен процес, а во меѓувреме ќе имаме ситуација во која во политиката ќе се влегува за да се извлече некаква корист, а не за да се подобрат нештата – оценува Калајџиев.

Освен тоа, како што пред извесно време при неговата посета на земјава објасни претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано, „корупцијата ги загрозува владеењето на правото, демократијата и човековите права. Таа ја загрозува стабилноста на демократските институции и моралните основи на општеството“. Познато е дека и стопанствениците во земјава повеќепати укажуваа на негативните ефекти на корупцијата врз стопанството, за што во јавноста постојат и голем број документирани и недокументирани сведоштва.
Во меѓувреме, владините претставници, меѓу кои и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, најавуваат голем број механизми за борба против оваа појава.
– Нашиот врвен приоритет е истрагите да не завршуваат само со кривичното дело, туку и со материјална одговорност на сторителите, односно со одземање на незаконски стекнатиот имот. Водејќи се од принципите за заштита на националниот имот, како и на државниот буџет, веќе ја имаме драфт-верзијата на Законот за потекло на имот, нешто што за првпат го добива нашата држава. Со ваквото законско решение, кое содржи низа механизми и одредби, за првпат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот – најави Николовски.
Но дека мерките што сите досегашни влади ги најавуваа и што повеќе или помалку ги реализираа не се доволни потврдува и последниот извештај на Европската комисија, според кој Македонија е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата.

– Постигнат е одреден напредок, бидејќи земјата продолжи да го консолидира својот ефект за истрага, гонење и судење на неколку случаи на корупција, вклучувајќи и на високо ниво, и ја зајакна својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција. Случаите иницирани од поранешното СЈО продолжија да напредуваат, со што се утврди одговорност за незаконските прислушувања. Голем број случаи беа предмет на првостепени пресуди и беа отворени нови случаи врз основа на истражен материјал од поранешното специјално обвинителство. Државната комисија за спречување корупција беше проактивна во спречувањето на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучувајќи и против службеници на високо ниво. На Државната комисија ѝ беа доделени нови простории. Како и да е, напорите за подобрување на нејзиното функционирање треба да продолжат, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање стручен кадар – се вели во извештајот.
И како што се додава во извештајот, треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал и корупција. Д.М.М.