Укинување на печатени учебници не постои, туку законски за првпат се гарантира пристап до аудиоверзија, верзија од Брајово писмо, дигитална колаборативна верзија и печатен учебник и тоа е така во законското решение. Пристапот е комбиниран и таков постои во светот, ништо ново, ништо значајно, не го измислуваме ние”, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на пратеничко прашање на Владо Мисајловски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
– Она кое што е значајно е дека на тој начин ќе успееме да ги доближиме содржините до новата генерација на ученици кои живеат во дигитален свет, сакале ние или не – рече Царовска.
Таа истакна дека законското решение нуди пристап до дигитални алатки и за децата од социјално ранливите категории, наспроти лошите децениски политики на ВМРО-ДПМНЕ кои водеа до се поголемо раслојување.
– Укинување, укинување, укинување… Самите се обидувате да наметнете термин што не постои. Она што се обидувате да го постигнете изминативе три дена со манипулација на учениците, родителите и наставниците е страшно и токму затоа добивте шлаканица денеска од Здружението на средношколци коешто ви кажа дека тоа не е организирано од нив и дека треба да внимавате со злоупотребата на ученици за партиски цели – рече Царовска.
Министерката посочи дека предлог-законот е со европско знаменце затоа што при неговата подготовка се земени предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската комисија. Тие се однесуваат на образованието и дигитализацијата како: ,,Обликување на дигиталната иднина на Европа”, Дигиталниот образовен акциски план 2021-2027” и Комуникето за достигнување на Европската област за образование до 2025 година.