Според аналитичарите, судиите на Уставниот суд би требало да го прекинат одморот и на итна седница да ја разгледаат претставката на Левица, притоа да одлучат како правници, а не како политичари
Иницијативата од партијата Левица, поднесена до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста и законитоста на собраниската одлука за распишување референдум, на концизен начин ги систематизира правните нејаснотии и „превиди“, кои свесно или несвесно се пренебрегнати во брзањето за роковите за спроведување на обврските од спогодбата за Мала Преспа. Правниците и претходно укажуваа на големиот број прекршувања на Уставот на Република Македонија, како и на Законот за референдум, со повеќе моменти во спроведувањето на процедурата за негово распишување – од формалната конструкција на референдумското прашање и карактерот на референдумот, но претставката на партијата Левица до Уставниот суд, таквите забелешки веќе ги става во една законска процедура на правниот систем на државата. Навистина претставката е доставена во период на т.н. судска ферија, па останува да лебди прашањето дали Уставниот суд може да направи пресврт во судбината на референдумот.
– Сметам дека иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за референдум од партијата Левица е сосема во ред, а од правен аспект – јасно и прецизно поставена. Доколку имаме вистински правници во Уставниот суд, а не политичари, извесно е дека треба да бидат прифатени аргументите од претставката – смета професорот по правни науки, д-р Јове Кекеновски.
Во иницијативата од Левица, се бара итна постапка со ретроактивно дејство. Од партијата очекуваа Уставниот суд веднаш по годишните одмори, а пред референдумот да се изјасни, а во случај да не се изјасни можно е и отпосле да ги поништи резултатите од гласањето.
– Првата формална причина е тоа што одлуката ги нема сите седум задолжителни елементи, кои по Законот за референдум мора да ги има. Имено, таа нема образложение и го нема целиот назив за актот по кој се гласа, туку е даден само скратен назив на актот. Исто така не е предвидено гласање на посебни т.е. одделни гласачки ливчиња, онака како што тоа го бара законот. Следната причина поради која ја побиваме оваа одлука е тоа што не е наведен видот на референдумот, што е суштински елемент на одлуката. Имено, нашето право познава пет вида референдум, од тие само два се наведени во одлуката, другите три вида не се наведени, односно не знаеме дали станува збор за претходен, или за дополнителен референдум и не знаеме дали станува збор за факултативен, или за задолжителен референдум. Оттука е невозможно да се оцени правната последица од успехот, или неуспехот на референдумот, што го повредува начелото на правна сигурност – смета Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет во Штип и член на Левица.
Освен тоа, во Левица сметаат дека формата во која е поставено референдумското прашање, претставува стапица за гласачите и е забрането и со нашиот закон, а и со европските стандарди, односно венецијанскиот кодекс на добри практики за референдуми.
Уште еден момент во одлуката за референдум, кој предизвикува правни недоумици, е фактот што за членство во НАТО се применува членот 121 од Уставот, а за членство во Европска Унија членот 120 од Уставот, што значи дека е невозможно да се оцени исходот од референдумот затоа што се бараат различни мнозинства при усвојувањето. Имено едниот дел од референдумското прашање се однесува на членство во меѓународна организација, а другото за влегување во сојуз со други држави.
Левица ја побива одлуката и од материјалноправни причини.
– Консултативен референдум невозможно е да се распише за членство во сојуз или заедница со други држави, како што е тоа случајот со ЕУ, бидејќи членот 121 предвидува задолжителен референдум… Исто така при нашето истражување откривме дека Република Македонија воопшто нема донесено одлука за членство во Европската Унија, има само три собраниски декларации, еден договор за стабилизација и асоцијација и една апликација за членство од 2004 година, но изостанува одлуката, која би било потребно да се верификува на референдум – истакна професорот Апасиев.
Последната причина за побивање на одлуката за референдум, објаснува Апасиев, е тоа што не е ратификуван договорот што се става на референдумско изјаснување.
– Собранието се доведе само себеси во пат-позиција, имено правно нерешлива позиција, затоа што ниту може да распише претходен референдум, затоа што договорот е веќе склучен, а тоа би требало да се распише пред да го склучуваат, а ниту може да распише дополнителен референдум, затоа што нема закон што би одел на референдумско изјаснување, бидејќи претседателот одби да го потпише – појаснува Апасиев.
Претставката на Левица до Уставниот суд, покрај барањето за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за референдум на Собранието, оставајќи ја и можноста за поништување на резултатите од референдумот, сепак предизвикува и размислување што ќе се случува со спогодбата од Мала Преспа по референдумот, независно од тоа какви ќе бидат резултатите. Имено, премиерот Заев веќе нагласи дека доколку граѓаните не излезат да се изјаснат на референдумот и не биде постигнат цензусот, тоа ќе значи дека одлуката им ја оставаат на институциите на државата.
– Доколку сме правна држава, не треба да се ставаме во ситуација на исчекување дали поминал, или не поминал референдумот. Евидентно е дека се направени многубројни прекршувања на законитоста при донесувањето на одлуката за референдум и дека граѓаните се ставени пред свршен чин да се изјаснуваат (консултативно) за спогодба, која е веќе потпишана од претставниците на власта. Во оваа ситуација, судиите на Уставниот суд би требало да го прекинат одморот и на итна седница да ја разгледаат претставката на Левица, притоа да одлучат како правници, а не како политичари – вели професорот Јове Кекеновски.