Фото: Дарко Андоновски

Иако се сметаше дека спорот со Грција досега беше и најголема пречка на нашиот пат кон ЕУ, се покажа дека и не било така. Зашто и по решавањето на спорот со спогодбата од Преспа, на Македонија ѝ се наметнуваат нови барања и услови што треба да ги исполни, како што впрочем се практикуваше и со години. Која е причината и што мислат експертите за ова

Иако во Брисел е видливо расположението кај мнозинството земји-членки на Унијата на самитот во јуни да донесат одлука за почеток на преговори со нашата земја, во исто време почнувањетo на преговоритe се условува со нови критериуми. Како нова точка што сега се издига на ниво на барање од официјален Брисел за добивање зелено светло за почеток на преговори со Унијата, покрај имплементација на спогодбата со Грција, спроведување на реформите во земјава, спречување на корупцијата, сега се посочува Законот за СЈО, односно продолжување на мандатот на специјалното обвинителство.
Иако се сметаше дека спорот со Грција досега беше и најголема пречка на нашиот пат кон ЕУ, се покажа дека и не било така. Зашто и по решавањето на спорот со спогодбата од Преспа, на Македонија ѝ се наметнуваат нови барања и услови што треба да ги исполни. Притоа се добива впечаток дека новите услови варираат и зависат и од дневнополитичките состојби и случувања како внатре во Унијата така и во нашата земја, а не од прецизно утврдени критериуми за членство во Унијата како за сите други држави. Низ годините на Македонија постојно ѝ се наметнуваа нови услови и барања што треба да се исполнат.

Во тој по малку разочарувачки и условувачки тон на наша адреса прозвучи и последната изјава на еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, кој посочи дека токму Законот за СЈО станува услов за почеток на преговори со ЕУ. Еврокомесарот додаде дека ако за членството во НАТО работата е речиси завршена, за ЕУ патот не само што ќе биде долг, како што вели тој, туку сѐ уште е неизвесно и кога ќе почне.

– Се чини дека сите ги фалат мерките преземени од Владата, но и честата поддршка од опозицијата, што, исто така, е важно за позитивно расположение меѓу земјите-членки за добивање датум. Ако една цел, како што е идното членство во Унијата, е поддржано од сите клучни играчи во една земја, се смета дека е национална цел. Но уште еднаш, борбата против корупцијата и Законот за специјалното обвинителство и за безбедносните служби се суштинските елементи за следните неколку недели, кои мора да видиме како во иднина ќе се имплементираат. Сепак, сите беа јасни дека ова е почеток на едно долго патување – изјави Хан по работниот појадок на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Брисел.

Ваквите предупредувачки сигнали, кои во последниот период сѐ повеќе пристигнуваат на наша адреса, а кои се однесуваат на критериумите што треба да се постигнат преку реформскиот процес, за да се добие датум за преговори со ЕУ налето, во домашната јавност ја наметнуваат дилемата дали може да се случи Македонија, и покрај постигнатиот договор со Грција, но и почнувањето на процесот за реформирање за приспособување кон европските стандарди, сепак и ова лето да не добие датум за почеток на преговори со Брисел. Експертите имаат поделено мислење на оваа тема. Тие во исто време апелираат надлежните да ја сработат својата домашна задача во делот на реформите, независно од тоа дали е можно да се случи во јуни или нешто подоцна.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека Унијата никогаш не била принципиелна барем кон Македонија.

– Уште во 2001 година, кога ни го наметнаа Охридскиот рамковен договор, ветувањето беше дека така се отвора патот за брз прием. Оттогаш се случија многу работи, а ние секогаш си останувавме каде што си бевме, иако ги исполнувавме сите нивни барања. Конкретно, СЈО е само начелен проблем, бидејќи Франција, а многу блиску со неа и Холандија не се подготвени да почнат преговори со Македонија ваква каква што е. Тоа само покажува дека проблемот за името и нашата безусловна капитулација што следуваше не беа воопшто валоризирани и не беше направен некаков договор со ЕУ дека, да, ќе го жртвуваме народот, ама што ќе дадете вие. Нашите мудреци очигледно немаат капацитет за такво нешто – оценува Никовски.

Од друга страна, професорот Нано Ружин вели дека сите тие држави-членки на ЕУ што се вклучени во овој процес на преговори со новите земји-аспиранти се принудени да внимаваат што говорат во однос на идното проширување на Унијата кон Балканот, бидејќи тоа може многу да им се одрази во домашната политика. Тој додава дека сите ЕУ-земји имаат голем внатрешен притисок од опозицијата и во овој момент многу е тешко да се прогнозира дали земјава ќе добие датум за преговори во јуни.

– Ние го положивме испитот за отворање на преговорите. Добро би било да се договори СЈО, што значи да се врати во земјава владеење на правото, кое впрочем е и дел од агендата на нашата влада. Убаво би било да се продолжи работата на СЈО, бидејќи доколку не се продолжи, ќе имаме големи проблеми во правосудството, проблем што се провлекува низа години и константно се посочува од Брисел, па затоа, всушност, тоа сега се наметнува и како нов услов. Доколку работата на специјалното обвинителство се сруши, се враќаме чекор назад на патот кон ЕУ – вели професорот Ружин.

Според него, власта и опозицијата треба да покажат конструктивност во пресрет на јунскиот самит на ЕУ, меѓу другото и поради притисокот од меѓународната заедница.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Димитров: Горди сме на постигнатото ни претстои уште многу работа

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на 15-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, вчера во Брисел истакна дека досегашниот успех на земјава ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнувањето на нашите стратегиски определби.
– Горди сме на постигнатото и перспективите што ги отворивме за Северна Македонија. Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнување на нашите стратегиски определби. Северна Македонија денес е земја од регионот, а можеби и пошироко, која нема отворени прашања со соседите, а границите ѝ се дефинирани и неоспорни. Се надеваме нашиот пример ќе послужи и ќе придонесе за унапредување на стабилноста во целиот регион – изјави Димитров.

 

[email protected]