Кресненското востание траело од октомври 1878 до мај 1879 г., со подеми и падови, кои најмногу се должеле на упадите на надворешни влијанија, чија намера била македонското востание да се претстави како желба за обединување со Бугарија. За таа цел дури бил и подметнат документ од бугарска страна, меѓу документите на органите на востанието. Професорот Владо Поповски го докажува тоа во својот научен труд. Македонското (Кресненско) востание по својот карактер било внатрешно македонско востание за ослободување на Македонија и за формирање самоуправа или автономија, како почетна македонска државност на Балканот. Имињата на сите негови органи, институции и тела биле со македонски предзнак: Македонско востание, Македонски востанички комитет, Штаб на Македонското востание, Македонска војска, Правила за уредување на Македонското востание, Привремена управа на Македонија…
Традиција на бугарската историографија за подметнување лажни „историски“ документи
Децениските тенденции на бугарската политика и нејзината национална историографија да ги сведат Македонија, македонскиот народ, историја и јазик како дел од „бугарското единство“, ги инструментализира и европските механизми и принципи во интерес на своите асимилаторски аспирации.
Во своите усилби да наметнат наратив дека македонскиот народ и историја за нив се „измислени“, бугарската политика и наука не се стеснуваат и да ги фалсификуваат историските документи, од една страна, а во истиот контекст, од друга, да обвинуваат за „фалсификувања“. Понекогаш дури успеваат таквиот наратив да им го наметнат и на некои македонски историчари. Секако, таквите чекори се брзо детектирани и со индигнација одбиени од другите македонски историчари. Сепак, историчарите потенцираат дека „бугарската историографија е многу изверзирана во подметнување фалсификувани документи“.
Обелоденети неколку обиди за подметнување фалсификувани историски документи на бугарската историографија
Универзитетскиот професор Владо Поповски, во својот труд „Борбата за создавање македонска државност во периодот на големата Источна криза“, има обелоденето неколку такви обиди за подметнување фалсификувани историски документи на бугарската историографија. Трудот на професорот Поповски е објавен во Зборникот на трудови од конференцијата, издаден од БАН во 2016 г., со наслов „Ослободителните борби на Македонија од Источната криза до Балканските војни“, а првпат бил претставен на Меѓународната научна конференција, на МАНУ и на БАН, посветена на 112-годишнината од Илинденското востание, одржана во 2015 година во Битола.
Во својот труд, Владо Поповски го обработува периодот на Разловечкото востание од 1876 и Кресненското востание од 1878/79, но и политичките акции на Македонската лига, на Националното собрание на Македонија и на Привремената влада на Македонија „Единство“ од 1880 и 1881 година, докажувајќи го автентичниот македонски карактер на борбите за независност на Македонија пред и по периодот на Берлинскиот конгрес, и покрај обидите да им се наметне историска перцепција од бугарска страна дека тоа биле борби за „обединување на Македонија со Бугарија“.
– Така, во 60-тите години на 19 век, во напонот на борбите против грчката духовна и просветна хегемонија, покрај борбата за истерување на грчките митрополити од Македонија, во прв план се поставиле прашања сврзани за училишното дело, а особено тие за учителите, за учениците, за јазикот на кој се изведувала наставата и сл. По тој повод, диспутот меѓу бугарските и македонските општествени и интелектуални кругови се проширил на прашањата: кои биле Бугарите, а кои Македонците; кои се бугарските, а кои се македонските корења и традиции; каков бил односот на македонското наречје наспроти бугарското, односно како стоел македонскиот народен говор визави бугарскиот итн.
Во бурните расправии според главни свидетели на тие настани, Петко Р. Славејков и Стефан К. Салганджиев, Македонците упорствувале на својата посебност како народ, на посебноста на македонското наречје во однос на бугарското и на неприфаќање на бугарската просветна и духовна доминација. „Се оттргнавме од Грците, под други ли да паднеме?“ – протестирале Македонците против натурањето на Бугарите, како во просветното и училишното дело, така и во другите работи – пишува во својот труд професорот Поповски, наведувајќи дека Македонците инсистирале училишното дело во Македонија да се одвива на македонско народно наречје, а учителите да се од Македонија. Го цитира и Салганджиев, кој потврдува дека учителите од Западна Македонија барале да се забрани наставата на бугарски јазик.
