Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како гледа ЕУ на владеењето на правото

Мора да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал. Земјите-членки го следат овој процес одблиску, но, пред сè, тоа е за доброто на граѓаните, рече Хан

Временски поврзаните посети на високите претставници на ЕУ и на САД во Македонија, Јоханес Хан и Филип Рикер, уште од нивната најава македонската јавност ги процени како ангажман за спас на идејата за постоењето на СЈО (борба со организираниот криминал и високата корупција), која во голема мера е компромитирана по аферата „Рекет“ и индициите за поврзаност со неа, на првата специјална обвинителка, Катица Јанева, која иако во оставка и понатаму ја извршува должноста за која е назначена. По вчерашната посета на Скопје, од страна на еврокомесарот за проширување, Хан, главната поента што ја пренесоа медиумите е дека ЕУ инсистира на законска разврска на предметите и истрагите што ги има преземено СЈО.

– Нашата црвена линија е дека секое решение мора да се земе предвид, зашто не може во транзициската фаза да има изгубени случаи. Никој не смее да биде амнестиран од целиот процес поради неспособноста да се исполнат одредени рокови. Затоа мора да се гарантира тоа. Така ние го гледаме владеењето на правото – порача Хан во Скопје.
Меѓу другото, тој истакна дека во ЕУ ги следат последните случувања со внимание, иако во ниту еден момент конкретно не го спомена името на специјалната обвинителка. Еврокомесарот смета дека во периодов до октомври, за кога и самиот изрази увереност дека Македонија ќе добие датум од ЕУ, треба сите политички фактори да дадат максимум за исполнување на реформите, од кои клучен е законот за јавното обвинителство. Според Хан, во октомври е моментот кога Брисел треба да го испорача она што земјава го заслужи – датум за почеток на преговорите, иако и овој пат внимателно не даде експлицитни ветувања. Ја пофали опозицијата за конструктивност и рече дека очекува македонското прашање да биде крунисано со почеток на преговорите…

– За да се осигуриме дека работата на случите што ги има преземено специјалното јавно обвинителство ќе продолжи, што е од особена важност за земјата, сите партии и државни тела ќе мора да продолжат да покажуваат одлучност да дозволат да преовладее владеењето на правото. Мора да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал. Земјите-членки го следат овој процес одблиску, но, пред сè, тоа е за доброто на граѓаните – рече Хан.

Еврокомесарот доби јавно оптимистички најави од премиерот Заев дека до крајот на месецот би требало да се постигне политички консензус за законот за обвинителството. Според Заев, опозицијата никако не смее да се исклучува и нагласи оти нејзините забелешки биле инфилтрирани во законското решение.
Сепак лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на средбата со Хан изразил загриженост дека „сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја подриваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина“, но нагласил и дека „ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси“.

Заклучокот од посетата на Хан, главно е во насоката дека продолжувањето на рокот на траење на предметите на СЈО со новиот закон за јавно обвинителство (доставен до Собранието) претставува уште еден „конечен услов“ за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, на самитот на Унијата во октомври, годинава.
– Апсолутно, законот за јавно обвинителство не е некаков „конечен услов“ за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Ако беше до тој закон, веќе требаше да го добиеме „датумот“, со оглед на тоа дека се решија многу потешки прашања, кои беа услов, и за кои Македонија поднесе голема жртва и штета. Верувам дека очекувањата на еврокомесарот Хан и на ЕУ се во насока на тоа да продолжи борбата со организираниот криминал и високата корупција, но не можам нивните очекувања да ги поврзам со ова и вакво СЈО. Ваквото компромитирано СЈО, во кое со години владееше непотизмот, а сега, со скандалот се покажа и корупцијата, не е никаква гаранција за борбата што се очекува од него. За борба со организираниот криминал и високата корупција е потребно силно обвинителство, кое не смее да биде недопирлива институција, над законите. Воопшто, не смееме да имаме недопирливи институции. Таквата борба не смееме да ја врзуваме со имиња (како што се врзуваше со Катица Јанева), туку за процеси. А тоа нема да го реши Хан со едно доаѓање во земјава – смета Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.


Рикер од Битола го „следеше“ Хан во Скопје

Додека еврокомесарот Хан имаше средби со претставниците на власта, опозицијата и на медиумите во Скопје, помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер го чекаше „својот ред“ во Битола. По завчерашната посета (среда, 24 јули) на Солун и регионот на северна Грција, вчера Рикер веќе беше во Македонија, но во Битола, на средба со градоначалничката Наташа Петровска. Сепак, главните пораки на Рикер се очекуваат денеска, кога и тој ќе има средби со истите политички чинители од земјава, со кои вчера се сретна еврокомесарот Хан. Покрај законот за јавното обвинителство, се очекува тема на разговорите на Рикер и поента на неговите пораки да биде и спроведувањето на Преспанскиот договор.