Фото: Игор Бансколиев

Во контекст на отворената дилема за Македонија како политичка лабораторија за експерименти од секаков вид и со опасни и неконтролирани последици врз државата, политичките аналитичари сметаат дека при поигрувањето со етничноста, сепак, станува збор за поширок балкански политички синдром за самоодржување на политичките елити, со кои, за жал, тонеме во небулози како општество и како држава. Никаде во светот етничноста не е елемент на граѓанскиот статус и на граѓанското општество кон кое се стреми нашата држава, тврдат аналитичарите

СО ЕТНИЧКА ГРАФА ВО ЛИЧНИТЕ КАРТИ МАКЕДОНИЈА БИ БИЛА УНИКАТЕН ПРИМЕР ВО СВЕТОТ

Актуелните дебати во јавноста околу иницијативата за етничката графа во личните карти, со сета своја контрадикторност и променливост во ставовите на политички чинители во Македонија го открива сиот потенцијал за креирање реалност од уште еден апсурд. Иако според сите демократски стандарди и практики, категоријата на лично чувство (и определба), како етничката припадност, не е предмет на означување во јавни исправи со кои се потврдува граѓанскиот статус, политичкиот опортунизам и експериментирањето во Македонија, сепак го искористија како предмет за политички калкулации предлогот на движењето Беса за внесување на графата „етничка припадност“ во обрасците за личните карти за македонските граѓани.
– Личната карта претставува документ за идентификација и доказ на државјанство во земјата, додека пасошот е документ што ја има истата намена за во странство. Ако помине овој предлог за внесување на графата за етничка припадност во личните карти, логично е да се очекува дека наредното барање ќе биде таквата графа да биде внесена и во пасошите. И само со етничката обележаност на личните карти, Македонија би била редок пример во светот, ако не и уникатен, но со можноста тоа да се имплементира во пасошите, би се манифестирала, најблаго кажано – несериозност на државата на меѓународен план. Никаде во светот етничноста не е елемент на граѓанскиот статус – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.

Давитковски понатаму појаснува дека јавните исправи, како лична карта, пасош, изводи од матичните книги… треба да содржат точни податоци, кои државата ги гарантира. Ако некој го тврди спротивното од тоа што е наведено во јавната исправа, треба тоа и да го докаже. Етничката припадност, пак, е категорија на лично чувство (кое може да биде и променливо), за кое доколку е наведено во јавна исправа, државата треба да гарантира дека е точно. Граѓанскиот статус на еден граѓанин пред државата го прават неколку елементи: лична карта, матичен број, лично име (име и презиме), државјанство, живеалиште или престојувалиште… Јавните регистри се водат според овие елементи на граѓанскиот статус и врз нивна основа се издаваат јавните документи, но етничноста не е елемент на граѓанскиот статус.
Политичкото поигрување и пазарање со истакнување на етничноста во јавните документи, според социологот Илија Ацески, е очекуван тек на процесите во развојот на македонското општество, по 2001 година и рамковниот договор, кој создаде (пред)услови за развивање на една општествена контрадикција.
– Западнавме во една длабока општествена противречност. Идејата по осамостојувањето на Македонија беше дека треба да се гради граѓанско општество, во кое етносот се подразбира како лично чувство, додека државјанството е македонско. Но по 2001 г. и со имплементацијата на рамковниот договор, развојот на општеството тргна по една обратна дијалектика на инсистирање на етничноста и нагласување на етничките разлики и протежирање привилегии што произлегуваат од етничката припадност. Во така создадениот амбиент, актуелното политичко манипулирање со иницијативата за внесување на графата етничка припадност во личните карти сепак е недоволно промислено и политички неизбалансирано.

Дури наведува дека е дел од некаков континуиран политички експеримент, но не знаеме кој толку е заинтересиран да експериментира со нас во Македонија. Сепак, за западната демократија, кон која е насочена Македонија, граѓанскиот концепт е примарен и не дозволува доминација на етничноста – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.
Во контекст на отворената дилема за Македонија како политичка лабораторија за експерименти со неконтролиран ефект, професорот Давитковски смета дека сепак во поигрувањето со етничноста се работи за балкански политички синдром.
– За поткрепа дури и на сомневањата за некакво лабораториско тестирање со етничноста во Македонија, би требало идејата или предлогот да биде од некој надворешен политички центар. Сепак, контрадикторноста во изјавите на политичките фактори во земјава за ова прашање, што оди дури и до самопротивречност, укажува дека повеќе станува збор за балкански синдром на самоодржување на политичките елити, со кои, за жал, тонеме во небулози како општество и држава. Оние што евентуално би го изгласале предлогот за етничка графа во личните карти треба да бидат свесни за ризикот за нагласување на етничките разлики во општеството. Етничката припадност е чувство, што државата не може да го гарантира и да го стави во лична карта. За жал, ваквите предлози покажуваат дека сѐ уште не сме зрела држава што може да се развива по демократски принципи – смета Давитковски.


Етничката графа – збунувачка по повеќе основи

Предлогот за опционално пополнување на предложената етничка графа во личните карти, меѓу другото, е во спротивност со стандардите за унифицираност на личните документи. Според таквите стандарди, не е упатно во личната карта кај еден граѓанин да биде наведена етничката припадност, а кај друг таа графа да биде празна. Понатаму, изразувањето на чувството за етничката припадност секако би предизвикало подвоеност и принуда за изјаснување кај граѓаните што потекнуваат од етнички мешани бракови. Тоа се само два примера што укажуваат дека идејата за етничката графа во личните карти, освен задоволување на краткорочен политички интерес, ќе предизвика постојано тестирање на демократските стандарди и основните права на граѓаните во Македонија.