Бугарското вето за Македонија сериозно ја загрозува ефикасноста на политиките на ЕУ во Западен Балкан, смета Николаос Цифакис, професор и член на Советодавната група за јавна политика – Балканот во Европа, пренесува „ЕВБ“.
– Ова е една непредвидена пречка на европскиот пат за Северна Македонија. Ништо од овие работи не беше дел од барањата на Бугарија до пред една година – вели Цифакис.
Бугарија бараше само преговарачката рамка да содржи гаранции дека Скопје ќе ги исполни условите од Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, што беше еден од предусловите Бугарија да не стави вето за пристапот на земјата во ЕУ.
Цифакис додава дека, доколку Македонија наскоро не оствари напредок во пристапниот процес кон ЕУ, имплементацијата на Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје исто така ќе биде загрозена.
Членство во ЕУ беше единствената мотивација за владата на Зоран Заев да прифати компромисно решение за промена на името, а ситуацијата со бугарското вето не треба да се потценува, затоа што доведува во прашање цела низа на европски геополитички интереси на Западен Балкан, смета Цифакис.