За длабока почит е одлуката на оние што решиле да згрижат дете и за него да се грижат еднакво како и за биолошкото. Сѐ повеќе има примери на згрижувачки семејства што ги пораснале згрижените деца, па дури им направиле свадби, а сега ги чуваат и нивните деца како свои внуци

Во сопственото семејство да се згрижи туѓо дете, кое останало без родителска грижа и нега, е навистина исклучително хуман и благороден чин. А ако тоа се направи за две или пет деца, колку што дозволува законот, тогаш може ли да се најдат вистинските зборови за да се опише она што го прави едно вакво семејство? Не е секој храбар да донесе една ваква одлука, особено, пак, семејства што имаат свои биолошки деца и решиле со своите заедно да ги растат и згрижените деца. За издвојување е фактот дека има семејства во кои има традиција од генерација на генерација да бидат згрижувачи на деца.
Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје велат дека има и примери на згрижувачки семејства што ги пораснале згрижените деца, им направиле свадби и сега ги чуваат и нивните деца. На згрижувачите им помага и државата со 13.847 денари месечно за само едно згрижено дете. Во земјава во моментот има 296 згрижувачки семејства, во кои се сместени 499 корисници, од кои 78 се роднински згрижувачки семејства, во кои се сместени 83 корисници. Само во Скопје има 209 згрижувачки семејства, во кои се сместени 229 корисници.

Социјалните работници велат дека обликот на заштита на децата без родители и родителска грижа преку сместување во згрижувачки семејства е најсоодветен облик на заштита на децата бидејќи се овозможува нивен правилен психосоцијален развој во услови најблиски на семејното опкружување.
– Во согласност со одредбите од Законот за социјална заштита, згрижувањето во семејство опфаќа основна заштита и 24-часовна грижа за деца и возрасни лица што немаат свое семејство или немаат услови за живот во сопственото семејство. Згрижувањето може да се обезбеди како општо, специјализирано, повремено, интервентно или роднинско згрижување. Згрижувачот треба да обезбеди згрижување и сместување во семејството, нега, општа и лична хигиена, исхрана, неопходна облека и обувки, да се грижи за здравјето на детето, да се грижи за неговиот развој, воспитание и образование. Згрижувачот се грижи за задоволување на етичките, културните, забавните и рекреативните потреби на детето што е сместено во семејството, ги почитува етничката припадност и верските обичаи на сместеното дете, но и го подготвува детето за средби со биолошкото семејство кога е тоа можно.

При изборот на згрижувачко семејство, Центарот за социјална работа се раководи од индивидуалните потреби на детето и неговата возраст, здравствените и моралните подобности на семејството, степенот на образованието, материјалните и станбените услови на семејството, како и од можностите на семејството за згрижување на деца – велат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму појаснуваат дека овој облик на заштита на децата долг период се применува во Македонија и постојано се развива и унапредува.
– Во делот на поврзувањето на детето со семејството посветуваме посебно внимание, ако нема успешно поврзување, нема адаптација на тоа дете. Секое дете си има своја приказна, но основна цел е да им се даде љубов и топлина на тие деца. Згрижувачките семејства како форма мора да ги развиваме, бидејќи е најблиска на природната средина на семејното опкружување. Станува збор за премногу хумана работа, бидејќи да се одгледа едно дете во една воспитана и образована личност е придобивка за општеството – вели Ана Панчева, раководителка на Службата за згрижување деца во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.

Првите згрижувачки семејства се евидентирани уште од далечната 1961 година, а биле концентрирани само во Скопје, но денес постојат низ повеќе градови низ земјава, и тоа во Прилеп, Македонски Брод, Крушево и други градови. Бројот на згрижувачки семејства постојано расте и мрежата постепено се шири. Од Министерството за труд и социјална политика појаснуваат дека згрижувач не може да биде секој, односно најпрво тоа може да биде само лице што е полнолетно. Разликата во возраста меѓу згрижувачот и сместеното лице треба да е најмалку 18 и најмногу 50 години. По исклучок, определената разлика во возраста меѓу згрижувачот и сместеното лице не се однесува доколку детето е сместено во роднинско згрижувачко семејство или доколку тоа е во интерес на детето, односно возрасното лице.

При изборот на згрижувачко семејство се зема предвид општата здравствена состојба на подносителот на барањето и на сите членови на семејството. Потоа се земаат предвид приходите на семејството, кои треба да се поголеми од утврдениот износ на правото на гарантиран минимален приход (социјална помош). Станбениот простор и опремата во згрижувачкото семејство треба да одговараат на просечна опременост на стан на семејство, во согласност со бројот на членовите во семејството. Оние што ќе бидат избрани да станат згрижувачи мора да поминат обука, која ја спроведува Центарот за социјална работа.


Поддршка од државатa за секое згрижено дете

Не е малку надоместокот што згрижувачите го добиваат како финансиска подршка од државата за секое згрижено дете. Со донесувањето на новиот закон за социјална заштита и одлуката за утврдување на цените на социјалните услуги за вонсемејна заштита за 2020 година, надоместокот за згрижувачките семејства се зголеми за околу 30 отсто. Од оваа година новите износи во согласност со Одлуката за цената на социјалната услуга за згрижување во општо згрижувачко семејство, во зависност од бројот на сместените деца во едно семејство се различни. Па, така, за едно згрижено дете семејството добива по 13.847 денари месечно, а доколку има згрижено две деца, по 12.005 денари месечно за секое дете. Оние семејства што имаат три згрижени деца, секој месец добиваат по 10.767 денари месечно за секое дете, додека оние со четири и пет деца по 9.878 денари месечно, односно по 9.208 денари месечно по дете.

Различни се сумите што месечно ги добиваат роднинските семејства, па, така, за едно дете на месечна основа семејството добива 9.393 денари, а по 7.551 денар месечно за секое дете добива за згрижени две деца. Оние роднински семејства што гледаат три деца добиваат по 6.313 денари месечно за секое дете, додека на тие со четири и пет згрижени деца им следува по 5.424 денари месечно, односно по 4.754 денари месечно за секое дете.
За таканареченото интервентно згрижување во друго семејство се исплаќаат по 15.009 денари месечно по корисник. Има и една друга категорија од овој тип социјални услуги, која се нарекува згрижување во специјализирано згрижувачко семејство, за која во зависност од бројот на сместените деца во едно семејство државата помага со 16.219 денари месечно за лице со попреченост, односно со 14.086 денари месечно кога се згрижени две лица со попреченост или 15.009 денари месечно за дете/лице во ризик.