Програмата за остварување на социјалната заштита за 2019 е усвоена од страна на Владата на синоќешната 113. седница. Оваа програма ќе почне да се применува од 1 јануари.
Од владината прес- служба информираа дека на седницата е донесена и Програмата за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со тешка и најтешка телесна инвалидност, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, за 2019 година.
Од пакетот социјални програми на Министерството за труд и социјална политика усвоени се и Програмата за развој на дејноста за заштитата на децата, Програмата за субвенциoнирање на потрошувачката на енергија, како и Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2019 година.
– Овие програми се усвоени на оваа седница бидејќи на нив им претходеше неопходното усвојување на Буџетот на Република Македонија за 2019 година за да можат да се реализираат веднаш со првиот ден од новата година, истакнуваат од Владата.
Министрите ја разгледале и Информацијата за вклучувањето на децата Роми во предучилишно образование и им е препорачано на градоначалниците, опфатени во оваа информација, да го свикаат Советот на општината и да ја разгледаат можноста за ослободување од партиципација на 450 ромски деца на возраст од три до шест години за престој во детските градинки од 1 декември годинава до 31 декември следната година.
На владината седница е усвоена и Одлуката за времетраењето на јавниот повик и бројот на јавни повици за пријавување на граѓани за добивање на субвенциониран станбен кредит во 2019 година, со што на граѓаните ќе им се овозможат по поволни услови да дојдат до сопствен дом.
Владата ја усвоила и Програмата за интеграција на лицата на кои им е признаено правото на азил во Република Македонија за 2019 година.
Донесена е и одлука за пренамена на осум милиони денари преку Програмата за приватно-јавни непрофитни високообразовни установи со што Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ ќе добие три милиони денари, Универзитетот на Југоисточна Европа 3,1 милиони денари, а Факултетот за исламски науки 1,9 милиони денари.