Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја се вакцинирани, а 35 отсто од популацијата во државата примиле две дози
вакцина, покажуваат информациите на Министерството за здравство
Заразата не стивнува, нѐ чека ли уште еден врв
Може ли да се случи од четвртиот директно да влеземе во петти бран од ковид-19 во периодот што следува? Оваа дилема е предизвик за епидемиолозите, особено откако во август почна четвртиот бран. Една од причините е што епидемиолошката слика не се смирува, а дополнително може негативно да влијае есенскиот и зимскиот период што следува.
Проблем е и целата епидемиолошка слика во регионот, каде што бројот на позитивни расте, како што расте и смртноста, а процентот на вакцинирани стагнира. Што можеме да очекуваме во следниот период?
Микробиологот Никола Пановски смета дека во следниот период нема да се намалува бројот на заболени, дури вели дека тој број може да расте во зимските месеци.
– Може да имаме четврти бран со две грпки од камила – посочува тој.
Во однос на мерките, тој вели дека веќе е дегутантно да се зборува, зашто тие требало да се носат претходно.
– Вакцината не штити од ширење на болеста, туку од тешка клиничка слика кај заразениот. Вакцинираните се разболуваат за 23 отсто помалку од невакцинираните – заклучува доктор Пановски.
Триесет и осум отсто од граѓаните вакцинирани
Според бројот на аплицирани вакцини, заклучно со првите седум дена од октомври, 38 отсто од целата популација во нашата земја се вакцинирани, а 35 отсто од популацијата во државата примиле две дози вакцина, покажуваат информациите на Министерството за здравство. Наедно, вкупно се вакцинирани 793.987 граѓани, ревакцинирани се 745.415, а трета доза примиле 625 граѓани.
Вкупната бројка на лица дијагностицирани со ковид-19 од почетокот на епидемијата изнесува 194.891. Оздравени се 181.031, а починати 6.831.
Во Србија во овој момент се вакцинирани 2.907.688 лица, што е 54 проценти од полнолетната популација, 2.793.425 лица се ревакцинирани, што е 52 отсто. Третата доза ја примиле 655.370 луѓе, или 12 проценти од населението.
Во Црна Гора, 54,4 проценти од возрасната популација се вакцинирани со првата доза на вакцината, а 48,1 проценти се ревакцинирани.
Србија очекува тешка епидемиолошка зимска слика
Маријан Ивануша, директор на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Србија, пак, предупредува дека сегашниот бран на епидемијата може да трае и додава дека очекува „тешка есен и зима“ во Србија.
– Во некои земји се направија анализи и утврдија дека видот на делта се шири толку агресивно што е многу тешко да се скриеме од него и дека сите ќе дојдеме во контакт со вирусот на некој начин до пролет – рече директорот на Канцеларијата на СЗО во Србија.
Тој оценува и дека епидемиолошката состојба во Србија е тешка бидејќи, како што вели, огромен број луѓе умираат секој ден.
Коментирајќи го фактот дека околу 52 отсто од возрасната популација во Србија досега се целосно имунизирани, претставникот на СЗО рече дека „тоа во никој случај не е доволно“.
– Во Израел и Велика Британија има околу 66 проценти целосно вакцинирана популација, но и тоа не е доволно. Вакцинацијата треба да се комбинира и да се постигне голем процент од вакцинираните. Португалија има 80 отсто од вкупно вакцинираното население, па дури сега се олеснуваат мерките – рече Ивануша.
Како светот ги убеди нерешителните да се вакцинираат?
Со какви тактики се служеа земјите за да го зголемат бројот на имунизирани граѓани и да ги убедат нерешителните?
Во одделни земји бројот на вакцинираните и понатаму е неочекувано мал. Од друга страна, има и примери на земји што успеаја да вакцинираат и до 80 отсто жители, и тоа со двете дози.
Иако Русија прва во светот регистрира вакцина против коронавирусот, во екот на третиот бран во јули стапката на вакцинацијата во таа земја беше мошне ниска – само околу 19 отсто. Московските власти во јули наредија задолжителна вакцинација на најмалку 60 отсто на персоналот во услужните дејности, од угостителството до сместувањето и транспортот. За да се мотивираат граѓаните во што поголем број да се вакцинираат, сите што ја примија првата доза на вакцината до 11 јули беа вклучени во ждрепката за пет автомобили што се доделуваа секоја недела.
Шведските научници извршиле тестирања дали финансискиот поттик може да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот. Подарок-картичките од 23 долари се една од четирите техники што се тестирани. Очигледно оваа тактика дала позитивни резултати. Во Шведска денес 65 отсто од жителите се вакцинирани со двете дози и уште 5,55 отсто со првата, поради што оваа земја ги укина сите мерки.
Романските власти донесоа итна уредба со која е овозможено вакцинираните да добијат ваучери за оброк, но изгледа дека таа мерка не ги натера граѓаните да тргнат кон пунктовите за вакцинација. Во Романија само 28,30 отсто граѓани ги примија двете дози и 1,7 отсто првата доза, што оваа земја ја става во долниот дел на листата на вакцинирани во Европа.
Кина за време на летото се обидуваше со подароци да ги мотивира граѓаните за вакцинација. По првата доза вакцина во одделни делови на најнаселената земја во светот граѓаните добиваа подароци, како што се јајца и брашно, како и бонови за купување, но и карти за кино.
Америка се обидуваше да го зголеми бројот на вакцинираните со наградни игри и со лотарии. Висината на наградите варираше од еден милион до повеќе милиони долари, а во некои држави се делеа и „утешни награди“ од 250.000 долари. На списокот на награди беа и школарини, авионски билети, потоа билети за спортски натпревари, подарок-картички.
Во Грција како поттик за вакцинација на младите на возраст меѓу 18 и 25 години им се доделуваше дигитална дебитна картичка во вредност од 150 евра, која беше наречена „пропусница за слобода“. Грција воведе задолжителна вакцинација за сите здравствени работници.
Како и Велика Британија, и Ирска има ниска стапка на вакцинација. Најмалку вакцинирани имаше меѓу младите, поради што парламентот ѝ предложи на Владата да исплати 150 евра бонус за да ги поттикне младите да се вакцинираат.