Во буџетот има доволно средства за да се извршува непречено, односно редовно да се исплаќаат плати, пензии, социјална помош, како и за обврските кон стопанството и антикризните мерки, вели новиот министер за финансии Фатмир Бесими за новинарите.
Бесими најавува систем на паметни јавни финансии што ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентиран и транспарентен и додава дека четвртиот сет на антикризни мерки ќе биде насочен кон економско заздравување, стимулирање на приватната потрошувачка, но и поттикнување на инвестициите во стопанството.
– Министерството за финансии како ресор е предизвик и во време кога на економијата ѝ оди добро, а секако дека претставува уште поголема одговорност за време на најголемата глобална економска криза од Големата депресија наваму – поголема и од светската финансиска криза од 2008 година. Ковид-кризата ги зафати сите економии во светот..
Во однос на тоа дали земјата станува презадолжена, водењето прудентна политика на јавен долг последните години и стабилизирањето на долгот, кој претходно беше брзорастечки, Бесими изјави дека јавниот долг е под нивото на многу земји од Европската Унија.