Колку е функционална во Македонија апликацијата за паметните мобилни телефони „Стоп корона“, која требаше да ги информира властите за ризикот од ковид-19, а наедно и да ги предупредува граѓаните дејствувајќи превентивно против ширењето на заразата? Дали практиката покажа дека апликациите за мобилните телефони се корисни алатки во борбата против коронавирусот? Дали можеби апликацијата недоволно беше популаризирана и распространета, па поради тоа и ефектите од неа не беа на очекуваното ниво? Или, пак, самата апликација не мина доволно филтри за утврдување на нејзината апликативна вредност и квалитет, па остана само како добра намера на здравствените и ИТ-експертите?
Какви се бенефициите од користењето на мобилната апликација за идентификување лица инфицирани со болеста
Колку е функционална во Македонија апликацијата за паметните мобилни телефони „Стоп Корона“, која требаше да ги информира властите за ризикот од ковид-19, а наедно и да ги предупредува граѓаните дејствувајќи превентивно против ширењето на заразата? Дали практиката покажа дека апликациите за мобилните телефони се корисни алатки во борбата против коронавирусот? Дали можеби апликацијата недоволно беше популаризирана и распространета, па поради тоа и ефектите од неа не беа на очекуваното ниво? Или, пак, самата апликација не мина доволно филтри за утврдување на нејзината апликативна вредност и квалитет, па остана само како добра намера на здравствените и ИТ-експертите?
Оваа дилема и слични на неа се актуелни во домашната јавност во моменти кога изминативе денови имаше рекордно високи бројки на новозаразени, кои ја надминуваа цифрата од 250 луѓе, и во период кога кривата на ширењето на вирусот сѐ уште е во нагорна линија.
Имено, во спречувањето на ширењето на коронавирусот новите технологии сѐ повеќе се истакнуваат во светската јавност, а следењето преку паметните телефони на инфицираните или на оние што имале контакт со нив може да го блокира натамошното ширење на заразата. Но дали тие се покажаа во практика како ефикасни?
Во сублимиран заклучок здравствените власти и медицинските експерти велат дека апликациите од овој тип имаат пропусти во делот за прифаќање за поширока општествена употреба, а со тоа тие не одиграа никаква битна улога во општеството за превентивно спречување на ширењето на пандемијата на ковид-19.
Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести истакнува дека здравствените власти немаат некакво позитивно искуство со користењето на апликацијата за идентификување лица инфицирани со болеста.
– Слични се лошите искуства со оваа апликација и во другите светски држави не е само Македонија единствена каде што нема повратен ефект од користењето. Односно, како може апликацијата да биде ефективна ако масите луѓе и натаму се групираат во кафе-баровите како „Аватар“ или „Мош“ – вели Стојанов.
Тој истакнува дека оваа апликација ниту ја користи некој ниту ја употребува бидејќи ја изгубила својата улога.
Слично размислува и микробиологот Никола Пановски, кој смета дека користењето на мобилната апликација „Стоп корона“ во практика во многу држави, а особено во нашата се покажа како нефункционална.
Тој вели дека првиот проблем на апликацијата е дека таа е користена само од мал број луѓе, околу 50 илјади, а со самото тоа е невозможно да се добие јасна слика за состојбите со сѐ поголемиот број заразени во државата.
– Дополнително, досега од разговор со колеги, но и со голем број доктори не сум стигнал до информација дека некому некогаш му бил проверен телефонот дури и кога пријавил дека е позитивен на вирусот. Имено, целата комуникација со лицата што се заразени и лекарите се одвива преку телефон, а самото испорачување на решението за самоизолација се добива преку Вибер, што во практика дури не е ни легален документ издржан со законски прописи – вели Пановски.
Тој објаснува дека апликацијата беше пуштена во употреба во Македонија кога беа активни рестрикциите и карантинот и тогаш таа, според Пановски, имаше некаква смисла. Микробиологот, сепак, објаснува дека во моментов кога се активни кафеаните и одржувањето на концертите и кога луѓето на плажа одмораа еден до друг дигиталното следење на здравствената состојба преку апликацијата е неупотребливо.
– Во моменти кога има огромна интеракција меѓу луѓето, кога голем дел од граѓаните не се придржуваат кон прописите за заштита од вирусот, користењето на алатката за паметните телефони нема логика и тоа, според мене, за жал, е промашена работа – резимира Пановски.