Македонското решение е позитивен чекор за Европа, оценува британскиот весник Фајненшал Тајмс, кој во колумната на уредувачкиот колегиум наведува дека со решавањето на 27-годишниот отворен проблем помеѓу Грција и Македонија е достигнато ретко достигнување вредно за прослава на Западен Балкан.
Како што наведуваат од владината прес-служба, во тој контекст Фајненшал Тајмс наведува дека отвореното прашање за разликите околу името меѓу двете земји беше кочница за ЕУ и НАТО интеграциите на земјата и како резултат на ваквиот политички контекст 2 милиони луѓе беа оставени со мали шанси за економски просперитет и без никаква гаранција за нивната сигурност и безбедност.
-Во јуни минатата година двајцата премиери потпишаа договор на брегот на Преспанското Езеро со кој земјата се преименува во Република Северна Македонија, се признаваат јазикот и култура, се разграничува дека не постои поврзаност со античкото културно наследство и се отстрануваат иредентистичките ставови во учебниците по историја, пишува весникот и додава дека спорот за името претставуваше ексцентричен анахронизам кој беше надвиснат над делот од Европа кој е синоним за „буре барут“ на етнички тензии и геополитички ривалства.
Воедно, се додава дека на новоизбраниот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, им припаѓаат заслугите за постигнатиот компромис и оти грчкиот премиер ја презеде одговорноста и покрај отпорите на грчката опозиција.
-Сега е редот на Грција. Повеќе од очигледно е дека г-динот Ципрас ги има обезбедено потребниот број гласови што се потребни за ратификација. Без разлика на повиците за осуда кои доаѓаат од националистите и од центристичката десница во опозицијата, извесно е дека договорот ќе биде изгласан со поддршка на Потами, мала централно-лево ориентирана партија која порача дека нејзините пратеници слободно ќе гласаат, се заклучува во текстот објавен во Фајненшал Тајмс.