Филип Петровски денеска поднесе кандидатура за претседателски кандидат до опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Петровски, кој е поранешен директор на Државниот архив, е дел од движењето „Македонија блокира“. Во 2011 година на парламентарните избори настапи со својата нова партија Демократска десница, која подоцна се припои кон ВМРО-ДПМНЕ.
На јавниот повик на ВМРО-ДПМНЕ за пријавување кандидатури за избор на претседател на државата за претстојните претседателски избори претходно се пријави и пратеникот Влатко Ѓорчев.
Кандидатот за претседател од оваа партија треба да биде избран на 16. следниот месец на партиска конвенција во Струга. Рокот за пријавување кандидатури во ВМРО-ДПМНЕ, како што беше најавено претходно, истекува вечерва на полноќ.