Алексис Ципрас стави голем влог во решавањето на деценискиот спор за името со Македонија, но грчкиот премиер и натаму е во неизвесна ситуација, и покрај тоа што двете страни чекорат кон финализирање на меѓусебната спогодба. Ваквата ситуација е создадена бидејќи согласноста може скапо да ја чини неговата влада, вовлекувајќи ја во избори пред истекот на мандатот во октомври годинава, пренесува „Вашингтон пост“.
Грчкиот парламент ќе треба да го ратификува Преспанскиот договор, откако Македонија ќе изврши промена на Уставот. Владејачката коалиција на Ципрас има мнозинство во парламентот со 300 места, кое е потребно за ратификација. Но коалициониот партнер, партијата Независни Грци, силно се противи на користење на зборот Македонија од страна на северниот сосед на Грција.
Се очекува Ципрас, сепак, да ја добие потребната поддршка за ратификација на договорот и надвор од коалцијата, бидејќи дел од пратениците од опозицијата се изразија во полза на договорот. Од друга страна, се очекува министерот за одбрана Панос Каменос, кој е и лидер на партијата Независни Грци, да ги повлече своите министри од владата, како и да поднесе оставка на неговата функција. Ова веројатно ќе доведе до гласање на доверба за владата. Каменос ќе даде поддршка на владата за таа да остане на власт уште неколку месеци, но отсуството на парламентарно мнозинство би можело да го натера Ципрас да оди на предвремени избори.
Според познавачите на состојбите, решавањето на спорот со Македонија е особено важно за Ципрас бидејќи тој би го истакнал како лично достигнување во кампањата за повторен избор. Тој направи ризичен облог, наведувајќи дека може да го реши спорот со Македонија, кога лично го презема Министерството за надворешни работи и се залагаше за поминување на договорот.
Коалициските партнери во грчката Влада, Ципрас и Каменос веројатно в петок ќе одржат средба за иднината на нивната соработка.