Здравствените протоколи за утрешното одбележување на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ќе ги спроведува Центарот за јавно здравство (ЦЈЗ), изјави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

– Испратено е барање до Министерството за здравство и тоа пред најмалку три недели најмалку. Контактирав и со министерот за здравство по однос на сите протоколи, а вчера контактирав и со директорот на Центарот за јавно здравство докторот, Шабан Мемети, кој секако ќе ги донесе сите потребни луѓе коишто ќе ги спроведат протоколите предвидени за настанот – истакна Груби, пред проекцијата на документарниот филм „Охрид и потоа“ во организација на Центарот за европски истражувања и анализи „Еуропроспера“ и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.


Мицкоски: Приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи

Во време кога граѓаните едвај крај со крај врзуваат, илјадници ги загубија своите работни места, за само три и половина години го задолжија секое македонско семејство за фантастични 5.200 евра, денес Македонија гори, воведуваат мерки како во средината на 20от век, криминалот и корупцијата се владиното заштитно име, Македонија е во првите пет според бројот на починати од корона и меѓу последните пет според бројот на вакцинирани, владините партнери одлучиле да потрошат 30.000.000 денари народни пари за прослава на Рамковниот договор, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Рамковниот договор е завршена работа, а приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи. Наместо парите да ги пренаменат за други граѓански потреби, одлучиле да слават кога најмалку е време за славење. А во меѓувреме каква е реалноста? Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово и после 4 години се уште не е реновирана. Нема ниту збор од канализацијата во Другово. Неколку километри автопат кон Косово и после година и половина не е мрднат од почетна точка. Исто болат солзите на мајката Македонка, Албанка, Турчинка, Ромка, Србинка…, кога се разделува од сопственото чедо кое заминува во туѓина поради тоа што не добило шанса во Македонија и уште многу, многу порази…. Парадата ќе заврши, парите ќе се потрошат, коктелот ќе се испие, славењето ќе помине, а реалноста ќе остане, а таа реалност боли, пече поради неспособните политичари. Тие од Владата ќе продолжат да ме навредуваат со сиот гнев што го имаат кон мене, тоа го прават 4 години затоа што се уплашени, крајот доаѓа, а со крајот и одговорноста, но заедно со одговорноста нудиме чест, визија, многу работа и иднина. Вие, граѓаните за нешто повеќе од два месеци одлучувате во каква Македонија сакате да живеете – порача Мицкоски.