Во преговорите не одиме да дадеме нешто, да го дадеме името Македонија, како што тврдат некои, одиме да земеме назад нешто што е дадено пред 70 години, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас од Солун, по средбата со солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас, одговарајќи на новинарски прашања, не се задржа на преговорите што се водат во Њујорк, туку на тоа зошто Атина прифаќа сложено име, обраќајќи им се на сите оние што во Грција ја обвинуваат Владата дека „го дава името Македонија“.
– Се наоѓаме во преговори кои што се чувствителни, критични, направени се чекори напред. Ние одиме напред бранејќи една национална позиција и кога веќе се наоѓам во Солун, во Македонија, сакам да кажам, затоа што слушам некои што велат не го давајте името. Ние тука се стремиме да добиеме нешто назад, а не да дадеме нешто. Да земеме нешто што веќе 70 години е дадено, од други, не од нас, рече грчкиот премиер, објаснувајќи дека соседната земја и во рамките на Југославија и по распаѓањето го користи името Македонија и „тоа без никаква друга одредница“.
Ципрас смета дека името без одредница, „упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија“, а во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според Ципрас, „не е лесно“.
– Тоа е оксиморонот, имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи, ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа од долгата традиција на грчкиот антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак, рече Ципрас потенцирајќи дека Грција ниту ја игнорира, ниту пак смета дека не постои нашата традиција или културно наследство, но дека се две различни работи.
Грчкиот премиер додаде дека е време двете земји да постојат заедно, да соработуваат и да живеат во мир во корист на целиот регион.