Левицата не ја продава Македонија. Левицата го спасува културното и историското наследство на грчката Македонија. Ова го прави левицата со Договорот од Преспа, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас од партискиот политички настан организиран од СИРИЗА во Солун.

Ципрас, во 50-минутното обраќање, говореше и за Договорот од Преспа, рече дека цели 25 години национализмите од двете страни на границата спречувале секаков обид за решение, а тие постигнале решение „во корист на Грција, на грчката Македонија, на Балканот и во корист на мирот, соработката и заеднички развој во регионот“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Граѓани на Солун, но и вие кои не гледате од ТВ-приемниците, Македонки и Македонци, сега е часот на националната логика, но и на националната чувствителност. Затоа што Договорот од Преспа става конечен крај на фалсификувањето на нашата историја. Го затвора конечно и неповратно провоцирачкото присвојување на античката грчка Македонија. Ја затвора конечно и неповратно парадоксалноста на иредентизмот од поранешната југословенска Република Македонија, на јасен начин, што секако оттука па натаму ќе се впечати и во Уставот на соседната земја – рече Ципрас и порача дека „соседната земја, само кога ќе ги заврши обврските во целост, одредени од договорот, тогаш ќе се интегрира во меѓународните организации и на глобално ниво ќе биде признаена под новото име“.

Грчкиот премиер им одговори на сите оние кои што прашувале зошто токму сега се отворило македонското прашање. Рече дека тие не го отвориле, бидејќи „ова прашање е отворено веќе со децении како отворена рана што го загади целиот регион и во некој момент требаше да се затвори“.

– Ние, едноставно имавме храброст да одиме напред. Внимателно одговорно и решително и со единствен водач – патриотизмот, рече грчкиот премиер кој опширно и детално говореше за патриотизмот.

Истакна дека тие ја сакаат Грција и се грижат на начин на кој те тера јасно да видиш дека „интересот на твојата земја бара соработка и пријателство со соседот“, а патриотизам е да имаш самодоверба, а „не да поставуваш штитови кон мала земја“.

– За нас, патриотизам е грижа за напредокот и колективниот просперитет на твојата татковина, а не катастрофа на татковината на тие што се до тебе. Патриотизам е да ја сакаш твојата татковина и да се жртвуваш за неа, а не да ги мразиш другите татковини – порача Ципрас.

Грчкиот премиер од Солун, упати остри критики и обвинувања до лидерот на опозициската Нова демократија дека присвојува позиции на неонацистичката Златна зора.

На почетокот на неговото обраќање рече дека присутните во салата го даваат одговорот и порака на демократија и слобода до сите оние кои сакале Солун да го претстават како град на омраза.

Говорот на Алекис Ципрас во Солун, за кој портпаролот на грчката влада рече дека е партиски, а не владин настан, беше закажан во исто време со почетокот на 12-от Конгрес на Нова демократија во Атина и обраќањето на Кирјакос Мицотакис.


Мали инциденти на протестите во Солун

Помала група демонстранти предизвика мали инциденти на крајот од протестот во Солун, против Договорот од Преспа и по повод политичкиот настан на СИРИЗА на кој говореше грчкиот премиер.

Според локалните медиуми, групата, со пиротехнички материјали ја нападнала полицијата, која одговорила со мала количина солзавец, а кусо интервенирала и со водени топови, јави дописничката на МИА од Атина.

Претходно, насобраните граѓани, организирани преку социјалните мрежи од десничарско ориентирани здруженија и организации, кои што се против Договорот од Преспа, со грчки знамиња и со слогани „Ципрас, предавнику“, од Белата кула се упатија кон спортската сала каде што требаше да започне говорот на Ципрас. Откако наидоа на полициска блокада и не им беше дозволено да продолжат, се вратија назад и одново беа спречени во нивната намера, вториот пат, да стигнат до канцелариите на СИРИЗА.

Грчката новинска агенција АНА-МПА јави дека пред почетокот и за време на протестот, полицијата, превентивно, привела најмалку 20 лица, без да биде познато дали некој е уапсен.

Во исто време, антифашистички протест, кој заврши мирно, организираа анархистички групи и здруженија. 


Нова демократија никогаш нема да го ратификува Договорот од Преспа

Повторувам од овде, од нашиот 12-ти Конгрес: Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа. Ниту сега, ниту во следниот парламент, никогаш, порача лидерот на грчка опозициска партија, во говорот на почетокот на партискиот конгрес.

Кирјакос Мицотакис, во врска со Договорот од Преспа упати низа обвинувања до грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

Рече дека го обвинува Ципрас дека го поделил грчкиот народ и никогаш не се обидел да создаде услови за национален консензус за решавање на националното прашање, но и дека направил размена со Европејците за да нема кратење на пензиите.

– Го обвинувам господинот Ципрас дека рече „да“ онаму каде што 6 премиери: Константинос Мицотакис, Андреас Папандреу, Костас Симитис, Костас Караманлис, Јоргос Папандреу, Андонис Самарас, рекоа „не“ за признавање на наводен македонски јазик и националност. Го обвинувам господинот Ципрас дека денес, се уште го навредува патриотизмот на големото мнозинство од грчкиот народ, што се против овој договор, карактеризирајќи ги екстремни десничари и националистите. И, да, го обвинувам господинот Ципрас дека ја замени мерката што не треба да некогаш биле, со голема национална отстапка, рече Мицотакис одново споменувајќи го неговиот став дека постоела размена за прашањето со името со укинување на кратењето на пензиите.

Тој истакна дека „временската коинциденција на Договорот од Преспа со ненадејната промена на ставот на партнерите, не е случајна“.

– Ајде да кажеме неколку вистини. Меѓународниот фактор, од свои причини, сака Скопје, по секоја цена, да влезе во НАТО. И не му беше тешко да му дозволи на господинот Ципрас да ја повлече непотребната мерка за кратење на пензиите, мерка која што Нова демократија никогаш не ја гласаше, гласаше против во грчкиот Парламент, рече лидерот на најголемата грчка опозициска партија.

Мицотакис во обраќањето истакна дека едно е здравиот патриотизам, а друго квази- патриотизмот и побара од граѓаните да не дозволат да се оцрни вистинскиот патриотизам. Побара и „да му ја пратат сметката на Ципрас на изборите, да ги одржи час порано и народот со гласот да каже дали го сака или не Договорот од Преспа“.

Во исто време со обраќањето на Кирјакос Мицотакис на 12от Конгрес на Нова демократија во Атина, беше закажан и говорот на Алексис Ципрас во Солун.

– Го одбра денот на нашиот редовен конгрес за една евтина фиеста за одвлекување на вниманието, рече лидерот на грчката опозициска партија коментирајќи го политичкиот настан на СИРИЗА и говорот на Ципрас.