Фото: Игор Бансколиев

ДИК во пресрет на изборите најавуваше дека поседува ново софтверско решение со кое ќе се овозможи веќе за еден час да бидат видливи резултатите од изборите, но токму во шпицот на броењето на гласовите системот беше нападнат, поради што дел од јавноста се посомнева за можни злоупотреби

Хакерскиот напад врз системот за сумирање на резултатите од изборите на Државната изборна комисија (ДИК) го отвори прашањето за безбедноста на системите на државните институции, кои очигледно го немаат потребното ниво на заштита.
ДИК во пресрет на изборите најавуваше дека поседува ново софтверско решение со кое ќе се овозможи веќе за еден час да бидат видливи резултатите од изборите, но токму во шпицот на броењето на гласовите системот беше нападнат, поради што дел од јавноста се посомнева за можни злоупотреби.
Во недостиг од официјални информации од ДИК, партиите лиферуваа сопствени податоци за водство од неколку пратеника, внесувајќи дополнителна забуна кај јавноста, а конфузијата ја зголеми и прогласувањето победи од сите страни.
Вчера сомнеж изрази и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Овој резултат е постигнат во тешки околности, со силни притисоци и многубројни нерегуларности. Власта спроведе масовен поткуп. Сајтот на ДИК денес не работи, а добиваме различни информации дека сомнително се броени и внесувани податоците – рече Мицкоски во првото обраќање до јавноста по изборите.

Првично претседателот на ДИК Оливер Дерковски уште вечерта по инцидентот со страницата се извини за проблемите, посочувајќи дека се соочуваат со, како што рече, хакерски напад однадвор, без да прецизира за што точно станува збор.
Вчера во изјава за „Нова Македонија“ првиот човек на ДИК истакна дека падот на страницата, на која се соопштуваат резултатите, нема никакво влијание врз бројките и не го доведува под прашалник легитимитетот на изборите.
– Нападот е пријавен во МВР и очекуваме тие да откријат кој стои зад тоа. Тоа што страницата за резултати падна не значи дека има неправилности, бидејќи резултатот не се утврдува врз основа на податоците на страницата. Таа е само од информативен карактер – изјави претседателот на ДИК Оливер Дерковски.
Според него, бавното објавување на конечните неофицијални резултати е затоа што сè уште пристигнуваат записниците од избирачки места во Куманово и во Битола и тие рачно се внесуваат.

– Се врши проверка на записниците, по што се внесуваат бројките. Откако ќе биде завршена оваа работа ќе бидат соопштени конечните неофицијални резултати, по што ќе следува рокот за жалби – нагласи Дерковски.
Од МВР вчера потврдија дека до нив пристигнала пријава од ДИК за хакерски напад врз нивната официјална интернет-страница.
– ДИК достави пријава за извршен хакерски напад и МВР веќе ги испитува наводите во пријавата – изјави кратко Тони Ангелов, портпарол на МВР.
Познавачите на состојбите во ИТ-секторот сметаат дека хакерските напади стануваат честа појава и дека треба многу да се инвестира во заштитата.
– Најголем ризик претставува паушалниот и ноншалантен пристап кон компјутерската безбедност.

За жал, малку компјутерски системи и апликации се изработувани со намера да бидат безбедни, туку безбедноста најчесто е некаков нуспроизвод на кој се обрнува внимание на крајот на приказната, наместо безбедноста да биде вградена во производот преку континуиран пристап, од неговото осмислување и дизајн, до изработката, имплементацијата и одржувањето – вели Лука Стојановски, ИТ-техничар.
Според него, кога станува збор за безбедноста на системите на државните институции, тоа мора да биде на највисоко ниво и за нив да се грижат добро обучени тимови, кои постојано ќе го надградуваат своето знаење и ќе бидат подготвени да спречат секаква закана, без оглед дали доаѓа од дома или, пак, од странство.
Како и да е, честите пробиви на компјутерските системи во државните институции го наметнува прашањето дали државата презема доволно мерки за заштита, а особено дали се води сметка за стручноста на кадарот што треба да се грижи за безбедноста на системите.


Нападнати профили и во Америка

Во исто време кога интернет-страницата на Државната изборна комисија беше цел на хакерски напад, паднаа и страниците на агрегаторот „Тајм.мк“ и на телевизијата Телма.
Нападите коинцидираа и со голем хакерски напад што во исто време се случи и на твитер-профилите на најмоќните и најбогати луѓе во Америка.
Жртви на нападот беа Џо Бајден, Барак Обама, Кање Вест, Илон Маск, Бил Гејтс… Првиот бран напади беа врз твитер-профилите на истакнати лидери на компании што се занимаваат со криптовалути, пишува „Њујорк тајмс“.
„Твитер“ реагираше брзо и отстрани многу пораки, но тие повторно се појавија и на компанијата ѝ требаше подолго време да ја врати контролата врз податоците.
Истрагата на „Твитер“ за нападот откри дека се компромитирани профилите на неколку вработени што имале пристап до внатрешните системи.


Софтверски тероризам од повеќе странски држави

Апликацијата за следење на резултатите од изборите е беспрекорна, проблемот се јави затоа што страницата беше хакирана, се вели во реакцијата на компјутерската фирма „Дуна“, по падот на интернет-страницата на Државната изборна комисија.
– Ние успешно ја завршивме работата, но страницата на Државната изборна комисија беше цел на хакерски напад преку т.н. софтверски тероризам со сили од повеќе странски држави. Доколку не постоеше оваа апликација, тогаш резултатите ќе се броеја рачно – вели Александар Пајковски од „Дуна“.
ИТ-експертите со кои се консултира весникот велат дека не може да се исклучи терористички напад врз страницата на ДИК од некоја голема странска структура, која го направила тоа од различни интереси.
Институциите и јавноста со право очекуваат брза разврска на овој инцидент во следните денови, за да се гарантира веродостојноста на изборните резултати.