Во текот на вчерашниот ден, Управниот суд ги отфрли како неосновани сите 75 тужби поднесени од Алијанса за Албанците/Алтернатива, откако претходниот ден ги одби половината. Отфрлени беа и тужбите на политичката партија Интегра и на едно физичко лице.
– Управниот суд ја информира јавноста дека заклучно со 22.7.2020 година, се донесени вкупно 77 одлуки од кои, 75 одлуки по тужби поднесени од тужителот Алијанса за Албанците и Алтернатива, една одлука по тужба поднесена од тужителот Интегра македонска конзервативна партија, како и една одлука по тужба поднесена од тужителката Живка Арсовска и по истите тие се донесени пресуди со кои тужбите на тужителите се одбиваат како неосновани и решенијата на Државната изборна комисија се потврдуваат – соопшти Управниот суд на својата веб-страница.
Судот ја имаше донесено таа одлука до затворањето на денешниот број на весникот, но во текот на денот продолжи со јавни расправи по поднесени тужби од политичките партии Левица, Социјалдемократска унија, МОРО – Работничка партија и Демократи, чии одлуки треба да бидат јавно соопштени по завршувањето на расправите во законски определените рокови.
Крајниот рок за Управниот суд да одлучи по тужбите на партиите е 60 часа од поднесувањето на тужбата. По завршувањето на постапките во Управниот суд, ДИК може да ги објави конечните резултати на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули.
Претходно Државната изборна комисија ги отфрли сите 2.142 приговори на партиите што учествуваа на изборите.