Освен посетата на португалскиот министер за надворешни работи и еврокомесарот за проширување, како „активност за поддршка на македонските евроинтеграции“, во Скопје доаѓаат и министри од Словачка, Чешка и од Австрија. Овие земји-членки на ЕУ се спротивставија на последниот самит на ЕУ, во декември минатата година, историските барања на Бугарија да бидат внесени во заклучоците за проширување на Унијата како услов за евроинтеграциите на Македонија. Сепак, и покрај сите заложби на одредени земји-членки, останува прашањето дали ЕУ е подготвена да го направи тој „половина чекор“ за Македонија и да ги започне преговорите за членство на претстојниот самит во јуни
Може ли ЕУ да направи половина исчекор за Македонија?
Можеби не до степен на вознемиреност, но барем се раздвижени „духовите“ во ЕУ на темата проширување на Унијата, во пресрет на самитот што треба да се одржи во последната седмица на јуни. Под темата „проширување“, последниве години во Брисел се подразбира одржување на евроинтегративниот ентузијазам на земјите од Западен Балкан, но со очекување овие земји да не ги земаат здраво за готово ветувањата и зборовите на европските политичари и дипломати. Македонските високи претставници на власта (претседателот, премиерот, министрите за надворешни работи и евроинтеграции…) во последниов период имаа динамични активности и средби во Брисел, но и кај земјите-членки на Унијата, како и на регионални форуми, со мисија за добивање поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на португалското претседателство со ЕУ. Дури и министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, се одлучи да ги посети Софија и Скопје, во придружба од еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеи, како дел од посредничката мисија, односно координираната активност на актуелниот претседавач со Советот на ЕУ, Португалија, и Европската комисија за надминување на причините за ветото на Бугарија за македонските евроинтеграции.
Имeно, во најновата епизода од серијата со ветата за македонските евроинтеграции, која трае речиси две децении, улогата на „европски антихерој“ ја презеде Бугарија, по Грција и Франција. Користејќи го принципот на консензус во одлучувањето во ЕУ, во обландата на божемно „зачувување на интересите на ЕУ“, Бугарија упорно настојува некои свои историско-национални аспирации спрема Македонија да ги наметне како услов за македонските евроинтеграции. Македонскиот премиер, Зоран Заев, по последните посети на Брисел, кажа дека таму се свесни за проблематичноста на позициите на Бугарија, но дека очекува ЕУ да направи барем „половина чекор“ и да донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија.
Во контекст на европското „разбирање“ на апсурдноста на македонско-бугарскиот спор е и изјавата на германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, која неодамна рече дека 27 земји-членки на ЕУ, како и политиката на проширување, се заложници на тесните национални интереси на Бугарија. На изјавата на хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ (на самитот Брдо-Бриони), дека „Бугарија навлегува во интимниот простор на Македонија“, официјална Софија реагираше со повикување на разговор во тамошното Министерство за надворешни работи на хрватската амбасадорка.
Според македонските дипломати со долгогодишно искуство, овие активности и изјави на европските политичари и дипломати се своевиден притисок за Бугарија, но и понатаму е дискутабилно колку е тој ефикасен додека важи принципот на едногласност во ЕУ.
– Секако, дипломатскиот и политички притисок не е пријатен, односно не е пријатно да се слушнат критики од сојузници и високи политички претставници на зeмји-членки на ЕУ, како што сега ѝ се случува на Бугарија во врска со нејзиното вето за македонските евроинтеграции. Но ние во Македонија, сепак, знаеме дека досега таквиот притисок не беше доволен во случаите со другите вета што ги имавме во изминатите две децении. Притисоците имаат влијание, но тоа е лимитирано и зависи од каде и од кого доаѓа. Активностите на европските политичари и дипломати пред самитот на ЕУ во јуни ги гледам како заложба за наоѓање соодветно решение да се спаси образот на Бугарија, а да се надмине блокадата на евроинтеграциите. Со оглед на актуелната политичка ситуација во Бугарија и техничката влада, која административно управува до повторените избори во јули, не очекувам да се најде компромис за време на португалското претседателство за одржување на меѓувладината конференција. Сѐ додека функционира принципот на едногласно одлучување, не верувам дека ЕУ би направила нешто со што не би се согласила Бугарија – смета поранешниот македонски дипломат Огнен Малески.
Освен посетата на португалскиот министер за надворешни работи и еврокомесарот за проширување, како активност за поддршка на македонските евроинтеграции, во Скопје доаѓаат и министри од Словачка, Чешка и од Австрија. Овие земји-членки на ЕУ се спротивставија на последниот самит на ЕУ, во декември минатата година, историските барања на Бугарија да бидат внесени во заклучоците за проширување на Унијата, како услов за евроинтеграциите на Македонија. Сепак, и покрај сите заложби на одредени земји-членки, останува прашањето дали ЕУ е подготвена да го направи тој „половина чекор“ за Македонија и да ги започне преговорите за членство на претстојниот самит во јуни.
– Сметам дека повеќето земји-членки на ЕУ се искрени во поддршката кон Македонија во спорот со Бугарија, но не верувам дека сите се такви. И веќе го имаме искуството со тоа. Франција ниту еднаш пред своето вето, од октомври 2019 година, не искажа некое противење кон нашето членство, а и самата Бугарија, освен во еден краток период, немале ништо против нашето членство во ЕУ, додека го имавме спорот со Грција. Но очигледно (барем за тие две земји) тие се „криеле“ зад ветото од Грција сите овие години, за потоа кога тој проблем „се реши“ – тие да се појават со свои барања/блокади. Не е тешко да се претпостави и дека тоа можеби (или веројатно) било координирано меѓу нив (а можеби и со плус други земји). Сега на пример Грција е „гласна“ во поддршката, но и тие не пропуштаат да нагласат дека таа поддршка зависи од целосно и стриктно почитување на Преспанскиот договор (без оглед што тие не го почитуваат). И додека сега нема воопшто никакви коментари од нивна страна за тоа дали и колку го почитуваме договорот, нема да се изненадам да има такви забелешки (и нови блокади) веднаш штом (ако воопшто) се реши проблемот со Бугарија.
Немам големи очекувања за во јуни и мислам дека сепак ќе се остави прашањето за првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија за во декември – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.