Токму функционалноста на институциите беше главен мотив за одржување на предвремените парламентарни избори во екот на здравствената криза летоска. Реструктурирањето на институциите во функционални требаше да овозможи справување со предизвиците што се очекуваа есенва. Сега, повторно, заканувачкиот застој во парламентот може да го блокира носењето на многу закони, меѓу кои и на буџетот, што директно ќе се одрази и врз функционирањето на државата и на граѓаните, да предизвика застој на проектите, помошта на економијата, доцнење на платите и на пензиите, но и на реформите потребни за евроинтегративниот процес на земјата…
Одлуките се неопходни за непречено функционирање на државата и
за сигурност на граѓаните
По последните случаи на зараза со ковид-19 на тројца пратеници во републичкото Собрание, како и неможноста власта и опозицијата да се договорат како ќе функционира парламентот во такви услови, земјата повторно се соочува со опасност да остане без функционални институции во време кога се разгорува пандемијата и кога се очекува носење одлуки важни за заштитата на здравјето на луѓето, но и за функционирањето на државата воопшто.
Токму нефункционалните институции беа главен мотив за одржување на предвремените парламентарни избори во екот на здравствената криза летоска, со образложение дека државата мора да добие функционални институции подготвени да се справат со предизвиците што ги очекуваат оваа есен.
Сега евентуалниот застој може да го блокира носењето на многу закони, меѓу кои и на буџетот, што директно ќе се одрази и врз функционирањето на државата и на граѓаните, застој на проектите, помошта на економијата, доцнење на платите и на пензиите, но и на реформите потребни за евроинтегративниот процес на земјата.
Забелешките на опозицијата се дека со предлогот пратениците да учествуваат на онлајн седници се прекршува Уставот.
– Од уставноправен аспект, Собранието не може да работи и да одлучува преку онлајн апликации, од едноставна причина што постои јасна уставна норма (чл. 69), која налага присуство на собраниските седници на мнозинство од вкупниот број пратеници (ако бил Уставот за онлајн сесии, ќе пишувало учество, а не присуство, како што прецизно е утврдено и со членот 29 од Деловникот: Пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето) – смета пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.
Власта тврди дека станува збор за комбиниран пристап, односно дека онлајн на седниците би учествувале само пратениците со коронавирус, додека другите би продолжиле со физичко присуство.
– Тоа значи дека само оние пратеници што се заболени или, пак, се наоѓаат во изолација поради контакт со заболено лице, присуствата на седниците на Собранието и на работните тела да можат да го извршуваат онлајн – појаснува координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Според него, за да се воведе новина според која пратеници што се во изолација ќе може да гласаат онлајн, не се потребни уставни измени, туку само интервенции во Деловникот преку договор со опозицијата.
Додека власта и опозицијата ги кршат копјата околу уставноста на одлуката за онлајн работење на пратениците, граѓаните бараат Собранието да работи.
– Ако летово среде пандемија нè убедуваа дека е потребно да гласаме за да имаме функционални институции, сега нека се договорат како ќе работат и нека работат. Вака само ќе се натегаат, а секој први ќе си примаат плата иако ништо не сработиле. Ако можат обичните граѓани да одат на работа, да се тискаат секој ден во автобуси, нека најдат начин и тие да работат, дали преку интернет, дали ќе одат таму, дали посебни кабини ќе им направат, тоа нека се договорат тие – вели Никола Јанев, пензионер од Скопје.
Познавачите на уставното право велат дека може да се најде решение за пат-позицијата во која се наоѓа Собранието и дека слични искуства имале и некои европски држави.
– Ни Уставот ни Деловникот не го регулираат детално прашањето за начинот на присуство или одлучување во оваа смисла. Од друга страна, истите тие не може да бидат земени како пречка за евентуално работење преку интернет, иако регулирањето на овие аспекти секако би било пожелно. Постојат примери на парламенти во Европа во кои не беа донесени измени или дополнувања на соодветните правила за овозможување на работа и одлучување преку интернет платформи – смета Денис Прешова, доцент по уставно право на Правниот факултет при УКИМ.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека, во основа, може да дојде до блокада на Собранието, но дека пратениците се тие што треба да се договорат да не се случи тоа.
– Во основа, дали Собранието ќе работи онлајн зависи од три големи фактора. Првиот е дали има ИТ-инфраструктура за тоа, односно дали е теоретски можно, поточно дали ќе може да гласаат, дали ќе може да се поврзат тие нивни картички онлајн, дали имаат видеоконференциски капацитет, каков им е интернетот и слично. Втор фактор е процедуралната инфраструктура, дали во моментот Деловникот и процедурите во Собрание дозволуваат пратениците да работат онлајн. Ако е вистинито тврдењето на опозицијата, Деловникот вели дека за работа на Собранието пратениците мора да се физички присутни во Собранието и дали тука може да се најде некаков хибрид, поточно тие да одат во Собранието, но да работат од своите канцеларии бидејќи секој пратеник има канцеларија. Таму може да им се инсталира техничка опрема и повторно ќе бидат физички присутни во Собранието – нагласува Арсовски.
Според него, трета работа е дали постои политичка волја кај пратениците од власта или опозицијата да овозможат Собранието да работи онлајн.
– Можеби нечиј интерес е да не биде Собранието функционално и со тоа да се создаде поголема политичка криза. Најавите на опозицијата дека се противи на онлајн работа исто може да се решат. Нека направи мнозинството услови за онлајн одвивање на седниците, па опозицијата ако не се плаши од ковид, нека повели во пленарна сала, а другите нека работат од канцеларија. Тоа е нивно право на одлука, меѓутоа Собранието во ваква ситуација мора да има можност да работи онлајн – смета Арсовски.
Тој додава дека не е во ред да се блокираат Собранието и Владата и донесувањето евентуално на нова вонредна состојба, како и носењето нови законски мерки само затоа што некому тоа политички му одговара, без оглед од која партија е.
– Пратениците мора да најдат начин за онлајн функционирање. Ако има можност тоа да се направи во рамките на сегашната процедура, би било одлично, но ако треба да се смени нешто, тогаш треба да прифатат и да го сменат – заклучува Арсовски.