Пишувајќи за Кресненското востание, професорот Владо Поповски наведува дека тоа било реакција и израз на незадоволство на македонските револуционери, (со најголемо вложување на Димитар Поп Георгиев-Беровски), но и на македонското население, на одлуките од Берлинскиот конгрес во 1878 за Македонија да остане во рамките на Отоманската Империја. Востанието траело од октомври 1878 до мај 1879 г., со подеми и падови, кои најмногу се должеле на упадите на надворешни влијанија, чија намера бил македонското востание да се претстави како желба за обединување со Бугарија. За таа цел дури бил и подметнат документ од бугарска страна, меѓу документите на органите на востанието. Професорот Владо Поповски тоа го докажува во својот научен труд.
– Македонското (Кресненско) востание по својот карактер било внатрешно, македонско востание за ослободување на Македонија и за формирање самоуправа или автономија, како почетна македонска државност на Балканот. Имињата на сите негови органи, институции и тела биле со македонски предзнак: Македонско востание, Македонски востанички комитет, Штаб на Македонското востание, Македонска војска, Правила за уредување на Македонското востание, Привремена управа на Македонија; воена управа на Македонското востание; Устројство на Македонското востание, Македонска востаничка управа; Џумајски македонски комитет; водачи и четоводачи на македонското востание; Правила (устав) на македонскиот востанички комитет.
Тие имиња на институциите и структурите на Македонското востание се употребувале во сите документи на востанието, освен во еден, кој е приопштен кон документацијата на востанието и кој своевремено, публикуван во весникот „Марица“ во нејзиниот 420. број, има постигнато, планиран, политичко-пропаганден ефект во корист на бугарската теза за востанието: „како протест против раскинувањето на целината на бугарскиот народ“. Таа теза е надвор од вистината, доколку се имаат предвид искажаните цели на македонските актери во документите на востанието.
Споменатиот документ носи датум од 10 ноември 1878 г. и е ставен под фирма на „Привремена бугарска управа на Македонија“, која, божем, од Пирин Планина се обратила кон браќата Бугари и Славјани со повикување да се вклучат во Македонското востание, за Македонија да не остане под турскиот јарем, бидејќи еднаш оставена под тој јарем, „…она за нас е изгубена…“ Спротивно, со приклучување кон востанието требало да се покаже дека во „…нашите жили не престанала да тече крв од Крума и Симеона“ и дека дошло времето да и се докаже на Европа оти „…да се дели со црнило еден народ не е шега“.
Необичноста на овој документ е во тоа што тој е единствен документ кој произлегол од споменатата „Бугарска управа на Македонија“. Под таа фирма не е познат друг документ. Значи, таа „Привремена бугарска управа во Македонија“ за целиот период на востанието, од 5 октомври 1878 па до 2 мај 1879 г., се пројавила дека „постои“ само еднаш, и тоа на 10 ноември 1878 г.
На тој датум Македонското востание нема раководство, бидејќи претходно Софискиот комитет, на чело со митрополитот Мелетиј, на 30 октомври 1878 година, поради доставите на Калмиков и Пеко Павлович против началникот на Штабот на Македонското востание, Димитар Поп Георгиев-Беровски, му имаше наредено на Џумајскиот комитет да го уапси Поп Георгиев…. Поп Георгиев на 2 ноември 1878 г.отишол во Џумаја за да се разбере, но со закана по живот бидува задржан и пратен во Ќустендил, водено и отстранет од раководењето на востанието… Токму во тие околности се огласила измислената „Привремена бугарска управа во Македонија“, божем како инстанца на Македонското востание и го упатила односниот драматичен апел со браќата Бугари (до тие во Кнежевството) и до браќата Славјани (по којшто поим се препознавале и одѕивале македонските селани) да се приберат и вклучат во востанието кое омалодушило – пишува во трудот историчарот Владо Поповски.
