Државата троши огромни средства плаќајќи канцеларии во кои поранешните претседатели и актуелните собраниски пратеници, меѓу другото, треба да остваруваат и средби со граѓаните. Прашањето за оправданоста на ваквите трошоци се наметнуваше повеќепати досега, а во таа насока може да се протолкува и последната иницијатива на Државната комисија за спречување корупција
Граѓаните тешко остваруваат директни средби со политичарите, иако вторите секогаш во пресрет на изборите ветуваат дека ќе бидат транспарентни и ќе го слушаат гласот на народот. За таа цел државата троши огромни средства плаќајќи канцеларии во кои поранешните претседатели и актуелните собраниски пратеници, меѓу другото, треба да остваруваат и средби со граѓаните. Прашањето за оправданоста на ваквите трошоци се наметнуваше повеќепати досега, а во таа насока може да се протолкува и последната иницијатива на Државната комисија за спречување корупција за укинување на привилегиите на поранешните претседатели Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски, со образложение дека за десет години за трошоците за канцелариите на поранешните претседатели се потрошени нешто повеќе од еден милион евра.
– За сиромашна држава како што е нашата, привилегиите на поранешните претседатели се луксуз, кој треба да се преиспита – порача претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска, образложувајќи ја иницијативата. Токму и резултатите од анализите што ги направи институтот за демократија „Социетас цивилис“ покажуваат дека политичарите во најголем процент ги застапуваат личните и интересите на својата партија. Анкетата покажува дека 46 отсто од пратениците во Собранието никогаш не ги застапуваат интересите на граѓаните, 45 отсто тоа го прават понекогаш, а само седум отсто од испитаниците сметаат дека пратениците се борат за граѓанските интереси.
– Мислам дека никој не го слуша гласот на народот. Треба да се промени концептот на комуникација. Ако јас како гласач не можам да се сретнам со оној што сум го изгласал на избори, тогаш која е поентата? Пратениците треба да одговараат пред своите гласачи, а не пред партиите. Кога ќе дојде време ние со петиција да ги отповикуваме ако не работат како што треба, тогаш можеби и работите ќе тргнат на подобро, вака ќе си работат како што им диктира партискиот шеф – вели Томислав Трајановски, пензионер.
Според него, државата троши многу пари за сегашните и поранешните функционери, а ефект за граѓаните, како што вели, нема.
– Освен што ги богатат газдите на деловните простори, друга полза нема. Оној кому му завршил мандатот и онака нема моќ да промени нешто. Покрај тоа, тој не сработел кога требало, па сега, демек, ќе работи. Да не се лажеме, сè е за пари во оваа држава. Подобро да отвореа народни кујни – нагласува Трајановски.
И некои од аналитичарите сметаат дека постоењето на канцелариите за контакт со граѓаните не ја оправдало својата цел.
– Тие канцеларии требаше да бидат еден вид издувен вентил на граѓанството, каде што поединци ќе можеше да дојдат и да изнесат свои мислења за различни состојби директно на политичарот, на некој начин чувствувајќи се и важно, што, од друга страна, значи и ослободување од еден вид негативната енергија – смета професорот Илија Ацевски.
Според него, постоењето на канцелариите за контакт со граѓаните на поранешните и актуелните политичари нема смисла.
– Се прави само трошок, а постигнатиот ефект е никаков – додава Ацевски.
Од Собранието велат дека контакти со пратениците во Собрание не се можни, но дека постојат канцеларии на пратениците во локалните самоуправи од каде што доаѓаат.
– Имаме обезбедено буџет за 75 канцеларии за пратениците, но во функција се околу 45, бидејќи локалните самоуправи не можат да обезбедат простор – вели Цветанка Ивановска, генерална секретарка на Собранието.
Освен тоа, како што додава таа, за граѓаните секој петок се организираат тури во Собранието.
– Над 6.000 посетители го имаат посетено Собранието за време на организираните тури секој петок. Граѓаните откако претходно ќе се пријават, можат да прошетаат низ парламентот и да ги разгледаат канцелариите на пратениците, на претседателот, како и салите за седници – појаснува Ивановска.
Како и да е, останува отворено прашањето уште колку време ќе се одлеваат илјадници евра за непродуктивни трошоци, за доживотни пензии, канцеларии, апанажи, патни трошоци… Тогаш кога парите ќе почнат да се трошат по иницијативи од кои ќе произлегуваат реални проекти што ќе го подобруваат животот на граѓаните, ќе се врати надежта дека не е сè загубено, во спротивно политичарите ќе продолжат да си ги уживаат благодатите што сами си ги издејствувале.
Граѓаните лице во лице со претседателот
Претседателот Стево Пендаровски во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“ вчера ја посети општината Велес, каде што оствари директни средби со граѓаните.
– Идејата на овој проект не е, како што порано беше практика, за жал на некои места и сега е така, граѓаните да доаѓаат и да се поплакуваат на политичките авторитети, вклучувајќи и кај претседателот, наместо претседателот да оди кај нив и да ги праша што им треба, кои се проблемите, како можеме да помогнеме, има ли некоја работа што можеме да ја направиме повидлива за надлежните државни институции да ја решат. И се разбира, во тој концепт, во тие рамки ќе зборуваме и за убавите работи – ја објасни Пендаровски својата вчерашна активност за медиумите. Со тоа, како што информираа од неговиот кабинет, Пендаровски ја започна планираната серија средби со граѓаните што ќе ги остварува еднаш-двапати месечно во различни градови и села во земјава.