Целта на подметнатиот бугарски фалсификат е да се „залепи“ бугарскиот карактер на Македонското (Кресненско) востание
Понатаму во својот труд, Поповски докажува дека најкрупната забелешка на тој документ со кој се целело на Македонското (Кресненско) востание да му се приопшти бугарски карактер и друга функција од тие што реално биле негов карактер и функција, е тоа што тој документ печатен во името на определена „Привремена бугарска управа во Македонија“ и „прогласен на Пирин Планина на 10 ноември 1878 г.“ нема свој оригинал, односно нема оригинален документ.
– Вистината со тој документ е следна: прво, апелот насловен со „Братја Блгаре и Славјане“ со таа иста содржина е напишан на рака на еден лист на двете негови страници; второ, на тој ракописен апел нема ниту име на субјектот или институцијата која го напишала или прокламирала; нема ниту датум кога е напишан или прогласен; нема ниту место каде што е обзнанет; трето, тој и таков, реално постоечки, документ кој не го располагала Ана Станкова од Пловдив и за кој бугарската историографија не знаела, постои во Рускиот државно воено-историски архив (РГВИА) (ф.430, оп1, д.90, л.343) и ја има само содржината на тој „апел“ и ништо повеќе – наведува професорот Владо Поповски во својот научен труд од 2015 година.
Во истиот труд, професорот Владо Поповски наведува уште неколку обиди за фалсификување документи, писма на револуционерите, водачите на востанијата, (на Разловечкото и Кресненското востание) од бугарската историографија, со намера да се потисне нивниот карактер за ослободување на Македонија и борба за нејзина посебност како политички субјект, а да им се даде привидот на „борба за обединување со Бугарија“. Во посебен дел од текстот, Поповски полемизира и ги побива обвинувањата на бугарскиот академик Христо Христов за фалсификување на „Правилата на македонскиот востанички комитет“, односно дека неговото постоење е „измислено“ од македонската историографија со антибугарски цели.
– Надминувањето на разликите меѓу двете историографии, на предрасудите на едните кон другите научни истражувачи од двете земји, и надминувањето на чувството на тенденциозна претпоставеност, е можно со заеднички научни средби посветени на одделни теми, по кои постојат рески контроверзии, со посочување, споредување и анализа на документите, со кои за истите прашања располагаат двете страни. Во таа смисла, кога станува збор за ослободителните борби на Македонците во периодот на Источната криза и за нивниот народносен и национален (македонски или бугарски) карактер, потребно е како одделни прашања да се постават и настаните, актите и документите на Македонската (или Бугаро-македонската) лига од 1879 до 1880 г., за нејзиниот Органски устав за идното државно уредување на Македонија, како и прашањето на Националното собрание на Македонија на Гремен теке 1880 г. и на Привремената влада на Македонија, избрана од тоа Собрание и активна од 1880 до 1881 година.
По првото прашање од едната (бугарска) страна постои комплетен молк со објавениот во Скопје (во 1985 г.) Устав на споменатата Лига, а по второто прашање постојат сосема различни оцени од страна на двете историографии, при што се користат различни документи, без тие да се оценат заемно и критички да се утврдат разликата и релевантноста на документите со кои се служи бугарската, односно македонската страна. Наместо во „ровови“, треба како историографии на блиски и пријателски народи, да се извлече на „полјана“ и да се утврди вистината; и со „отворено срце“ да се прегрне таа како заеднички интерес „…со здраво расудување за иднината“, како што рекол Димитар Поп Георгиев-Беровски во едно од своите писма упатено од Ќустендил до Софискиот комитет од 7 ноември 1878 година – пишува во заклучокот на својот труд од 2015 година историчарот Владо Поповски, две години пред потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.